1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снегот донесе сообраќаен хаос во Скопје и низ државата

21 јануари 2026

Снегот предизвика сообраќаен хаос во Скопје и блокади низ државата. ЦУК, РСБСП и институциите со апели за внимателно возење.

https://p.dw.com/p/57AYv
Снег во Скопје, 12 јануари 2025
Снегот го расчисти воздухот, но ги блокираше патиштата. фото:архиваФотографија: Umeys Sulejman/Anadolu/picture alliance

Снегот што од ноќеска паѓа во Скопје предизвика сообраќаен хаос во главниот град. Граѓаните утринава, на пат кон работните места и училиштата, затекнаа неисчистени булевари и улици, со присуство на снег и мраз на поголемиот дел од сообраќајниците.

На дел од патиштата каде што има поголема фреквенција на возила, снегот е делумно стопен, но движењето сè уште е отежнато. 

Орце Ѓорѓиевски: Екипите на Град Скопје се постојано на терен

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека уште од раните утрински часови екипите на Град Скопје се целосно ангажирани во расчистување и посолување на улиците и булеварите под градска надлежност.

„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска. Кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење на сите критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, вели Ѓорѓиевски.

Тој упати апел за внимателно возење, почитување на сообраќајните правила и прилагодување на брзината според зимските услови.

Апел од ЦУК: Патувајте внимателно и со зимска опрема

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираат граѓаните да патуваат само доколку е неопходно, со полни резервоари и задолжителна зимска опрема, особено на планинските превои и повисоките места, каде може да се формираат снежни навеви и временски блокади.

Од ЦУК препорачуваат жителите на руралните и повисоките населени места навремено да се снабдат со храна и лекови, а пешаците да се движат внимателно поради опасност од голомразица. Во случај на итност, граѓаните можат да се јават на бројот 112.

Состојба на патиштата низ државата

Скопски регион

  • Зимската служба е со целосна механизација на терен
  • Забележани блокади поради дефекти и тестирање на системот „Сејф сити“
  • Јавниот автобуски превоз не сообраќа до крајните линии

Други региони

  • Куманово, Велес, Кавадарци, Битола – патиштата се проодни со зимски услови
  • Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – забрана за тешки товарни возила
  • Пресека, Ќафасан – активни сообраќајни забрани

Министерството за транспорт информира дека сите државни патишта се проодни, но се препорачува исклучително внимателно возење.

Апели од РСБСП за зголемена безбедност

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира возачите да бидат одговорни и внимателни во зимски услови. „Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат поголема концентрација при управување со возилото“, велат од РСБСП.

Се препорачува задолжително користење зимска опрема, проверка на возилото пред патување и одржување безбедно растојание.