1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплави и евакуации поради обилни дождови

8 јануари 2026

Обилни дождови предизвикаа поплави, одрони и евакуации во Кичево, Охрид и Гостивар. ЦУК и службите интервенираат на терен

https://p.dw.com/p/56VIg
Поплавена улица во Скопје, три возила поминуваат низ водата 13.09.2014
Поплавена улица во Скопје (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Обилните дождови што ја зафатија Македонија предизвикаа поплави, одрони и сериозни проблеми во сообраќајот. Во повеќе региони се извршуваат евакуации, а службите за итно дејствување се на терен за справување со кризата.

Кичево: Евакуирани 100 лица поради поплави

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни поплави во Кичево. На улицата „Прилепска“ се евакуирани околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Црвениот крст и Дирекцијата за заштита и спасување обезбедија храна, вода, душеци и ќебиња.

Излеана е Зајашка река кај стадионот „Влазрими“, а реката Треска поплави земјоделско земјиште во селата Бигор Доленци и Вранешти.

Охрид и Гостивар: Излеани реки и непроодни патишта

Во Охрид, реката Далјан е излеана на повеќе локации, поплавувајќи куќи, подруми и дворови. Кризниот штаб е на терен и координира спасувачки активности.

Во Гостивар, патот меѓу селата Форино и Тумчевиште е речиси непрооден. Лакавичка река се излеа кај Мало Турчане, а Сушечка река во Горна Бањица. ЦУК апелира граѓаните да избегнуваат патување на ризични делници.

Битола и Преспа: Зголемен водостој и поплавени домови

Во Битолскиот и Преспанскиот регион поплавени се куќи и дворови. Кризниот штаб на Општина Битола свика итен состанок за координација на активностите.

Според УХМР, нивото на Преспанското и Дојранското Езеро е зголемено за два сантиметра, а Охридското за еден сантиметар. Водостоите на реките се зголемени двојно, па и тројно во однос на вчера.

УХМР прогнозира понатамошно зголемување на водостоите на Вардар кај Велес и Демир Капија, како и на Пчиња кај Катлановска Бања.

Снежни врнежи и ограничувања во сообраќајот

Поради снег на патот Тетово – Попова Шапка, од 9:25 часот е воведена забрана за автобуси, а за автомобили е задолжителна зимска опрема. АМСМ информира за забрани за камиони на патот Струга – Ќафасан и на ГП Ники (Меџитлија) за товарни возила до 10 јануари.

Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка: -4°C, со снежна покривка од 31 сантиметар.