1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се збиваат редовите зад Вучиќ - се формира „Народно движење“

Ивица Петровиќ
14 март 2023

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вo саботата започна кампања за формирање на Националното движење за одбрана на Србија. Која е неговата цел, освен создавање поширок фронт за „одбрана на Вучиќ“ од критики?

https://p.dw.com/p/4Ocg6
Александар Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, в сабота започнува кампања за формирање на Националното движење за одбрана на Србија.Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Политичката ситуација во Србија е комплицирана, а властите се обидуваат да ја направат уште покомплицирана. Вака би можеле да се толкуваат најавите за формирање на таканареченото Народно движење за одбрана на Србија околу претседателот Александар Вучиќ. Тоа би било куриозитет - доколку лидерот на далеку најсилната партија и човекот кој на претседателските избори добива повеќе од половина од гласовите, создава нова политичка организација. 

Движењето беше најавено уште минатата година, но до денес не е појаснето кои ќе бидат точните цели или кои ќе бидат критериумите за прием на членови. Единствено беше најавено дека движењето ќе биде отворено за политички организации, но и за непартиски личности, интелектуалци, работници и селани. 

Лидерите на Српската напредна партија (СНС) најчесто изговараат фрази за „отвореноста на движењето за сите добронамерни луѓе кои сакаат да ја зачуваат Србија“, или како „блок на пристојна Србија“. Критичарите го гледаат како нова поделба во Србија, каде што секоја критика на владата би била прогласена за левичарски или десничарски екстремизам.

Засега не се знае правниот статус на идното движење, дали ќе биде неформална организација или ќе учествува на избори. Претседателот Вучиќ тврди дека движењето „ќе го задржи својот непартиски карактер и дека неговото формирање нема да значи укинување на СНС“. 

Причината е договорот за Косово? 

Ако правилно се толкуваат зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ, тоа треба да биде движење кое наместо цврсто да се залага за Запад или Исток, ќе биде на некаков трет пат, кој пред се би ги имал предвид интересите на Србија. 

Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки за ДВ вели дека „на основа на неколку кратки реченици навистина е тешко да се утврди што е поентата“.

„Доминантниот наратив е дека СНС е во криза - што не го гледам врз основа на резултатите - и дека со основање нешто ново, ќе излезе од таа криза. Клучниот проблем е што бројот на актери кои би се појавиле таму е ограничен. Допрва ќе има значителен дел од функционери на СНС, па не гледам како тоа ќе биде претставено како нешто ново“, оценува нашиот соговорник.

Бојан Клачар, извршен директор на ЦеСИД, смета дека главниот мотив е „потребата СНС да се реформира“. Ова дополнително му овозможува на Вучиќ да го одржи ветувањето пред гласачите и да ја напушти функцијата претседател на СНС и да продолжи со политичките активности преку ова движење. Важна причина е тоа што на овој начин се почнува предизборната кампања“, посочува Клачар. 

Интересен момент е потенцирањето на одбраната на Србија, но тука се поставува прашањето за одбраната од кого: надворешни фактори или опозицијата која не ги дели ставовите и политиките на Александар Вучиќ, особено кога станува збор за решавање на косовскиот проблем .

Душан Спасојевиќ смета дека ова е обид да се збијатат редовите зад Вучиќ. „Јасно е дека се работи за контекстот на договорот со Косово и обидот да се оправда или објасни пред гласачите. Притоа, не гледаме некоја посебна артикулација на незадоволство, но претпоставувам дека за Вучиќ е недозволиво какво било намалување на рејтингот“, забележува Спасојевиќ.

Александар Вучиќ Албин Курти
Договор кој постои и не постои, се прифаќа и не се прифаќаФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Дистанца од десницата

„Ако веќе се зборува за дистанцирање, тоа е пред се дистанцирање од радикалната десница, бидејќи сите што велат дека прашањето за Косово треба да се врати во уставната рамка на Србија, зборуваат за решенија кои не се можни“, изјави Бојан Клачар за ДВ.

Спасојевиќ вели дека ваквото движење би ја одбранило секоја политика на Вучиќ – без разлика дали ќе се договори или не со Приштина. „Движењето ќе има за цел да го одбрани патриотизмот на Вучиќ и да спречи тој да биде доведен во прашање. Таму сите ќе се занимаваат само со тоа да го бранат Вучиќ, да му слават роденден и да му укажат дека сите освен него се против народот и државата“, истакнува Спасојевиќ.

Веќе е забележано дека на овој начин претседателот на СНС се обидува да ја ребрендира партијата и да се огради од многубројните афери наталожени во речиси единаесет години на власт.

Тешко е да се каже дека СНС дојде до политички банкрот, бидејќи партијата се уште има висока поддршка од гласачкото тело, но секако е признание дека трагите од бројните афери и огромното богатење на поединци тешко се сокриваат.

Бојан Клачар смета дека е подобро да се зборува „за идејата да се обнови енергијата во партијата, да се воведат некои други луѓе во неа или да се заблагодариме на некои луѓе за нивната соработка“.

„Можно е преку ова движење Александар Вучиќ да се осврне на некои негативни појави поврзани со СНС и доколку изборните резултати се полоши од очекуваното, да се најде начин да се задоволат интересите на партијата и на гласачите“, нагласува извршниот директор на ЦеСИД.

Србија парламент
Идејата е да се дистанцира од радикалната десницаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

СНС е невозможно да се реформира?

Лидерите на СНС прилично инсистираат, а ги предводи Александар Вучиќ, дека ова ќе биде пресметка со оние кои имаат голема корист од партијата и ја искористиле за лично богатење.

Дури и да беа искрени тие намери, се поставува прашањето дали СНС е политичка партија способна да се реформира? Душан Спасојевиќ смета дека тоа е веројатно невозможна мисија.

„Ова е којзнае која по ред најава за справување со мангупите во сопствените редови“, вели Спасојевиќ. „Додека некој навистина не биде исфрлен од партијата, уапсен, процесуиран и правосилно осуден, не се зборува за воспоставување ред или за темелно чистење на партијата. Така ќе биде и овој пат, бидејќи се друго би било давање поголема слобода на обвинителството со сите политички последици што би ги предизвикала“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема