1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Сѐ што треба да знаете за историските избори во Турција

13 мај 2023

Кои се главните актери на изборите, може ли Ердоган навистина да загуби, а опозицијата да не добие мнозинство во парламентот и зошто глобално се толку важни овие избори во Турција. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4RIYz
Изборни плакатти на Реџеп Таип Ердоган и на Кемал Киличдароглу во градот Санлиурфа во југоисточна Турција
Изборни плакатти на Реџеп Таип Ердоган и на Кемал Киличдароглу во градот Санлиурфа во југоисточна ТурцијаФотографија: OZAN KOSE/AFP/Getty Images

Во Европа, на Блискиот Исток, а и преку Атлантикот, речиси и да нема избори кои со толку внимание и очекување се следат како неделното гласање во Турција за избор на претседател и новиот парламент. По сите нешта тие ќе бидат референдум за долгото владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој доминира со земјата цели 20 години.

Негов главен противкандидат е Кемал Киличдароглу, избор на шестчлената еклектичка опозициска коалиција на на центристи, левичари, десничари и националисти. Ситуацијата изгледа дополнително се искомплицира за Ердоган откако во четвртокот, на само три дена пред гласањето, од трката се повлече еден од четворицата кандидати Мухарем Инџе, што веројатно ќе предизвика поголем дел од неговите поддржувачи гласовите да ги дадат за Киличдароглу.

Ердоган (69) ја води Турција од 2003 година, кога стана премиер. На почетокот тој доби признанија како исламистички демократ, чија цел беше од земјата да направи мост меѓу муслиманскиот свет и Западот. Но, тоа беше во првите десетина години кога земјата доживеа економски процут и силно го зголеми влијанието на Турција не само во регионалните, туку и во глобалните работи. Потоа нештата се променија, особено по неуспешниот државен удар во 2016 година. Оттогаш турскиот систем се претвори во владеење на еден човек, а економската криза се влошуваше од година во година. Катастрофалниот земјотрес во февруари стави дополнителна сол на раната, не само поради тоа што загинаа 50.000 луѓе, туку и поради тоа што на површина излегоа јавашлукот и корупцијата во забрзаната изградба.

Еве водич за тоа што треба да знаете за неделните избори во Турција?

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Како се спроведуваат изборите во Турција?

Турција одржува избори на секои пет години. Претседателските кандидати можат да бидат номинирани од партиите кои го поминале прагот од 5 отсто гласачи на последните парламентарни избори или оние кои собрале најмалку 100.000 потписи за поддршка на нивната номинација.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие повеќе од 50% од гласовите во првиот круг, но доколку ниту еден кандидат не добие мнозинство гласови, изборот оди во втор круг помеѓу двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови во првиот круг. Второто претседателско гласање, доколку се одржи, ќе биде на 28 мај.

Парламентарните избори се одржуваат во исто време со претседателските. Турција го следи системот на пропорционална застапеност во парламентот каде што бројот на места што една партија ги добива во законодавниот дом од 600 места е директно пропорционален на гласовите што ги добива.

Изборниот праг за влез во парламентот е 7 отсто – истиот цензус важи и ако партиите одат сами и ако се во коалиција.

Гласачките места се отвораат на 14 мај во 8 часот по локално време и се затвораат во 17 часот. Првите резултати медиумите ќе почнат да ги објавуваат по 21 часот по локално време, а неофицијалните резултати се очекува да почнат да течат околу полноќ.

На гласање треба да излезат околу 61 милион гласачи во 87 изборни единици. Излезноста вообичаено е многу голема, над 80 отсто. Дури 5 милиони млади луѓе сега прв пат ќе излезат на гласање. Десетина дена пред изборите во Турција големата турска дијаспора веќе гласаше во странство. Има околу 3,4 милиони граѓани со право на глас во странство – од нив 1,5 милиони само во Германија.

Како што ќе се појавува појасна слика рано наутро во понеделник, може да има објава за победа ако еден кандидат ако има јасно водство, иако официјалните резултати од Врховниот изборен совет на земјата веројатно ќе се објават дури по неколку дена.

Гласачки ливчиња за изборите во Турција
Гласачки ливчиња за изборите во ТурцијаФотографија: Murat Kocabas/SOPA Images/picture alliance

За што се работи?

Сосем веројатно, изборите ќе го одредат идниот курс за Турција, која е една од 20-те најголеми светски економии и членка на НАТО. Политичките аналитичари велат дека исходот може да одекне многу подалеку од границите на Турција. Тие го сместуваат Ердоган во класата на лидери со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кои дојдоа на власт преку избори, а потоа ги еродираа демократските институции. Ако Ердоган ја загуби власта преку избори тоа ќе им даде на луѓето многу надеж дека автократскиот наплив може да се врати назад, велат познавачите.

Турската економија е во неволја. Инфлацијата е околу 50%, пониска од највисокото ниво од 85% во 2022 година. Валутата, лирата, изгуби 80% од својата вредност во изминатите пет години.

Владата беше критикувана за нејзиниот првично бавен одговор на катастрофалните земјотреси. Природната непогода покрена прашања за тоа дали владата сноси одговорност поради големиот број неквалитетни градежни проекти во последниве години кои придонесоа за високиот број на жртви.

За второто големо прашање, лизгањето на Турција во авторитаризам, мислењето останува остро поделено. Ердоган нагласува дека оние што велат оти демократијата умира се елитното малцинство кое го сака Западот, додека тој сака да ги однесе Турција и патриотските Турци до поголеми височини. Неговата лојална изборна единица од руралните муслимани од средната класа досега се согласуваше. Прашање е колкава ќе биде таа согласност в недела.

Изборите може да влијаат и на геополитичката позиција на Турција. Односите на земјата со САД и другите сојузници на НАТО се затегнати бидејќи Ердоган ги засили врските со Русија, одржува контакти со Москва и по нејзината инвазија на Украина, а го спречува влегувањето на Шведска во НАТО откако по тешки убедувања се согласи да ја крене рампата за Финска да се приклучи на Алијансата.

Кога Ердоган стана премиер во 2003 година, многу Турци го гледаа како динамична фигура која ветуваше светла економска иднина. И за многу години неговата влада испорача. Приходите се зголемија, со што милиони Турци станаа средна класа, беа изградени нови аеродроми, грандиосни мостови, патишта и болници низ целата земја. Тој, исто така, ја намали моќта на секуларната елита во земјата и ја скроти војската, која имаше големо влијание од основањето на Турција во 1923 година.

За сите овие 20 години Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) лесно победуваа на изборите и на референдумите што му дозволија на Ердоган да преземе уште поголема моќ, главно со поддршка на посиромашните, религиозно конзервативни гласачи.

Предизборна атмосфера во Истанбул
Предизборна атмосфера во ИстанбулФотографија: Zorica Ilic/DW

По обидот за државен удар во 2016 година, неговата влада затвори десетици илјади луѓе под обвинение дека припаѓаат на религиозното движење ФЕТО на Фетула Ѓулен, негов поранешен близок сојузник, наводно оркестратор на пучот. Повеќе од 100.000 лица беа отстранети од државните работни места. Турција е во светскиот врв по бројот на затворени новинари.

Кои се главните кандидати на изборите?

Реџеп Таип Ердоган, актуелен претседател

Ердоган во своето 20-годишно владеење ја исламизираше жестоко секуларната република основана од Кемал Ататурк. Ататурк, прославен воен командант и државник, ја обликуваше модерната Турција главно преку силата на неговата сопствена личност и популарност, го воведе латиничното писмо наместо арапското, го забрани отвореното прикажување на религијата, им даде на жените еднакви граѓански и политички права и го претвори отоманскиот султанат во демократија. Иако почина уште во 1938 година, Ататурк останува највисокиот лидер што Турција некогаш го има изнедрено. Многумина веруваат дека Ердоган, харизматичен и популарен, се обидува да го замени.

Ердоган ја освои популарноста во рурална Турција, која долго време чувствуваше дека нема ништо заедничко со урбаната елита и сакаше со право да ја практикува јавно својата религија (носењето шамии во јавните институции беше забрането во Турција, а тоа Ердоган го отфрли). Во неговите почетни години, тој дури и му се додворуваше на курдското малцинство, ветувајќи им поголема слобода на културното и идентитетското изразување.

Тоа беше првата деценија од неговото владеење. Неговите подоцнежни години се карактеризираат со неправилни економски политики и обвинувања за кронизам и брутална акција против неистомислениците, печатот и малцинствата. Курдските политички лидери се затворани и гонети поради наводни врски со Курдистанската работничка партија или ПКК, која е означена како теористичка од страна на САД и ЕУ.

На актуелните избори тој е кандидат на Народната алијанса, коалиција на неговата АКП и неколку помали, десничарски партии. Тој им кажа на гласачите дека Западот се здружува за да го порази поради неговата агенда „Турција на прво место“.

Кемал Киличдароглу, лидер на „Масата од шестмина“

Кемал Киличдароглу (74) е претседател на најголемата турска опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), која беше основана од Ататурк. Како пензиониран државен службеник, тој се појави како главен предизвикувач на Ердоган, откако шест опозициски партии, познати како „Масата од шестмина“, го избраа за свој заеднички кандидат.

Благиот Киличдароглу - наречен „Ганди Кемал“ од турските медиуми поради неговата очигледна физичка сличност со Махатма Ганди - се позиционираше како контраст на лутиот претседател, правејќи видеа од кампањата од неговата кујна и зборувајќи за секојдневни прашања, наспроти на меѓународните заговори за кои зборува претседателот.

Неговиот избор за кандидат на опозицијата беше примен со воздржаност, бидејќи многумина сметаа дека тој не е доволно харизматичен за да се соочи со Ердоган. ЦХП под негово раководство од 2010 забележа бројни изборни порази, но имаше триумф во 2019 година, кога нејзините кандидати победија на изборите за градоначалници во пет од шесте најголеми провинции во Турција, вклучувајќи го главниот град Анкара и клучниот град Истанбул. Градоначалниците на двата града, Екрем Имамоглу од Истанбул и Мансур Јаваш од Анкара, се во трката како заедничко лице на опозицијата.

Киличдароглу и неговите сојузници ветија сузбивање на корупцијата, контрола на инфлацијата, враќање во парламентарна демократија и изготвување план за преселување на бегалците назад во Сирија. Нивниот слоган е „Ветувам, пролетта повторно ќе дојде“.

Останатите пет партии во овој сојуз се кемалистичката Добра партија, конзервативната исламистичка Партија на среќата, сега прилично незначајната Демократска партија и Партијата на иднината и Партијата за демократија и напредок, и двете основани од поранешни сојузници на Ердоган.

Алијансата има поддршка од прокурдската Демократска партија на народите (ХДП). Но, ХДП нема формално место во групата поради нејзините наводни врски со ПКК.

Синан Оган, националистички кандидат

По откажувањето на Мухарем Инџе од трката во четвртокот Турците ќе можат да гласаат за уште еден кандидат, Синан Оган, поранешен член на националистичката МХП. Оган нема никакви шанси да победи, но може да пренасочи дел од гласовите на националистите, особено од оние кои сметаат дека Добрата партија се префрлила премногу блиску до центарот, а МХП премногу надесно. Оган го поддржува и враќањето на земјата во парламентарен систем.

Комбинирана фотографија од тројцата кандидати на претседателските избори во Турција: Кемал Киличдароглу, Реџеп Таип Ердоган и Синан Оган
Комбинирана фотографија од тројцата кандидати на претседателските избори во Турција: Кемал Киличдароглу, Реџеп Таип Ердоган и Синан ОганФотографија: ANKA

Кој се кандидира за парламентот?

Има 26 партии и пет коалиции на гласачкото ливче. Тие ќе се борат за 600 пратенички места. Изборниот праг е 7 проценти. Ова се главните играчи:

Народна алијанса: Претставувајќи го сегашното парламентарно мнозинство, алијансата се состои од владејачката конзервативна АКП, екстремно десничарската Партија за националистичко движење (МХП), исламистичката и ултранационалистичката Партија за големо единство и исламистичката Нова партија на благосостојба. Сите четири се појавуваат посебно на гласачкото ливче.

Сојузот на нацијата: Исто така познат како „Масата на шестмина“, главната опозициска алијанса обединува различни идеологии, сите фокусирани на враќање на парламентарниот систем на земјата, како и ветувања за брзо намалување на инфлацијата, зголемување на приходот по глава на жител. враќање на сириските и авганистанските бегалци назад во нивните земји и продолжување на разговорите за членство во ЕУ.

Само Добра партија ќе се појави сама на гласачкото ливче, а сите други се во коалициската листа со ЦХП.

Сојузот на трудот и слободата: Оваа левичарска алијанса технички се состои од Зелената левичарска партија и Работничката партија на Турција. Сепак, самите зелени левичари имаат кандидати од четири различни партии, вклучувајќи ја и прокурдската Демократска народна партија (ХДП) - третата по големина опозициска партија во земјата. ХДП не се кандидира за кандидати за парламент под свое име поради судски спор што е во тек поради кој можеше да ѝ биде забрането да учествува на изборите.

Што ќе се случи ако Ердоган загуби?

Некои аналитичари велат дека ако Ердоган ги загуби гласовите со мала разлика, тоа му отвора можност да ги оспори резултатите, според искуството од минатото. За време на изборите за градоначалник на Истанбул во 2019 година водството на ЦХП беше особено тесно, и на крајот доведе до одлука на Врховниот изборен совет за прегласување на што опозицијата силно се спротивстави. Кандидатот за градоначалник на Истанбул на ЦХП, Екрем Имамоглу, на прегласувањето победи со уште поголема разлика, нанесувајќи му удар на Ердоган.

Сега е прашање дали изборната комисија може да попушти ако Ердоган тесно губи и да побара да се пребројуваат гласовите, па дури и ново гласање. Изборната комисија ќе биде крајниот арбитер на трката.

Во извештајот на Фридом Хаус од 2023 година се вели дека судиите на Врховниот изборен совет „се назначуваат од судските тела во кои доминира АКП и честопати водат сметка за АКП во нивните одлуки“.

Предизборен митинг за поддршка на претседателот Ердоган и неговата партија АКП во Анкара
Предизборен митинг за поддршка на претседателот Ердоган и неговата партија АКП во АнкараФотографија: Cagla Gurdogan/REUTERS

Што велат анкетите?

Еуфоријата што ја шири опозицијата дека Киличдароглу е пред победа може да биде погрешна, затоа што има причини да се биде многу внимателен: речиси 90% од анкетарите во Турција немаат висок степен на доверба. Голем дел од нив служат како машинерија на масовни манипулации во корист на власта или опозициските партии. Има само неколку веродостојни анкетари, кои покажуваат благо водство на Кемал Киличдароглу со 3-5 процентни во претседателската трка (според „Метропол“). Најновите податоци на две други агенции, „Конда“ и „Панорама“, треба да ја загрижат опозицијата, бидејќи покажуваат предност на владејачките партии на парламентарните избори од 5 процентни поени. За АКП клучот за мнозинство во парламентот е дали националистите од МХП ќе го преминат цензусот од 7 отсто. Во сите анкети тие се или малку под него или малку над него.

Последните анкети, пак, му даваат добра предност на Кемал Киличдароглу. Киличдароглу доби важен поттик во четвртокот кога се повлече Инџе и тоа може да ги преобликува последните денови од кампањата. Главниот турски берзански индекс скокна за 6 отсто откако Инџе ја даде шокантната најава пред седиштето на неговата партија во Анкара. Финансиските пазари реагираа позитивно со оглед на тоа што Киличдароглу вети дека ќе ја смени неортодоксната економска политика на Ердоган.

Истражувањето на анкетарот „Конда“ покажа поддршка за Ердоган од 43,7 отсто и Киличдароглу од 49,3 отсто, а тоа е недоволно за победа во првиот круг. Според многу анализи, доколку има втор круг на 28 мај Ердоган ќе биде фаворит.

Анкетата е спроведена од 6 до 7 мај, пред објавата на Инџе. „Можноста за победа на Кемал Киличдароглу се зголеми со повлекувањето на Инџе. Не би бил изненаден ако добие 51 отсто“, рече Бекир Агирдир, менаџер на „Конда“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи