1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Ердоган со лажно видео го обвинува противникот на изборите

Томас Шпаров | Ункер Пелин
11 мај 2023

Пред клучните избори во Турција, претседателот Ердоган покажа видео клип кој наводно го поврзува главниот ривал Киличдароглу со курдската работничка партија ПКК. Според истражувањата на ДВ, снимката е манипулирана.

https://p.dw.com/p/4RCf8
Реџеп Таип Ердоган и Кеман Киличдароглу, Турција
Реџеп Таип Ердоган и Кеман Киличдароглу, ТурцијаФотографија: Murat Kula/Sercan Kucuksahin/AA/picture alliance

На само неколку дена пред клучните парламентарни и претседателски избори во Турција, кои се оквалификувани како најважни избори на глобално ниво годинава, еден видео клип предизвика бурни контроверзи. 

Клипот беше претставен од претседателот Ердоган на настан во рамки на неговата предизборна кампања. 

За време на собирот Ердоган се слуша како ù се обраќа на толпата прашувајќи „Дали моите граѓани на национална и локална база би гласале за овие?” и потоа посочува на екранот зад него. 

Таму се гледа снимка која личи како да е од кампањата на главниот ривал Кемал Киличдароглу кој на луѓето им вели „да излеземе заедно на гласачките места”. 

По неколку секунди Киличдароглу исчезнува од екранот и се појавува второ лице, облечено во униформа. Снимката и натаму се чини како да е дел од видео кампањата на Киличдароглу. 

Вториот лик е Мурат Карајилан, еден од основачите на Курдската работничка партија ПКК, милитантна курдска организација која во ЕУ и САД е категоризирана како „терористичка”. 

Со овој клип Ердоган сака да го поврзе глвниот ривал со ПКК, која и турската влада ја смета за терористичка група. Но, дали снимката која ја покажа Ердоган е автентична? Дали Карајилан навистина се појавува во видео клип од кампањата на Киличдароглу за да му даде поддршка?

ДВ проверката на факти го покажа спротивното.

Истражувачкиот тим на ДВ во соработка со турскиот сервис на ДВ откри дека видео клипот претставен од страна на Ердоган е манипулиран со тоа што се споени две различни снимки со тотално различен контекст и содржина.
Според Пелин Инкер Куртулус од турската редакција на ДВ, „снимката што ја претстави Ердоган се појавува откако експерти предупредија дека ќе се зголеми бројот на манипулации на турските социјални мрежи во пресрет на изборите."
Тој вели дека „беше посочено оти се во пораст кампањите со лажни вести на Твитер и на профили од ботови”. 

 Турција Реџеп Таип Ердоган  Кеман Киличдароглу
На изборите на 14 мај главни конкуренти за претседател на Турција се Реџеп Таип Ердоган и Кеман КиличдароглуФотографија: Umit Turhan Coskun/NurPhoto/picture alliance

Две снимки во една 

Првата од двете снимки е оригиналниот клип од кампањата на Киличдароглу, а е објавен на верификуваниот Јутјуб канал на политичарот. Се работи за типична политичка реклама која луѓето ги повикува да излезат на гласање и ветува изборна победа. Но, снимки од Карајилан или ПКК во неа не се содржани. Монтираната снимка што ја покажа Ердоган, која е зголемен кадар од оригиналната снимка, очигледно е исечок кој почнува од 37-та секунда од кампањското видео на Киличдароглу. 

Ова може да се провери ако човек се фокусира на зборовите на Киличдароглу („да излеземе на гласачките места заедно"), движењето на неговата десна рака и младите луѓе кои стојат зад него. 

Но, во оригиналното видео од неговата кампања во следната сцена не се појавува Мурат Карајилан, туку две жени кои излегуваат од една зграда. 

Стари снимки извадени од контекст

Втората снимка пак, се чини дека е многу постара. Таа може да се пронајде ако се спроведе пребарување на онлајн достапни видеа од Карајилан во воена униформа. 

Видеото го прикажува лидерот на ПКК како зборува за, како што вели, почетокот на оружената борба на ПКК пред повеќе од три децении. Така стои на веб страницата на која оваа снимка била објавена, имено курдскиот медиум „Фират новинска агенција”. Текстот во прилог на снимката е објавен на 12 август 2021 година. 

Во манипулираниот клип што го претстави Ердоган, снимката од Карајилан очигледно е земена од горе наведеното видео и извадена од контекст за да се создаде дојам дека Карајилан го поддржува Киличдароглу. 

Да сумираме, Ердоган претставил монтирана снимка со комбинација на сцени од видео на Киличдароглу од неговата кампања споени во едно со стара снимка од Карајилан. 

Но, се чини дека не е, како што коментираат и повеќе аналитичари во Турција, т.н. „дипфејк”, односно видео клип креиран со помош на вештачка интелигенција. 

Политичка релевантност

Според Куртулус, „Ердоган стратешки користи лажна снимка истовремено заострувајќи ја и својата реторика за да го провоцира општеството и да собере повеќе гласови од конзервативните и националистичките кругови”. 

ДВ не најде коментар на Киличдароглу за лажното видео. А, „Претседателскиот директорат за комуникации кој инаку како 'дезинформација' ги означува дури и прашањата што опозицијата ги покренува во парламентот, нема издадено никакво соопштение околу клипот што Ердоган го претстави на кампањата”, додава Куртулус. 

На изборите в недела ќе се покаже дали Ердоган ќе може да продолжи со неговото речиси 20-годишно владеење како претседател на Турција. 

Ердоган не е убедлив фаворит, а анкетите покажуваат дека неговата предизборна алијанса заостанува зад опозицијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема