1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Северна Македонија Вилма Русковска
Русковска ќе треба да ја замени обвинителката Ивана Трајчева, против која исто така е покрената дисциплинска постапка.Фотографија: DW/P. Stojanovski
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Русковска ќе се жали на суспензијата

ДТЗ
17 август 2022

Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека директорот на Финансиската полиција не дал оставка, туку му истекол мандатот. Тој е уверен дека потресите во двете важни институции нема да влијаат врз борбата против корупцијата

https://www.dw.com/mk/ruskovska-ke-se-zali-na-suspenzijata-finansiskata-policija-ke-dobie-nov-direktor/a-62836644

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, чиј мандат истекува во ноември, ќе се жали на одлуката за суспензија пред Советот на јавни обвинители, за што има рок од осум дена. Обвинителката од вчера повеќе нема пристап до материјалите на коишто работела, а засега нема информации кој ќе ги преземе нејзините предмети. 

„До избор на нов шеф со Обвинителството за организиран криминал ќе раководи обвинителот кој Русковска го определила како заменик со годишниот распоред за работа на обвинителите“, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за ДВ.  

Тоа значи дека Русковска ќе треба да ја замени обвинителката Ивана Трајчева, против која исто така е покрената дисциплинска постапка. Нејзиното име се најде на листата на обвинителки против коишто ексдиректорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми поднесе кривична пријава. Јовески вели дека покренатата дисциплинска постапка против Трајчева нема да влијае врз одлуката да ја менува нејзината досегашна шефица. 

„Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција непречено функционираат и продолжуваат активно да постапуваат без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци. Со решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, објаснуваат од ЈОРСМ.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во вторникот (16.08) ја суспендираше обвинителката Вилма Русковска и поведе дисциплинска постапка за неа и за нејзините соработнички - обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Јовески смета дека тие направиле „крупна професионална грешка“

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, пак, во исто време соопшти дека се повлекува од позицијата „за да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“. Ваквиот расплет на настаните се случи по судирот меѓу двете институции. Русковска се пожали на притисоци при работата, а Муареми обвини за незаконски претрес во институцијата со која што раководеше.

Северна Македонија Вилма Русковска
Русковска се пожали на притисоци при работата, а Муареми обвини за незаконски претрес во институцијата со која што раководеше.Случајот заврши со дисциплински постапки Фотографија: DW/P. Stojanovski

Завидни резултати во борбата со корупцијата

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска на новинарско прашање рече дека суспендирањето на обвинителката и повлекувањето на директорот на финансиската полиција нема да влијае на ефикасноста на борбата против корупцијата. „Покажавме завидни резултати на ова поле изминатите пет години“, вели тој.

Маричиќ вели дека Муареми не поднел оставка, туку му истекол мандатот и одлучил дека нема да бара продолжување. „Тоа беше негова лична одлука. Нам како Влада ни е важно сето тоа да се случува во институциите и во законските рамки и да покажеме дека имаме механизам за справување со сите предизвици“, вели Маричиќ.

Тој е дециден дека во изминатите пет години земјата покажала завидни резултати во борбата против корупцијата какви што нема во регионот : „Изрековме пресуди на поранешен премиер, двајца поранешни министри за внатрешни работи, на поранешен шеф на тајна служба…Навистина има сериозен број на случаи кои добиле или се пред судска разрешница. Тоа не значи дека е доволно и дека треба да застанеме на тоа, но мислам дека  институциите покажаа капацитет  кога треба да испорачуваат резултати“, рече Маричиќ. Тој најави дека Владата наскоро ќе назначи нов директор на Управата за финансиска полиција. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница