1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуција и во американскиот Сенат за македонскиот јазик

ДТЗ
1 август 2023

Иницијативата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора. Во неа се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

https://p.dw.com/p/4UdYf
Капитол- седиштето на двата дома на американскиот Конгрес: Претставничкиот дом и Сенатот.
Капитол- седиштето на двата дома на американскиот Конгрес: Претставничкиот дом и Сенатот.Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo

Во американскиот Сенат е предложена резолуција да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Иницијативата за резолуцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

Републиканскиот сенатор Мајк Брон јa претстави резолуцијата во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД. 

Признание

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска смета дека е гордост да се знае дека македонскиот јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот.

„Предложената резолуција на републиканскиот сенатор Мајк Брон за септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство е огромна чест и признание за придонесот на македонските Американци во развојот на мултикултурното општество на САД“, порача таа на својот Фејсбук профил.

Според министерката, ова е резултат на пристапот на Македонците каде било во светот да учествуваат и бидат конструктивни градители на државите кои ги избрале за да го изградат својот дом.

„Македонските Американци ги прифатија слободите на американското општество и се интегрирани во сферите на уметноста, науката, бизнисот, политиката, медицината, спортот и на други полиња како резултат на можностите да се биде рамноправен дел и да се учествува во остварувањето на граѓанските и верските слободи, основните човекови права за да се даде сопствениот придонес во развојот на заедницата. Денес тоа е модел кој го избра и кон чие усовршување се стреми и нивната матична земја и татковина како општество во кое секој ја заслужува својата шанса“, вели Костадиновска Стојчевска

Проценки

Според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Неодамна, германскиот Бундестаг донесе резолуција со која се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија и се признава македонскиот јазик, култура и идентитет.