1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можно ли е ново бугарско вето за С. Македонија во ЕУ?

ДТЗ
26 јануари 2023

Сенката на бугарското вето повторно надвиснува над кревките македонско-бугарски односи. Поранешниот шеф на македонската диломатија, Никола Димитров за ДВ анализира дали постои опасност од ново вето

https://p.dw.com/p/4Mfhj
„Цар Борис Трети“ Охрид
Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Сенката на бугарското вето повторно надвиснува над кревките македонско-бугарски односи. По инцидентите со бугарскиот клуб „Цар Борис трети“ во Охрид, зачестија пораките од Софија дека не е исклучена можноста од ново ветоза Северна Македонија, која ги прави своите клучни чекори за членство во ЕУ.

Ситуацијата кулминираше со повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и најави дека ќе се замрзнат сите проекти со Северна Македонија. Ваквата можност ја најави во средата (25.01) бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, кој беше сослушан на собраниската Комисија за надворешни работи. Тој појаснува дека Софија нема да ја запре европската интеграција бидејќи „Северна Македонија се уште и не започнала преговори за членство во ЕУ“, ама затоа може да ги замрзне проектите, ако не види промена во однесувањето на Скопје. 

Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев најави дека Бугарија ќе ги активира сите европски механизми за да се спречи антибугарската омраза и хистерија во С Македонија, на што реагираше премиерот Димитар Ковачевски. Тој во средата во Штип порача дека процесот на пристапување во ЕУ е дефиниран во преговарачката рамка. По скрининг процесот кој е во тек ќе пристигне извештај кој ги содржи критериумите со кои Северна Македонија пристапува во ЕУ. 

„Ние не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ. Еден од условите се добрососедските односи - тоа значи институциите во двете земји да комуницираат меѓусебно на начин кој овозможува функционална комуникација меѓу државите. Сите што не сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ создаваат тензија од таа причина. Такви има и во Македонија и во Бугарија“, вели премиерот. 

Реални закани 

Народното собрание на Бугарија, на 24 јуни 2022 година го одобри францускиот предлог за Северна Македонија. Бугарија усвои четири услови за влез на Северна Македонија во Унијата- ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во Уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети. 

Никола Димитров
Никола Димитров анализира колку се реални заканите за ново бугарско вето и на што се базираат. Фотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров за ДВ анализира колку се реални последните најави дека е можно ново вето и што се базираат тие. 

„Уште кога го претставуваше пакетот, тогашниот бугарски премиер Кирил Петковјавно кажа дека не се работи за подигнување на ветото, туку за негово развлекување. Суштинскиот проблем на ова решение, е што не е решение. Бугарија со амин на нашата влада, успеа своите желби да ги вгради во европскиот процес. Нешто што не беше прифатливо за речиси сите земји членки на Унијата додека ние водевме принципиелна политика“, вели Димитров. 

Димитров оценува дека кога „ја сменивме политиката, ние самите ги аминувавме овие желби“. „Притоа, тие желби се невозможни, бидејќи се темелат на антицивилизациската теза дека македонскиот идентитет и јазик се вештачки. Едноставно, за да одиме напред по патот, треба да ја задоволиме Бугарија. За да ја задоволиме Бугарија, пак, треба да се согласиме на оваа идентитетска агресија врз нас самите“, посочува дипломатот. 

Тој вели дека има излез од овој чвор, но за тоа е потребна сосема поинаква политика. „Тоа претпоставува и друга политичка гарнитура што ќе пристапи кон проблемот без да го злоупотребува за политички да преживее дома, лажно претставувајќи се како проевропска“, посочува Димитров. 

Огромна грешка 

Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, предупредува дека враќањето на ветото би било огромна грешка и ќе ги влоши билатералните односи.

„Ветото на ниту еден начин не влијаеше позитивно на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа провокации, повеќе или помалку, токму од ставањето на ветото“, изјави Ќучук за БНР. Тој ја оценува тензијата меѓу двете земји како висока која се шири во многу правци и смета дека билатерално ќе има многу бурна непродуктивна година.

Кирил Петков Емануел Макрон
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков јавно кажа дека не се работи за подигнување на ветото, туку за негово развлекување, вели ДимитровФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Тој го нагласува и механизмот за следење и „мерење“ на говорот на омраза, посочувајќи дека министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, формира „голем тим, во кој ќе има и претставници на бугарската заедница“. 
На прашањето како Брисел ќе реагира доколку Скопје ги спречи бугарските европратеници, политичари и јавни личности да присуствуваат на настани поврзани со Гоце Делчев на почетокот на февруари, Илхан Ќучук вели дека „нема шанси европските институции да поддржат такво однесување од страна на македонските власти“, додавајќи дека „ниту Брисел, ниту Стразбур може да го прифатат тоа како нормален пристап“.

„Не можеме да гледаме изолирано на работите. Треба да бараме механизми кои ќе бидат  одржливи. Мора да има механизми за следење во рамките на билатералните односи. Има многу примери на земји со тешки историски односи – Словенија и Хрватска, Словенија и Италија. Од гледна точка на историската меморија, ова не е нешто ново“, истакна Ќучук. 

Опасност од блокада

Изјавата на Ќучук следи по најавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков по средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во понеделникот дека не е исклучена можноста од ново вето од Бугарија за земјава, додавајќи оти се надева дека тоа сепак нема да се случи. 

Северна Македонија на 19 јули 2022 година, по 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, ги почна пристапните преговори со ЕУ. Чекорот следи откако беше симната бугарската блокада со прифаќањето на „францускиот предлог“ и усвојувањето на преговарачката рамка во која се доби чисто именување на македонскиот јазик, без дополнителни фусноти. Во тек е скрининг на европското законодавство, а наскоро треба да започнат и дебати за уставните измени со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, Овој важен чекор во текот на летото треба да влезе во собраниска процедура. 

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на почетокот на јануари на ТВ Алсат, изјави дека скринингот се одвива според зацртаната динамика, дека нема поместувања во утврдениот календар и дека треба да заврши во ноември. Но, истовремено, тој предупреди на опасноста Северна Македонија, и покрај завршување на скринингот, да остане блокирана во евроинтеграциите, ако до крајот на година не финишираат и уставните измени за вметнување на Бугарите. „Во оваа фаза одиме заедно со Албанија, меѓутоа ако не успееме до крајот на оваа година да ги завршиме тие обврски, секако, како и многупати досега, на наша штета ќе бидеме раздвоени“, порача вицепремиерот за европски прашања.