1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка: Ветар во грбот за „чешкиот Орбан“?

13 јануари 2023

Ослободувањето од обвиненија за корупција на екс премиерот Бабиш внесува нова тензија во изборната кампања. Со тоа се зголемуваат шансите за изборен успех на олигархот.

https://p.dw.com/p/4M0qY
Прага - кого ќе изберат Чесите за претседател?
Прага - кого ќе изберат Чесите за претседател?Фотографија: Jakub Palata/DW

Дали чешките претседателски избори денеска и утре (13. и 14. јануари) ќе го вратат на власт бившиот премиер, олигарх и пријател на Орбан, 68-годишниот Андреј Бабиш?

Неколку дена пред првиот круг избори, претседателот на опозициското движење АНО (Акција на незадоволни граѓани) во понеделникот (09.01.2023) е ослободен од обвинувањата за помагање во измамасо субвенции. Тоа би можело да ги зголеми неговите шанси во трката за највисоката функција во земјата. Еден од првите кои му честитаа беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на својот пријател му советуваше да ја продолжи борбата.

Аферата околуфармата „Штрково гнездо“, која ја купил концернот „Агроферт“ на Бабиш, а која е претворена во луксузно одморалиште, траеше шест години. Одморалиштето во 2008. година е издвоено од концернот, а Бабиш акциите ги пренесе на своите деца и други членови на фамилијата. „Штрковото гнездо“ така на хартија стана мало претпријатие и од ЕУ добило средства од околу два милиони евра од Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија. Но, по неколку години, компанијата повторно стана дел од групата „Агроферт“.

Ослободителна судска пресуда

Државното обвинителство го обвини Бабиш за измама со субвенциите и побара затворска казна од три години и парична казна од 410.000 евра. Но, Градскиот суд во Прага заклучи дека полицијата и државното обвинителство не успеале да докажат дека станува збор за кривично дело и му изрече ослободителна пресуда на милијардерот.

Постапката уште не е правосилно окончана. Државното обвинителство и натаму може да поднесе жалба. Сепак, неочекуваната ослободителна пресуда за Бабиш во голем дел од чешката јавност го промени расположението во очи на изборите. 

„Ослободителната пресуда на Андреј Бабиш и неговиот тим им даваат прилика да покренат кампања од големи размери и да се обидат да го променат односот на силите, кој досега беше неповолен за бившиот премиер“, вели за Дојче веле Мартин Бухтик, директор на Центарот за емпириски истражувања СТЕМ. Сега е речиси извесно дека Бабиш ќе влезе во вториот круг на избори. „Така може да ги нападне своите противници од позиција на човек кого судот го ослободил“, вели Бухтик. Изборниот резултат по ослободителната пресуда е многу понеизвесен отколку пред неколку дена.

Чешкиот екс-премиер Андреј Бабиш
Чешкиот екс-премиер Андреј БабишФотографија: Katerina Sulova/CTK/dpa/picture alliance

Тројца подеднакво силини кандидати

СТЕМ во неделата (08.01.) објави резултати од анкетата водена во првите денови од годинава. Според нив, Бабиш во првиот круг би освоил 27,8 проценти гласови, генерал Петр Павел 26,7 проценти, додека на трето место би била Дануше Нерудова со 24,4 проценти. Меѓутоа, истражувањето на СТЕМ, но и други анкети покажуваат дека во вториот круг, кој ќе се одржи од 27. до 28. јануари, Бабиш би освоил 10 до 20 проценти гласови помалку од противкандидатот.

„Веројатноста дека ќе победи во вториот круг е многу мала, врз основа на расположливите податоци. Би морало да се случи нешто несекојдневно за кандидатот кој во вториот круг толку заостанува зад својот потенцијален конкурент на крајот да победи“, смета експертот Бухтик.

Ќе помогне ли Макрон?

За голем дел од чешкото проевропско изборно тело, олигархот Бабиш едноставно не е вистинскиот кандидат. Зашто, покрај политичката и економска моќ, милијардерот контролира и голем дел од чешките медиуми, што многумина го сметаат за судир на интереси. Освен тоа, на мета на критики е и поради својата популистичка и проунгарска политика.

Од друга страна, поради планот за зголемување на пензиите, Бабиш има поддршка од многу гласачи, посебно меѓу пензионерите, кои сочинуваат 25 проценти од чешкото бирачко тело. Досега тоа беше доволно за неговото движење АНО да стане најсилна политичка сила во Чешка, но не беше доволно за да му обезбеди 50 проценти гласови во вториот изборен круг.

Бабиш е свесен за тоа. Затоа во вторникот (10.01.) го посети францускиот претседател Емануел Макрон. Движењето АНО е дел од либералната група во Европскиот парламент, која ја предводи Макроновата партија Преродба.

„Средбата со Емануел Макрон на јавноста ѝ покажува дека тој и натаму има политички углед“, вели за чешката новинска агенција ЧТК политичката аналитичарка Јана Кубачек. Но, од кабинетот на францускиот претседател е нагласено дека дочекот на Бабиш во Париз не значи и поддршка за неговата предизборна кампања.

Генералот Петр Павел, претседателски кандидат во Чешка
Генералот Петр Павел, претседателски кандидат во ЧешкаФотографија: Drahoslav Ramik/CTK/dpa/picture alliance

Генерал за воени времиња

Кога станува збор за престиж, Бабиш има силен конкурент. Генералот Петр Павел, кој беше шеф на воениот комитет на НАТО, а претходно и началник на Генералштабот на чешката армија, има блескава триесетгодишна воена кариера. Одликуван е со Орден на француската легија на честа, зашто во текот на хрватско-српската војна во 1993. година успеа да спаси една опколена француска единица која беше дел од трупите на ОН.

На военото искуство на 61-годишниот генерал укажува и еден од изборните слогани: „Со искуство и мир да се води земјата во тешки времиња“. Павеловиот хендикеп меѓутоа е неговото членство во Комунистичката партија пред 1989. година и тоа што во доцните 80-те години бил на една обука за воени шпиони.

Бившата чешка универзитетска ректорка Дануше Нерудова
Бившата чешка универзитетска ректорка Дануше НерудоваФотографија: Michaela Rihova/CTK/dpa/picture alliance

Младите избирачи ја поддржуваат ректорката

Добри шанси има и бившата универзитетска ректорка Дануше Нерудова. Посебно мадите Чеси сакаат да гласаат за 44-годишната економистка. „Клучот за сите промени е реформа на образовниот систем во Чешка“, изјави Нерудова за чешкото радио. Многумина кои не го сакаат Бабиш ќе гласаат за неа или за Павел. „Во оној момент кога еден ќе биде засилен, другиот ќе заслабне“, вели Бухтик.

Иако чешкиот претседател има далеку помала извршна моќ од премиерот, сепак има големовлијание на внатрешната и надворешна политика. Исто така, во голема мера влијае врз расоложението во земјата. Во изминатите 20 години Чешка имаше двајца антиевропски претседатели, Вацлав Клаус и Милош Земан. Не само поради тоа, според оценка на експертите, Чешка денес е една од најевроскептичните земји во ЕУ. Додека Павел и Нерудова се залагаат за проевропски курс на Чешка, Андреј Бабиш постојано се обидува да го искористи раширениот евроскептицизам и радоја критикува Европската унија. Тоа меѓутоа не го спречува да собира субвенции од Брисел – неговата група „Агрферт“ е еден од најголемите приматели на субвенции од ЕУ во Чешка.

 

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага