Пожар во патнички авион во Денвер - 12 полесно повредени
14 март 2025
Млазен мотор на компанијата Американ ерлајнс се запали откако авионот принудно слета во Денвер, принудувајќи ги патниците да се евакуираат преку крилото на авионот, соопшти американската Федералната управа за авијација (ФАА).
Авиокомпанијата потврди дека сите 172 патници и шесте членови на екипажот можеле безбедно да го напуштат авионот, а 12 патници со полесни повреди потоа биле пренесени во болница за дополнителни проверки.
Летот 1006 на Американ Ерлајнс од Колорадо Спрингс до Далас, кој превезувал патници во авионот Боинг 737-800, слета во Денвер откако екипажот се пожалил на вибрации на моторот, соопшти ФАА. На социјалните мрежи се објавени драматични снимки на кои се гледаат патници како стојат на крилото на авионот пред евакуацијата, додека од моторот излегува густ чад.
Американ ерлајнс соопшти дека авионот слетал безбедно и пристигнал на аеродромот, но потоа доживеал „проблем поврзан со моторот“. Според веб-страницата за следење летови FlightRadar24, 13-годишниот авион бил опремен со два мотори ЦФМ5.
ФАА најави истрага за инцидентот. Портпаролот на меѓународниот аеродром во Денвер потврди дека пожарот е изгаснат и дека летовите продолжиле без прекин. Боинг одби да го коментира инцидентот и ги префрли сите прашања до Американ ерлајнс и истражителите. ГЕ сè уште нема одговорено на барањето за коментар.
Овој инцидент е само еден во низата неодамнешни проблеми во американската воздухопловна индустрија кои ја доведоа во прашање безбедноста на воздушниот сообраќај во САД. Меѓу нив е и судирот на регионалниот авион на Американ ерлајнс со воен хеликоптер на 29 јануари во Вашингтон, при што загинаа 67 лица.
Минатиот месец регионален авион на Делта ерлајнс се преврте на покривот при слетување на аеродромот во Торонто при силните ветрови по снежна бура, при што беа повредени 18 од 80 патници, но сите преживеаја.
Извршниот директор на Американ ерлајнс, Роберт Исом, и извршниот директор на Делта ерлајнс, Ед Бастијан, во вторникот изјавија дека неодамнешните авионски инциденти, заедно со тешките временски услови и економската несигурност, негативно влијаеле на побарувачката за патувања во Соединетите држави.