1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зимско сметање на времето – како ЕУ самата се блокира

АРД
29 октомври 2022

Граѓаните на ЕУ во 2018. година гласаа за укинување на летно и зимско сметање на времето. Оттогаш не се случи ништо. Додека ЕУ се блокира самата себеси, утре повторно ќе ги поместуваме часовниците.

https://p.dw.com/p/4Ipcb
Поместување на часовниците
Поместување на часовницитеФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture-alliance

Брисел мора повторно да дискутира за поместување на часовникот, зашто тоа уште не е укинато, а требаше одамна да се случи. Европската комисија во 2018. година предложи  укинување на летно и зимско сметање на времето.  Во далеку најуспешната анкета на Европската комисија, повеќе од 80 проценти од 4,6 милиони учесници во изјаснувањето беа – за. Главно тоа беа Германци, плус извесен број гласови од Австрија и од Луксембург. И Европскиот парламент со големо мнозинство го поддржа предлогот.

Она што недостига е одобрување од 27 членки на ЕУ. Сите овие години, тие едноставно ништо не направија.

Топката е кај државите-членки

„Последната расправа беше одржана во 2019. година. Топката значи и натаму е кај државите-членки“, вели портпаролот на ЕК, Адалберт Јанз. И изгледа таму ќе остане во догледно време. Зашто, очигледно никој во европските престолнини не сака да се занимава со непријатната тема.

Во Берлин неофицијално велат дека ЕУ моментално има други грижи, со оглед на пандемијата на коронавирус, војната во Украина и енергетската криза.

Европскиот парламентарец од редовите на баварската ЦСУ, Маркус Фербер е деклариран противник на  поместувањето на часовниците  и не сака веќе да го трпи „микадото“ на ЕУ.

„Можам само да упатам повик до министрите за сообраќај конечно да се соберат и да го решат ова.  Вештачкото поместување на часовниците  е како мини џет-лег кој сами си го наметнуваме секои шест месеци. Тоа треба веќе да престане.“

Како и волкот да биде сит и овците на број?

Меѓутоа, работата е покомплицирана отколку што се очекуваше. Зашто секоја земја од ЕУ мора сама да реши дали нејзините граѓани треба постојано да живеат според летно или зимско сметање на времето. И тука почнуваат проблемите.

Дали ќе продолжи постоење на голема временска зона со 16 земји? Или малограничните патници на границите ќе мораат да го менуваат часовникот два пати дневно? Што е со возовите и аеродромите? Дали во зима во Шпанија наскоро ќе биде светло во 10 часот, додека во Полска ќе владее мрак во 14:30? Има многу прашања.

Не е лесно, но сѐ се решава, верува пратеникот од СПД, Исмаил Ертуг: „Земјите членки се повикани од страна на Европскиот парламент, јасно и гласно, да најдат решение како да се постапи со поместувањето на часовниците и ако тоа се укине, како да обезбеди на крајот во ЕУ да не се создаде мозаик од различни временски зони. Затоа е крајно чудно што државите не се занимаваат со ова прашање."

Топката е во Брисел

Земјите- членки пак ја враќаат топката кај ЕК. Зашто, според чешкото претседателство со ЕУ, Европската комисија не обезбеди сѐопфатна проценка на последиците од окончување на поместувањето на часовниците  – на што властите во Брисел гледаат сосем поинаку.

Ерик Мамер, еден од портаполите на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, тоа го прифаќа со хумор и среќен е што овој викенд ќе спие еден час подолго.

Значи: збрка и блокади, а веројатноста дека од тоа нема да има ништо, сега е прилично голема. Од тоа стравува и пратеничката од Зелените, Ана Депарне-Груненберг, која предупредува дека целиот потфат „полека ќе умира.“