1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повредите на работниците ја чинат државата 400 милиони евра

ДТЗ
28 април 2023

Во Македонија лани се евидентирани 169 несреќи при работа при што на работното место загинале 22 работници, што е за околу 20 отсто помалку во споредба со 2021 година.

https://p.dw.com/p/4QgMR
работници
Во Македонија лани се евидентирани 169 несреќи при работа при што на работното место загинале 22 работнициФотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Според анализите и формулата на Меѓународната организација на трудот, повредите на работниците државава ја чинат 4 проценти од БДП што е околу 400 милиони евра. Во Македонија лани се евидентирани 169 несреќи при работа при што на работното место загинале 22 работници, што е за околу 20 отсто помалку во споредба со 2021 година, но за 9 проценти е поголем процентот на повредени на работа. Најголем број смртни случаи на работно место има во земјоделството. Ова го покажува Годишниот извештај за несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа.

Оваа бројка, според здружението, не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек, според податоците на Институтот за јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво. Анализите покажуваат дека на секои 100.000 вработени, тројца вработени загинале на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад во споредба со претходната година.

„Вистинскиот лек е дека секоја несреќа може да се превенира. Градежништвото е еден од убијците на македонскиот работник, но земјоделството е број еден убиец. Постојано предочуваме дека огромен број индустрии кај нас ги нема на радарот, како што е транспортот, земјоделството и сите оние, да речам, атипични индустрии кои се во надлежност на други инспекциски надзори… Како држава немаме евиденција за несреќи на работа, несреќи на работа со смртен исход и за професионални заболувања. Тоа се трите постулати што зборуваат дека ние сме потфрлиле во спроведувањето на законската обврска на секој работодавец и на државата да се грижи за своите граѓани“, вели Петар Наумовски, претседател на здружението. 

Во Скопје најголем број несреќи

Во 2022 година од вкупно 34 градови до државата во 26 се случиле несреќи при работа, што значи дека во 77% биле забележани несреќи при работа, се вели во извештајот на Македонско здружение за заштита при работа. Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број на несреќи, по што следат Битола и Прилеп. Најголемиот број на смртни случаи поврзани со работното место се евидентирани во Скопје (4), по што следат Струга, Струмица и Неготино со по три случаи. Лани најмногу несреќи има во преработувачката индустрија (59), по што следи јавната управа и одбрана (27) и градежништвото.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 Април, кој е воедно е и Меѓународен ден на сеќавање на работниците што ги загубиле животите поради повреди на работа и професионални болести, здружението организираше симболично засадување 22 дрвца во парк во Ново Лисиче во спомен на загинатите работници.