1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вознемиреност по земјотресот - стручњаците смируваат

11 февруари 2026

Нема штети, но има вознемиреност по земјотресот кој беше почувствуван во Македонија. Сеизмолозите велат дека станува збор за потрес од групата на умерени земјотреси, за кои се очекува последователна активност

https://p.dw.com/p/58Uih
земјотрес 14.02.2011
Македонските сеизмолози со внимание ја следат состојбата и ги анализираат податоци по синоќешниот земјотрес со епицентар во Косово, кошто силно беше почувствуван и во делови на Македонија.Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg

Македонските сеизмолози со внимание ја следат состојбата и ги анализираат податоци по синоќешниот земјотрес со епицентар во Косово, кошто силно беше почувствуван и во делови на Македонија. Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица.

„Земјотресот според големината на магнитудата е во групата на умерени земјотреси, за кои се очекува последователна активност, но со послаб интензитет. Сеизмичката активност во овој дел на Косово е во рамките на нормалната очекувана сеизмичност. Освен вознемиреност кај граѓаните, во земјава нема пријави за материјални штети“, изјави за ДВ проф. д-р Катерина Дрогрешка, раководителка на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.

Интензитетот на земјотресот и засегнатите региони

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје синоќа во 22:05 часот регистрираше земјотрес со епицентар на територијата на Косово, околу 45 километри северозападно од Скопје. Според првичните податоци, земјотресот имал локална магнитуда од 4,6 степени според Рихтеровата скала.

Според информациите од сеизмолошката станица, потресот бил почувствуван во Тетово, Гостивар и околината со интензитет од 5 степени според Европската макросеизмичка скала. Во Скопје и пошироката околина бил забележан интензитет од 4 до 5 степени, додека во другите делови на државата земјотресот бил почувствуван со интензитет од 3 до 4 степени.

Земјотресот предизвика вознемиреност кај граѓаните, кои изразуваат страв од нови потреси. На социјалните мрежи се споделуваат совети за тоа како најдобро да се реагира и да се заштитат граѓаните во случај на нов земјотрес.

Професор Милевски смирува: „Ништо страшно, Шар Планина уште се издигнува“

Редовниот професор на Институтот за географија, д-р Ивица Милевски, апелира за смиреност, истакнувајќи дека овие сеизмички активности се дел од природни, долготрајни геолошки процеси.

„Ништо страшно, немирната Шар Планина уште се извишува, макар можеби само за десетина милиметри одеднаш. Нека си тера таа како што тера со милиони години, а ние може да си одмориме“, напиша Милевски.

Тој посочува дека врз основа на она што го работел како геоморфолог за тектониката на Шар Планина и поширокиот регион, навистина нема причини за страв или паника, ниту на подрачје Тетово-Гостивар, а уште помалку кон Скопје и други делови од Македонија подалеку од Шарскиот предел. „Шансите за нешто опасно и ризично од овој земјотрес (или евентуални последователни) се речиси никакви“, дециден е тој. 

Само неколку часа по земјотресот од 4,6 степени, меѓународните сеизмолошки служби регистрираа нова серија послаби потреси во регионот и тоа во Турција и Грција. Претходно во текот на ноќта биле забележани низа потреси од 0,9 до 2,8 степени на различни локации во Турција, Егејското Море и на островот Крит.

Иако земјотресите се со ниска до умерена магнитуда и не предизвикуваат штети, тие повторно потсетуваат дека регионот останува сеизмички активен.