Војната со Иран го менува туризмот: Европа во добивка
7 април 2026
Војната со Иран привремено ги исфрли земјите од Персискиот Залив од понудата за пакет-аранжмани, но нејзините ефекти врз туризмот се чувствуваат и во многу подалечни региони. Голем дел од туристичките дестинации стануваат поскапи – освен за оние што навреме ги резервирале своите патувања.
Германските туристи што под влијание на инфлуенсери на Инстаграм и агресивната промоција од арапските туристички бироа планирале одмор во земјите од Персискиот Залив, останаа со лоши карти во рака. Поради патните предупредувања од германското Министерство за надворешни работи, сите организирани пакет-патувања кон овие земји се откажани. Станува збор за релативно мала, но финансиски моќна и потрошувачки активна група туристи.
Раните резервации како заштита од поскапувања
Туристите кои навремено резервирале одмор на други дестинации не ги чувствуваат директно последиците од војната. Без оглед на тоа дали авиокомпаниите ги зголемуваат цените, дали агенциите за изнајмување автомобили наплаќаат повеќе или дали нагло расте побарувачката за конкретен хотел, важечките договори и уредно уплатените аванси ги штитат клиентите од дополнителни трошоци.
Поскапи далечни патувања, понудите за Европа во подем
Летовите кон Тајланд, една од најпопуларните далечни дестинации, станаа посложени по почетокот на војната. Наместо преку големите арапски аеродроми, авио-компаниите мора да користат алтернативни центри за преседнување, како Истанбул и Сингапур, кои се помалку поволно позиционирани.
„Кај далечните патувања цените забележително растат“, вели Ааге Динхаупт, портпарол на најголемиот европски туристички концерн ТУИ. Кај веќе направените резервации, дополнителните трошоци ги покриваат тур-операторите, но кај новите резервации зголемувањето директно се пресликува врз цените за крајните клиенти.
Европските дестинации и натаму се најбарани и дополнително ја зацврстуваат својата позиција. Според ТУИ, дури три четвртини од летните резервации се однесуваат на Европа. „Најпопуларни остануваат класичните медитерански региони – Мајорка, Анталија, Крит, Родос и Кос, како и Канарските Острови“, истакнува Динхаупт.
Промена на имиџот на Мајорка
Мајорка активно се обидува да се дистанцира од имиџот на евтин масовен туризам и сè почесто привлекува и туристи од САД. Уште минатата година беа регистрирани зголемувања на цените за околу пет проценти.
И годинава се очекува дополнително поскапување на сместувањето, храната, туристичката такса и услугите на плажите. Се најавува цена од 10 евра дневно за најобични лежалки и дополнителни 10 евра за чадор, што значи дека еден пар ќе треба да плати околу 30 евра дневно само за престој на плажа.
Долгорочни промени во туристичките навики
Официјалните податоци ја потврдуваат високата патувачка активност на Германците. Според Сојузниот завод за статистика, бројот на домашни патувања во 2024 година повторно го достигна нивото од пред Ковид од 160 милиони. Во странство биле реализирани 115 милиони патувања, наспроти 83 милиони пред десет години.
Очекувано, најголем раст е забележан кај патувањата во европските земји, но впечатлив е и значително поголемиот пораст на патувањата кон Азија во споредба со традиционалните дестинации во Америка.
„Геополитичките конфликти можат краткорочно да го забават туризмот, но долгорочно не ја намалуваат патувачката желба“, оценува Торстен Шефер од Германското туристичко здружение.
Туристичкиот истражувач Јулијан Рајф од Високата стручна школа во Хајде делумно се согласува, но предупредува дека актуелната ситуација е поинаква. „Не станува збор само за краткотраен шок од војната, туку за спознание дека се менуваат самите структурни услови на патувањето“, нагласува Рајф.
Од нафта кон туризам
По Светското фудбалско првенство одржано во арапските земји пред четири години, државите од Персискиот Залив за првпат се најдоа меѓу петте најбарани туристички дестинации во светот. Со оглед на очекуваниот крај на нафтениот и гасниот бизнис, во регионот интензивно се инвестираше во индустријализирани забавни и рекреативни содржини.
Со години инфлуенсери беа субвенционирани за да го промовираат „шармот на Ориентот“. Во обид да го зачува својот имиџ, Дубаи воведува строга цензура и високи казни за објавување фотографии од ирански ракетни напади, демонстрирајќи ја репресивната контрола на полициската држава.
Автор: Инго Натусиус, ХР