Пендаровски бара поддршка и од граѓаните за втор мандат
1 март 2024Претседателот Стево Пендаровски ја бара поддршката и од граѓаните за втор мандат пред да влезе во трката за претседателските избори коишто треба да се одржат на 24 април. Веќе од недела (3 март) граѓаните ќе можат да го дадат својот потпис за поддршка во сите подрачни единици на Државната изборна комисија.
„Се кандидирам не само да учествувам, туку и да победам“, порача Пендаровски на денешната прес-конференција во Скопје. Својата одлука ја темели на тоа што смета дека во изминатите пет години докажал дека е независен и дека зад себе нема никаква афера или дамка во работењето.
„Зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без корупциска афера, случаи на непотизам или судир на интереси поврзани со мене, моето семејство или најблиските соработници“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека беше национален координатор и ги предводеше преговорите за членство на Македонија во НАТО, а за време на неговиот прв мандат земјата стана членка на Алијансата. Порача дека очекува во вториот мандат Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
На 3 март владејачката партија СДСМ на партиски конгрес се очекува да ја формализира кандидатурата на Пендаровски. Веќе од понеделник тој најавува средба и со десетината партии кои се дел од коалицијата, со цел да ги слушне нивните предлози, коишто ќе ги вгради во изборната програма.
Поддршка од сите етнички заедници
Пендаровски вели дека во изминатите пет години покажал дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или економска моќ, вклучително и во однос на оние кои го поддржале. „Не постои партија или човек во земјата кој може да каже дека ме контролира или ги диригира моите одлуки“, рече Пендаровски.
Потенцитајќи го неговиот однос и почитување на меѓуетничките односи тој рече дека за време на неговиот мандат не постои ниту еден случај кога неговото етничко потекло било причина некого да фаворизира или деградира.
Тој се надева на гласовите и од албанската етничка заедница. Вели дека во 2014 година, кога ДУИ беше во влада со ВМРО-ДПМНЕ, тој доби 35 илјади гласови, токму од албанското гласачко тело и без политички договор.
На изборите коишто ќе се одржат во април за првпат од 1999 година ќе има најголем број кандидати за претседателски избори. Според Пендаровски, можно е да има дури седум кандидати во првиот круг.
Независен кандидат на избори, а не во парламент
Во однос на предлогот на ДУИ да се избира претседател во Собрание, а не на избори, Пендаровски вели дека повеќепати го изнел својот став, кој сега е поткрепен и со практично искуство.
„Далеку е подобро да имаме претседател кој е независен од политичките субјекти и економските центри на моќ кога е биран на општи избори, отколку во парламент. Изминатите години бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Ако бев избран во парламент, ќе бев сменет истото попладне“, вели Претседателот.
Тој деновиве се изјасни спротивно на одлуката на Собранието и не го потпиша законот за игрите на среќа, којшто беше донесе по брза постапка. Поради можна злоупотреба на европското знаменце, тој го врати законот во Собрание по редовна постапка. Пендаровски во мај минатата година се спротивстави и на зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти и побара нивна корекција. Речиси една година потоа тој го споделува истиот став. Вели дека новата влада ќе треба да изнајде решение со коешто ќе ги намали платите на функционерите, со цел да се намали јазот во платите.
„Државата и граѓаните се сиромашни. Има начини, прашање е дали има политичка волја да се намалат платите на функционерите“, вели Пендаровски, кој неколкупати потецираше дека изненадува тоа што опозицијата „не гукнала ништо“ кога била донесена одлуката на Уставен суд за зголемување на платите.