1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Палестинските автономни власти под притисок

Керстен Книп
18 октомври 2023

И Палестинските автономни власти се погодени од војната. Тие се мошне контроверзни во автономните области, Хамас „им дише во вратот“, а сега мора да се грижат и за односите со Израел.

https://p.dw.com/p/4XddL
Појас Газа ракетен истрел кон Израел
Теророт на Хамас ги погодува и Палестинските автономни власти (фото: ракетен истрел од Појасот Газа врз Израел, 15.10.23)Фотографија: AMIR COHEN/REUTERS

Веста дека на Западниот Брег повторно има загинати, е особено лоша за Палестинските автономни власти (ПА). Според палестински извори, во саботата (14.10), во судирите со израелските безбедносни сили во повеќе места на Западниот Брег загинале неколку лица. Со тоа, вкупниот број Палестинци кои загинаа во вакви судири од минатата сабота, денот кога исламистичко палестинскиот Хамас, класифициран како терористичка организација во Германија, Европската унија, САД и неколку други земји, го започна својот напад врз Израел, се зголеми на 54. Во истиот период, израелската армија, според сопствени наводи, во рации на Западниот Брег уапсила 280 Палестинци. Од нив, како што се вели, 157 биле поддржувачи на Хамас.

И загинатите и рациите на израелските безбедносни сили укажуваат на тоа дека ПА сѐ повеќе ја губи контролата врз областите под нејзина управа. Секој загинат е показател дека ПА можеби веќе не допира до населението и дека можеби веќе не може да ги убеди луѓето во својата политика на ненасилни односи со Израел. Во исто време, распоредувањето на израелските безбедносни сили покажува дека Израел сѐ помалку ѝ верува на ПА дека може да се грижи за стабилност и ненасилство во областите под нејзина контрола.

Во изминатата недела стана јасно дека ПА стана ирелевантна, вели Стивен Хефнер, шеф на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Рамала. „ПА речиси и не ја коментираше ситуацијата, или кога го стори тоа, како што направи претседателот Абас, тоа го направи претпазливо и, пред сè, без да му се обрати на Хамас и без да го осуди“. Со тоа, таа го продолжува својот претходен курс, имено само управување со автономните области, но без никакви идеи за нивната иднина. „ПА е првенствено заинтересирана за одржување на сопствената моќ. И тешко дека е во позиција да врши контрола на Западниот Брег. Тоа е она што во моментов го гледаме во судирите“.

Во неделата (15.10) новинските агенции објавија дека Махмуд Абас, повеќе од една недела по големиот напад врз Израел, сепак се дистанцирал од Хамас. Политиките и активностите на Хамас „не го претставуваат палестинскиот народ“, рекол Абас во телефонски разговор со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пренесува официјалната палестинска новинска агенција Вафа. Подоцна, сепак, токму овој пасус, а со тоа и споменувањето на Хамас по име, беа избришани од официјалната новинска агенција без никакво дополнително објаснување, пренесе Ројтерс.

Јордан Аман | Претседателот на Палестинците, Махмуд Абас со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен
Претседателот на Палестинците, Махмуд Абас (д.) со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен во Аман (13.10.2023)Фотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

„ПА стана ирелевантна“

ПА е основана во 1994 година, во контекст на првиот договор од Осло во 1993 година меѓу Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Нејзина цел: да ги постави темелите за подоцнежна независна палестинска држава.

Овие надежи одамна се урнати. Самата ПА од многу Палестинци се гледа како неуспешна. Собирите на кои, според извештаите во печатот, Палестинците во многу градови го поздравиле теророт на Хамас, уште еднаш јасно ставија до знаење дека симпатиите на многу жители на Западниот Брег лежат кај исламистичката конкуренција, а не кај секуларната Фатах, најголемата сила на ПА. „Ние би сакале Хамас да не го стореше тоа“, цитираше претставник на ПА магазинот „Економист“. „Но, ако Израел одговори, тоа нема да се гледа како напад врз Хамас, туку како дел од 75-годишната војна против палестинската нација.“

Критики за состојбата со човековите права

Во самите автономни територии и на меѓународно ниво, ПА се соочува со бројни поплаки. Во јуни 2022 година, организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч зборуваше за произволни апсења и малтретирање на критичарите и опозициските фигури. И Независната комисија за човекови права (ИЦХР) во 2021 година забележала 129 жалби за произволни апсења на Западниот Брег и 80 во Појасот Газа, многу од нив поврзани со слободата на изразување и здружување, соопшти организацијата за човекови права Амнести интернешнел.

Гробишта во Џенин
Гробишта во Џенин по судирите со израелската војска во Џенин, јули 2023 годинаФотографија: Ayman Nobani/dpa/picture alliance

ПА се оддалечи од палестинското население во последниве години, вели Хефнер. „Се покажа дека тоа е елитен проект од кој корист имаат само многу малку луѓе на палестинските територии. Таа веќе не е демократска институција, легитимитетот е одамна загубен и народот на палестинските територии веќе нема доверба дека ПА или Фатах или претседателот Абас некако можат да развијат перспектива за иднината“.

„Драматично губење на авторитетот“

„ПА доживува драматично губење на авторитетот“, вели Хефнер, укажувајќи на репрезентативното истражување на јавното мислење објавено од фондацијата „Конрад Аденауер“ и Палестинскиот центар за истражување на политики и анкети (ПСР) од септември оваа година, значи само неколку недели пред терористичкиот напад на Хамас. Според тоа, 78 отсто од населението бара претседателот Абас да поднесе оставка - само 19 отсто сакаат тој да остане на функцијата. И, ако се одржуваа претседателски избори на Западниот Брег, одзивот на гласачите ќе беше низок: само 42 од оние со право на глас всушност би го дале својот глас. Но, доколку би имало претседателска трка меѓу Абас и лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, 58 отсто би го избрале вториот. Абас, од друга страна, би добил само 37 отсто. На парламентарни избори, сепак, Фатах би можел да победи против Хамас, иако само тесно: би добил 36 отсто, додека исламистите би добиле 34 отсто од гласовите. Сега Абас, во разговор со лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, најави формирање на „Комитет за помирување“. Тој сака „да го продолжи дијалогот“ и „да стави крај на поделбата и да постигне национално единство во Палестина“, рече Абас во египетскиот град Ал-Аламајн.

Махмуд Абас и шефот на Хамас, Исмаил Ханија со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Махмуд Абас (л.) и шефот на Хамас, Исмаил Ханија (д.), со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Анкара, јули 2023 годинаФотографија: ANKA

Идните односи со Израел не се јасни

Големото прашање е каков однос ќе има Израел со ПА во иднина. Тоа е тешко да се процени, вели Стивен Хефнер. Она што е сепак јасно е дека Израел е во воена состојба и целата ситуација ќе ја оценува сосема поинаку отколку пред нападот на Хамас. „Објавената воена цел на Израел е уништување на Хамас. Веројатно, за тоа да се оствари, нема да биде доволно само да влезе во Појасот Газа. Израел и на Западниот Брег ќе мора да користи различни методи од порано за да ги елиминира пприврзаниците или поддржувачите на Хамас таму. Што тоа значи за ПА, е отворено“, вели Хефнер.