1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставки и нови директори во М-НАВ

ДТЗ
9 јануари 2024

Разрешен е Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор и член на Управниот одбор на М-НАВ, како и Љубе Стаменковски. На нивно место доаѓаат Хекуран Асани и Милан Корач.

https://p.dw.com/p/4b1an
Контрола на летање
Оставки и нови директори во М-НАВФотографија: ISNA/S. Khishpeyman

Владата на седница донесе неколку одлуки за состојбата во М-НАВ, меѓу кои препорача разрешување на двајца директори на М-НАВ, откако минатата недела осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје. Разрешен е Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор и член на Управниот одбор, како и Љубе Стаменковски. На нивно место доаѓаат Хекуран Асани и Милан Корач, оперативен инженер техничар во М-НАВ. Одлуката треба да ја потврди надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“.

Во меѓувреме и Управата за финансиска полиција започна со проверки во Македонски навигации.Владата го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации.

Незадоволството коешто веќе подолго време трае во Македонска навигација, ескалираше по упадот во институцијата на 4 јануари, кога беа нападнати тројца вработени. Упадот следеше откако синдикатот на прес-конференција алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. 

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција немилиот настан го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.

Тасевски во изјава за ДВ во понеделникот (08.01) порача дека или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции. 

Александар Тасевски, Горан Гавровски
Синдикатот на Контрола на летање на средба со Стево ПендаровскиФотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Поддршка за професионалноста 

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски и членот на синдикалниот одбор Горан Гавровски денеска имаа средба со претседателот Стево Пендаровски, кој ги поддржа заложбите на синдикатот за одржување на професионалното ниво во функционирањето на М-НАВ.

Александар Тасевски, Горан Гавровски, Стево Пендаровски
Пендаровски го осуди насилничкото однесување во М-НАВФотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Пендаровски го осуди насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа институција и други лица кои неовластено влегле во нивните простории и повика на расчистување на случувањата во најкус можен рок, имајќи предвид дека станува збор за потенцијално загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај. Претседателот порача дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите.

Во врска со упадот во М-НАВ се осомничени осум лица меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ. Одлуката четворица од напаѓачите да не бидат задржани во притвор резултираше со шестока реалција во јавноста и полемика меѓу кривичниот суд и обвинителството. Судскиот совет денеска реагираше дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, но дека ја следат ниваната работа.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерката притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема