1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Опасниот живот на хуманитарците во Појасот Газа

4 април 2024

Во Појасот Газа во понеделникот (1 април, 2024) беа убиени седум странски хуманитарни работници. Што тоа значи за луѓето кои живеат таму и колку Германија помага?

https://p.dw.com/p/4ePyI
Во овој автомобил се возеле хуманитарните работници од организацијата Светска централна кујна кога биле убиени од израелска ракета
Во овој автомобил се возеле хуманитарните работници од организацијата Светска централна кујна кога биле убиени од израелска ракетаФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Уште еден ужаснувачки извештај од Газа. Во израелскиот напад во понеделникот (1 април, 2024)  убиени се седум членови на американската хуманитарна организација Светска централна кујна (World Central Kitchen)- ВЦК. Убиени се хуманитарци кои се обидувале да ги ублажат страдањата на околу 2,4 милиони лица во Појасот Газа поради војната меѓу Израел и Хамас.

Израелската војска убиството на хуманитарните работници го означи како своја „сериозна грешка“. Нападот не бил изведен со намера да се наштети на помошта од ВКЦ. Тоа била „грешка која се случила по лажната идентификација ноќта, за време на војна во многу сложени услови“, рече началникот на генералштабот на израелската војска, Херзи Халеви во видео порака објавена на платформата X.

„Тоа не требаше да се случи", рече тој и додаде дека независна комисија ќе спроведе детална истрага која треба да се заврши во следните денови. Како што беше соопштено, во нападот на конвој на ВЦК во понеделникот загинале седум хуманитарци, а меѓу жртвите се луѓе од Австралија, Полска и Велика Британија, еден Палестинец и хуманитарец со американско и канадско државјанство. Инцидентот се случил додека конвој од три возила го напуштал складиштето во Деир Ал Балах во центарот на Појасот Газа.

„Катастрофална ситуација”

Германските хуманитарни организации веќе со недели се жалат како едвај можат да пружат помош на загрозените цивилни лица. Претседателката на „Германскиот црвен крст“ (ДРК), Герда Хаселфелд вообичаено е смирена и не е склона кон непотребно алармирање.

Пустош во Појасот Газе - во близина на болницата Ал-Шифа
Пустош во Појасот Газе - разурнати згради во близина на болницата Ал-ШифаФотографија: AFP/Getty Images

Меѓутоа поранешната сојузна министерка и политичарка на демохристијанската ЦСУ ситуацијата за луѓето во Газа ја нарече „навистина катастрофална”.

А, кога таа го вели тоа, ситуацијата навистина е таква. Хаселфелд рече дека залихите на помош кои се доставени низ неколку отворени пристапи едноставно не се доволни. „Има недостиг на се’", рече таа и додаде дека со секој нов напад ситуацијата се влошува.

Со авион до Египет, па во Газа

Хаселфелд е на чело на „Германскиот црвен крст” од 2017 година. Дури и за неа е тешко да квантифицира колку помош нејзината организација пружила во Појасот Газа по терористичкиот напад на исламистичката организација Хамас врз Израел. „Веќе пративме неколку авиони со залихи за Египет, а потоа и во Појасот Газа”, вели таа. Меѓу другото, додава, испорачана е храна, но и медицински уреди и материјал за медицинска нега.

ГИЗ веќе нема германски персонал во Газа

Класичната јавна соработка ја спроведуваат и владини или јавни организации како што е „Германското здружение за меѓународна соработка“ ГИЗ. Тука меѓу другото се вклучени и проекти кои ги води Министерството за развојна соработка БМЗ. На прашање на ДВ, портпаролката на министерството Катја Хумел рече дека организации како ГИЗ немаат персонал од Германија во Појасот Газа. Се до терористичкиот напад вработените патувале во Појасот Газа од Рамала на Западниот брег или од Германија за да го проверат напредокот на проектите. „Такви патувања на распоредените лица во Појасот Газа заради актуелната ситуација не се возможни на неодредено време”, вели таа за ДВ.

Истото важи и за црквени групи за помош како „Каритас“, чијшто портпарол Ахим Рајнке вели дека „ и онака нашиот пристап не е таков, ние секогаш работиме со локални хуманитарци."

Дупка на покривот на возилото на хуманитарната организација Светска централна кујна направена од израелски проектил
Дупка на покривот на возилото на хуманитарната организација Светска централна кујна направена од израелски проектилФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Но, секако и Каритас која е вмрежена со други католички групи ширум светот има увид во катастрофалната ситуација. Самиот факт дека Бундесвер сега учествува во воздушниот транспорт на пакети од Јордан за да ги фрли пакетите над густо населената воена зоина, покажува колку е ситуацијата очајна, тврди Рајнке. „Тоа е во суштина знак на немоќ. Од таквата помош, ако воопшто, корист имаат само најсилните меѓу најсилните. Старите луѓе или лица со инвалидитет немаат ништо од тоа", вели портпаролот на Каритас. Според него, подобро би било помошта да се транспортира по копнен или морски пат, но тоа станува се поопасно. Германија од средината на март учествува во праќањето помош на населението во Газа по воздушен пат. Два транспортни авиони „Херкулес" од француско-германска ескадрила се префрлени од базата во Нормандија во Јордан за да се поддржат таквите напори. Набљудувачи кои се на лице место известуваат дека делови од хуманитарната помош веќе „протекле" во Јордан.

Бербок: „Капка во морето”

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на своето последно патување на Блискиот исток на почетокот на минатата недела хуманитарната помош од воздух ја опиша како „капка во морето".

Во Египет нагласи колку копнените гранични премини се важни за снабдувањето. „Египет игра неверојатно важна улога во борбата против гладта, посебно заради граничниот премин во Рафах, преку кој во моментов доаѓа најголемиот дел од намирниците затоа што други израелски премини не се отворени, или се отвораат само под одредени услови", рече Бербок.

Од есента 175 милиони евра за Газа

На страницата на Министерството за надворешни работи се наведува дека хуманитарната ситуација и натаму е катастрофална, посебно на северот на крајморскиот појас. Основните услуги за цивилите се во колапс. Недостигаат најнужните нешта како храна, вода и медицинска опрема.

Ретки моменти на радост за децата во Газа

Во моментов вкупната германска помош за Газа изнесува околу 250 милиони евра, од кои 175 милиони се нови средства одобрени по 7 октомври минатата година.

Исплатите за хуманитарната агенција на ОН се стопирани

Германските исплати за УНРВА, агенцијата на ООН за помош на Палестинците, се стопирани од почетокот на годинава кога израелската влада објави информација дека 12 вработени во агенцијата од Газа наводно биле вмешани во терористичкиот напад на 7 октомври. Хуманитарната организација ги отпушти од работа, а 16 земји меѓу кои и Германија и најважниот финансиер САД, од тогаш ги стопираа исплатите за организацијата. Но, пред неколку недели Германија објави дека ќе обезбеди 45 милиони евра за регионалната УНВРА во Јордан, Либан, Сирија и Западниот брег. Според известувањето во медиумите, меѓу заложниците се и преку 30 лиза со врски со Германија како Израелци кои имаат и германско државјанство. Германската влада со месеци е прилично молчалива и само зборува за „низок двоцифрен број на луѓе кои се поврзани со Германија".

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи