„Не можам ниту да опишам колку е голем моментот кога ќе го чуеш првиот детски плач. Тоа ме прави горд“, објаснува д-р Агим Јакупи од општата болница во Гостивар, каде со германска поддршка беше донирана медицинска опрема токму во гинеколошко-акушерското одделение. Целта е да се намали смртноста кај родилките и кај новороденчињата.
„Не можам да го опишам тој момент кога ќе го слушнеш првиот плач на бебето. Излегуваш горд, си завршил голема работа, си донел во живот нов човек“, вели д-р Агим Јакупи, кој веќе 20 години го води гинеколошко-акушерското одделение во болницата во Гостивар.
Тој додава дека одговорноста е огромна, бидејќи родилките доаѓаат со големи очекувања:
„Овие жени доаѓаат здрави и прави и го чекаат моментот кога ќе излезат на врата да кажат: имате внуче, имате внука“.
Модерна опрема преку германска поддршка
За безбедни породувања е неопходен обучен кадар, но и модерна и исправна опрема. Токму таква опрема деновиве ѝ беше донирана на гостиварската болница преку германски средства.
Германската амбасадорка во Северна Македонија, Петра Дрекслер, истакна дека ова не е изолиран чин, туку дел од поширок процес.
„Помошта во опрема што 'Project Hope' ја предаде денеска не е само моментна слика, туку е резултат на долгогодишна соработка во која учествуваат многу луѓе. Приватни донации, иницијативи, здруженија во Германија, компании кои општествено се ангажираат, како и покраините Северна Рајна-Вестфалија, Баварија и сојузната влада соработуваат во еден ваков проект“, рече амбасадорката Дрекслер.
Хуманитарна мисија низ цела Македонија
Донациите во вредност од околу половина милион долари, освен во Гостивар, се насочени и кон општите болници во Струга, Велес и Струмица. Главната цел е да се намали смртноста кај родилките и новороденчињата.
Координацијата на овие активности оди преку организацијата „Project HOPE“ од Германија.
Во Гостивар разговаравме со Петер Цизе, потпретседател на Управниот одбор на организацијата, кој посочува на значително намалување на смртноста поврзана со породилните предизвици.
„Зад тоа се кријат многу поединечни судбини. Намалување од 50 отсто, преполовување, тоа е само бројка. Но, секое дете што живее, секое новороденче кое без компликации има пред себе исполнет, нормален живот во своето семејство, е добивка за нашето општество“, истакна Цизе.
„Sternstunden“ – фондацијата што дава надеж
Значаен дел од средствата доаѓаат од германската фондација „Sternstunden“. Преку проектот „Perimac“, оваа фондација од 2016 година досега обезбедила речиси милион евра за грижа за новороденчињата во Северна Македонија.
„Навистина сме воодушевени од тоа што се постигна. Стапката на смртност кај доенчињата се намали за околу две третини овде, во Северна Македонија, и тоа беше нашата надеж – дека ќе успееме заедно со лекарите и со болниците овде на терен, но и заедно со нашиот проектен партнер 'Project Hope'“, рече во изјава за Дојче веле, Габриеле Ерхарт, директорка во фондацијата.
Докторот Јакупи и неговиот тим во Гостивар, досега имале и други донации. Но, нагласуваат дека најновата помош е од витално значење зашто се работи за нова и современа опрема, која одговара на предизвиците на новото време.
„Оваа донација е чисто нова и употреблива, и модерна за времето. За безбедни породувања неопходна е нова опрема“, посочи докторот Јакупи.