Рекордно мал број новородени во Германија
28 април 2026
Во изминатата година во Германија се родени најмалку бебиња од 1946 година досега. Бројот на новородени се намалил по четврти пат по ред, соопшти Сојузниот завод за статистика. Во 2025 година биле родени околу 654.300 деца, што е за 3,4 проценти помалку отколку во претходната година.
Бројот на починати во 2025 година, со околу 1,01 милион, го надминал бројот на новородени за 352.000 – што, според Сојузниот завод, претставува најголем дефицит во повоениот период.
Како причина, Заводот посочи дека сега во своите триесетти години влегуваат бројчено помалите генерации, родени во 1990-тите, возраст на која често се носи одлуката за деца.
Мекленбург-Предна Померанија со најголем пад
Како и во претходните години, и во 2025 година развојот во Германија е нерамномерен. Намалувањето на бројот на раѓања е поизразено во источните сојузни покраини, со минус 4,5 проценти, отколку во западните, каде изнесува минус 3,2 проценти.
Единствено Хамбург пријавил благ пораст од 0,5 проценти. Најголемиот пад е забележан во Мекленбург-Предна Померанија, со минус 8,4 проценти.
И во други европски земји во 2025 година имало помалку новороденчиња, меѓу кои, според првичните резултати, се Франција, Австрија, Италија и Шведска. Во Шпанија, Холандија и Финска, пак, се наѕира стабилизација, соопшти Сојузниот завод за статистика.