Јапонскиот премиер Кишида најави повлекување
14 август 2024Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска соопшти дека нема да се кандидира за претседател на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) во септември, со што најави дека неговата земја ќе добие нов премиер.
Победникот на тие партиски избори ќе стане нов премиер бидејќи ЛДП ги контролира двата дома во јапонскиот парламент.
Кишида беше избран за претседател на ЛДП во 2021 година, а неговиот тригодишен мандат истекува во септември.
Се очекува лидерите на ЛДП наредната недела да донесат одлука за датумот на внатрепартиските избори.
По серијата корупциски скандали во неговата партија и во владата, рејтингот на Кишида значително опадна и, според последните анкети, сега е под 20 отсто.
Кишида рече дека размислува за оставка веќе подолго време, но чекал да донесе неколку важни политички потези, како што се енергетската политика, драстичното зајакнување на војската за да одговори на безбедносните закани во регионот и подобрување на врските со Јужна Кореја, како и за политичка реформа.
Како потенцијални нови претседатели на ЛДП веќе се споменуваат три личности од врвот на партијата.