1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ прогнозира раст на македонската економија од 1,4 отсто

ДТЗ
12 април 2023

По двоцифрените стапки во 2022, годинава инфлацијата во земјата ќе забави и ќе изнесува 9,2 отсто. Од регионот, највисок економски раст годинава ќе забележат Косово- 3,5 и Црна Гора- 3,2 отсто.

https://p.dw.com/p/4PwNo
ММФ
ММФ прогнозира раст на македонската економија од 1,4 отстоФотографија: picture-alliance/dpa/J. Lo Scalzo

Според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), македонската економија годинава ќе забележи раст само од 1,4 отсто, а во наредната од 3,6 проценти. По двоцифрените стапки во 2022, годинава инфлацијата во земјата ќе забави и ќе изнесува 9,2 отсто. Прогнозите на ММФ не се оптимистички ниту за светската економија, откако во вторникот (11.04) беа објавени најслабите среднорочни очекувања за глобален раст по повеќе од 30 години. 

Во објавената Светска економска перспектива, ММФ ја намали прогнозата за глобалниот раст годинава, бидејќи зголемувањето на каматните стапки ја намали економската активност и предупреди дека натамошните превирања во финансискиот систем би можеле да го намалат производството на речиси рецесиско ниво.

Какви се состојбите во регионот?

Од земјите во регионот, највисок економски раст годинава се прогнозира во Косово- 3,5 и Црна Гора- 3,2 отсто. БДП на Грција ќе се зголеми за 2,6 проценти, на Албанија за 2,2, на Србија и на Босна и Херцеговина за 2,0, на Хрватска за 1,7 и на Бугарија за 1,4 отсто.

На глобално ниво ММФ годинава не очекува рецесија, туку раст од 2,8 отсто во однос на 2022. Не се очекува рецесија ниту во САД, за каде е прогнозиран раст од 1,6 отсто.

Пад на германската економија

ММФ ги намали прогнозите за некои големи економии, вклучително и Германија, која сега се прогнозира да се намали за 0,1 отсто во 2023 година и Јапонија, за која сега се прогнозира раст од 1,3 отсто оваа година, наместо 1,8 отсто, колку што се очекуваше во јануари.

Попозитивни се проекциите на ММФ за азиските економии. БДП на Кина годинава ќе се зголеми за 5,2 отсто, Индија ќе забележи раст од 5,9 отсто, а над пет проценти раст ќе имаат и Виетнам, Индонезија и Филипини.

Рецесија не се предвидува ниту во Јапонија (раст од 1,3 отсто), како ни во Русија, за која ММФ лани прогнозираше пад на економската активност од 2,1 отсто, а сега најавува раст од 0,7 отсто за 2023 година.

ММФ прогнозира дека глобалната инфлација ќе се намали, иако побавно од првично предвиденото, од 8,7 отсто минатата година на 7 проценти оваа година и на 4,9 во 2024 година.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема