1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Песимистички прогнози за германската економија

Клаус Улрих
27 декември 2022

Традиционално, на крајот на годината, Институтот за германска економија спроведува анкета меѓу здруженијата од различни стопански гранки за моменталната деловна ситуација и очекувањата за следните дванаесет месеци.

https://p.dw.com/p/4LRhE
Автомобилската индустрија очекува делумно надокнадување на загубите
Автомобилската индустрија очекува делумно надокнадување на загубитеФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Претставниците на индустриски здрженија се првенствено тие кои се загрижени за претстојната година. Посебно во секторите чие производство бара многу скапа енергија, како што е производството на бетон. Од значаен пад на производството исто така стравуваат енергетски интензивната хемиска индустрија и индустријата за челик. Загуби очекуваат и занаетчиските компании, градежната индустрија, голем дел од финансискиот сектор и секторите со недвижности. Помалу се гради, каматите растат, материјалот е сѐ поскап. 

„Нешто послабо производство очекуваат машинската и електронската индустрија“, се наведува во анализата на Институтот за германска економија (ИВ). Поумерен пад на производството тука се очекува поради големиот број веќе склучени договори, како и поради инвестициите поврзани со дигитализација и декарбонизација, кои делуваат долгорочно.

Надокнадување на загубите

Од друга страна, во саемската и рекламната индустрија очекувањата се позитивни: воглавно веќе нема ограничувања предизвикани од пандемијата на коронавирус. Исто како и во туризмот, компаниите се надеваат дека ќе ги надокнадат загубите. Тоа се однесува и на автомобилската индустрија, која во последните три години, поради пандемијата и глобалните проблеми со добавувачите, произведуваше значително под своите капацитети.

Сепак, еден важен фактор на ризик го расипува расположението и меѓу оптимистите: „Последиците од војната во Украина за германската економија уште се големо искушение“, вели експертот од Институтот, Михаел Гремлинг. „Компаниите не очекуваат дека високите цени на енергијата ќе паднат во догледна иднна. Тоа во голема мера ги слабее изгледите за наредната година.“

Војната во Украина ризик кој тешко се проценува

На крајот на 2021 година многу секторски здруженија проценуваа дека најтурбулентниот период помина. Последиците од пандемијата беа помалку забележливи, се веруваше дека недостигот од чипови и полупроводници е само привремен проблем.

Меѓутоа, руската војна против Украина ја промени ситуацијата. Цените на енергенсите достигнаа рекордни вредности, инфлацијата одамна не била толку висока и во согласност со тоа е лошо и расположението во германската економија, покажува истражувањето на Институтот за германска економија.

Пазарот на труд во Германија останува стабилен
Пазарот на труд во Германија останува стабиленФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Се намалува производсвото, но не и обемот на инвестиции

Од вкупно 49 секторски здруженија, анкетирани од средината на ноември до почетокот на декември, 39 оцениле дека моменталната ситуација е полоша отколку пред една година. Триесет се песимистични кога е во прашање претстојната 2023 година и очекуваат помало производство, додека 13 планираат повеќе да произведуваат.

Резултатите на анкетата не укажуваат на пад на инвестициите во Германија. Само осум здруженија во наредната година очекуваат поголеми инвестиции. Меѓутоа, 22 здруженија – воглавно во услужниот сектор, кои според податоците од Институтот сочинуваат околу 70 проценти од стопанското производство во Германија – поаѓаат од тоа дека инвестициите ќе останат исти. Пониски вложувања очекуваат 17 здруженија.

Стабилен пазар на труд

Што се однесува на пазарот на труд, поматените очекувања врзани за производството не се одразуваат еднакво негативно на плановите за вработувања. Само 16 здруженија сметаат за идната година на помалку вработени во своите стопански сектори. Стабилни вработувања очекуваат 23 здруженија, додека во девет сектори, како воздухопловството, угостителството и туризмот, се очекува намалување на бројот на вработени.Според оценката на Институтот, забележливата стабилност на германскиот пазар на труд е многу важна за економијата. Тоа носи оптимизам кога станува збор за очекуваните приходи на приватните домаќинства.Без оглед на високата инфлација, тоа има и стабилизирачки ефект на приватната потрошувачка.