1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстрадиција: Нов обид за враќање на Груевски дома

15 април 2026

Заострена реторика меѓу власта и опозицијата околу бегалецот Никола Груевски. Христијан Мицкоски вели дека нема информации, но има чувство дека набргу ќе бидат опфатени со прогон поранешни функционери и премиери.

https://p.dw.com/p/5CCA9
Премиерот Христијан, Мицкоски, 18.03.2025
Мицкоски очекува ист критичен пристап од опозицијата и во случаи кога под истрага или судски постапки би се нашле нивни функционери.Фотографија: Government of North Macedonia

Политичките промени во Унгарија повторно ја актуелизираа темата за можна екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски,кој од 2018 година се наоѓа во бегство во Будимпешта. Министерството за правда започна нова постапка за прибирање на неопходната документација од надлежните судови и обвинителството, во врска со предметите во кои Груевски е правосилно осуден, но и оние во кои сè уште се водат активни судски постапки.

Станува збор за техничка и законска процедура, при што се собираат сите релевантни документи од институциите каде што се изречени пресуди или се водат кривични постапки. По комплетирање на документацијата, како што наведуваат, ќе се постапи согласно важечките законски прописи и меѓународните процедури.

Политичките промени во Унгарија отвораат можност за екстрадиција

Ваквата постапка следи по победата на унгарската партија Тиса на парламентарните избори, чиј лидер Петер Маѓар јавно најави поинаква политика кон лицата кои се кријат во Унгарија. Во тој контекст, Маѓар директно го спомена и Никола Груевски, кој од ноември 2018 година е во бегство во Будимпешта.

Премиерот Христијан Мицкоски,коментирајќи ја актуелната состојба, изјави дека екстрадицијата за Груевски била побарана уште во 2018 година и дека истата била одбиена од унгарските власти во 2019 година поради одобрениот азил. На прашањето дали има очекувања дека Груевски би можел да се врати во земјава, премиерот рече дека нема такви сознанија.

„Но, ако поранешниот премиер се појави во земјава, ќе биде упатен на извршување на затворската казна“, додаде Мицкоски.

Мицкоски: СДСМ да го повика Васко Ковачевски да се врати

Во меѓувреме, лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче,упати јавно прашање до владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, дали досега е поднесено ново барање за екстрадиција на Груевски и дали Владата ќе постапи по најавите на новиот унгарски премиер.

„Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние што се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Тој со години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја, или ќе се врати тука да ја отслужи казната?“, праша лидерот на СДСМ.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, 3 април 2025
„Ќе бега ли Груевски на друго место, во Русија или во некоја друга земја, или ќе се врати тука да ја отслужи казната?“, праша лидерот на СДСМ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На овие наводи, Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во Скопје, возврати дека го загрижува однесувањето на опозицијата и нивниот селективен пристап кон правдата.

„Мене ме загрижува тоа што од опозицијата не ја научиле лекцијата и уште живеат во некој паралелен свет. Никако да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека очекува ист критичен пристап од опозицијата и во случаи кога под истрага или судски постапки би се нашле нивни функционери.

„Очекувам од истата опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува, и кога – имам чувство, не велам дека имам информации – дека набргу поранешни функционери од СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада или нивни блиски ќе бидат опфатени со одредени прогони. Очекувам и тогаш да имаат вакви прес-конференции и да не велат дека станува збор за политички прогон, туку да ги повикаат да одговараат пред институциите и да ја докажуваат својата невиност“, рече Мицкоски.

Транспарент, Никола Груевски, 19.11.2018
Се разгорува конфликтот меѓу власта и опозицијата околу враќањето на Груевски Фотографија: Hungarian Democratic Coalition

Од СДСМ возвратија: „имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски“. Од партијата велат дека „сите мора да бидат еднакви пред законот – вклучително и оние кои денес седат во премиерската фотелја и се обидуваат државата да ја користат како штит за своите бизнис-комбинации, како и сите оние кои државните институции ги користеле за лична и партиска корист“.

Кои судски постапки и пресуди го чекаат Никола Груевски

Доколку Груевски се врати дома, во Македонија го чекаат неколку пресуди и судски постапки. Според информациите на Основниот кривичен суд Скопје, поранешниот премиер има обврска да издржи затворска казна по две правосилни судски пресуди.

Станува збор за една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и деветгодишна казна затвор за предметот „Плацеви на Водно“, кој застарува во 2043 година. Покрај тоа, активни предмети во судот се и случаите „Титаник“ и „Талир 2“, при што кривичното гонење за „Талир 2“ застарува во август оваа година.