1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Опција за ЕУ во 2027 без право на глас

20 февруари 2026

Премиерот Христијан Мицкоски најави можност Македонија да стане членка на ЕУ во 2027 без право на глас, како дел од поширок план за Украина и евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/597HE
Средба на лидерите на СБ за план за раст | Март Кос и премиерот Христијан Мицкоски. 07.2025
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека постои опција Македонија да стане членка на Европската унијаво 2027 година, но во формат без право на глас. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека постои опција Македонија да стане членка на Европската унијаво 2027 година, но во формат без право на глас. Според него, ова сценарио е дел од поширок план поврзан со мировната иницијатива за Украина.

„Постои една идеја која сè погласно се слуша во Брисел и околу него, а која го опфаќа мировниот план за Украина. Интеграцијата на Украина би се одвивала по брза лента, со цел реконструкција по завршувањето на конфликтот. Тоа би било непринципиелно кон Западен Балкан, па затоа се разгледуваат две сценарија – и во двете сме вклучени“, рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Опција за „брза лента“ за Украина и Западен Балкан

Тој објасни дека првото сценарио предвидува Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да стане членка на ЕУ на почетокот од 2027 година, со учество во работата на Советот, комисиите и телата на Унијата, но без право на глас.

Според премиерот, за ваков модел постојат два задолжителни услови: усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, што, како што вели, Македонија веќе го има исполнето и владеење на правото.

Изјавата следи откако пред два дена (18 февруари), премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на Македонија, откако Србија и Албанија се согласија на членство во ЕУ без право на вето, рече дека „нема таква информација ниту понуда“.

„Кога нешто такво сериозно ќе дојде на хартија би можеле повеќе да дискутираме“, рече Мицкоски пред два дена. 

Уставните измени – дел од сценариото?

На прашањето дали уставните измени би биле дел од условите, Мицкоски наведе дека „претпоставува дека и тоа ќе биде дел од пакетот“, бидејќи претходната влада го прифатила како обврска.

Второто сценарио, како што додаде, предвидува вклучување и на другите земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија. „Светот се менува динамично, а ние треба да ги антиципираме тие промени и да се адаптираме“, истакна тој.

Мицкоски рече дека Владата ќе работи на откочување на евроинтеграциите, но не под притисок и не по цена на неповолни договори. Според него, аргументите на Македонија стануваат сè појасни во меѓународната заедница.

Премиерот Христијан Мицкоски 15.05.2025
Христијан Мицкоски најави нови сценарија за влез во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Критики кон опозицијата и прашањето за консензус

Премиерот повтори дека дел од надворешните актери „ќе бараат меко ткиво“ во политичкиот систем: „Секој кој не и мисли добро на Македонија и на граѓаните ќе бара меко ткиво и тоа го наоѓа во опозицијата“, рече Мицкоски.

На прашањето дали е можен консензус со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тој одговори: „Филипче кажа дека би го сменил Уставот уште утре. Кога имаме толку различни позиции, не гледам како би можеле да најдеме консензус. Тоа е мекото ткиво што го има македонскиот идентитет и се вика СДСМ“.

Мицкоски додаде дека работата и резултатите на неговата влада не можат да се споредат со претходната, која, според него, прифатила нешто „што не успеала да го испорача“. „Јас таква политика нема да водам. Јасни се правилата на игра, не ги менувам правилата според амбиентот. Тоа е конзистентен и јасен став што трае со години“, рече тој.

Уставните измени и европскиот пат

Овие изјави доаѓаат во период кога уставните измени се единствениот формален услов Македонија да ја отвори следната фаза од преговорите со ЕУ. За разлика од Белград и Тирана, кои испраќаат сигнал дека европската интеграција е стратешки приоритет и се подготвени за компромиси - доколку е неопходно, да се откажат од правото на вето пред зачленувањето во ЕУ, Скопје испраќа сигнал дека процесот може да продолжи само со дополнителни политички гаранции.

На 1 февруари, Мицкоски за новинарите изјави дека се надева дека ЕУ ќе изнајде начин „на нашиот пат да нема билатерални пречки“. Тој во неколку наврати изминатиот период порача дека додека тој е премиер, уставните измени нема да се случат без исполнување на два клучни услови: загарантирани права за Македонците во Бугарија и цврсти гаранции дека ЕУ нема да дозволи нови билатерални блокади.