1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски до Груевски: „Вистината е како шило...“

20 септември 2023

„Жалам што одлучи да правиш јавна пародија...“ Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку Фејсбук му одговори на барањето на експартискиот лидер Никола Груевски да ги објасни изјавите за германскиот весник ФАЦ.

https://p.dw.com/p/4WaGz
Христијан Мицкоски и Никола Груевски
Христијан Мицкоски и Никола Груевски на партиски собир во 2017 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Обвинувањата меѓу актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски прераснаа во директна Фејсбук пресметка, откако Мицкоски во средата јавно го прозва својот претходник и му порача дека „прави јавна пародија“ и „служи за дефокус од криминалите на власта“. 

Во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) објавено во вторникот, Мицкоски го обвини Груевски дека прави договор со актуелната влада да се спаси од кривичен прогон за делата за кои е обвинет, во замена за поддршка при гласањето за уставни измени. 

Груевски подоцна го повика Мицкоски да објасни дали навистина ги кажал тие нешта во разговорот за ФАЦ.  

„Ова не е 2018-та...“  

Мицкоски во средата, не само што не го демантираше кажаното, туку му порача на својот поранешен партиски лидер дека „вистината е како шило, и кога-тогаш ќе излезе на виделина“. 

„Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам“, му порачува Мицкоски на Груевски преку Фејсбук. 

„Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи в очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане сѐ подолго, креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор, тоа е твоја одлука, на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која сѐ повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас, политичарите, народот нѐ бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018-та, ова е друго време“, пишува Мицкоски. 

На крајот, Мицкоски му реплицира на Груевски користејќи ги неговите зборови од минатото:
„Како велеше, 'вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе', а вистината ја знаеме и јас и ти..., но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно.“ 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема