Макрон предлага средба на Г7 со Русија и со Данска
20 јануари 2026
Францускиот претседател Емануел Макрон му предложил на американскиот претседател Доналд Трамп состанок на земјите од Г7 со Русија и со Данска во четврток во Париз. Тоа произлегува од приватни текстуални пораки меѓу Макрон и Трамп, кои американскиот претседател ги сподели на платформата Трут соушал. Елисејската палата ја потврди за германската новинска агенција ДПА автентичноста на пораките.
Утрината, Трамп објави слики на кои се прикажани пораките на Макрон на неговата онлајн платформа. Во нив, Макрон предлага состанок на главните западни индустриски земји во Париз, по завршувањето на Светскиот економски форум во Давос. Според него, треба да се приклучат и претставници на Украина, Данска, Сирија и на Русија.
Во среда, Трамп се очекува во швајцарскиот планински град, каде што ќе одржи говор истиот ден. Пораките, исто така, покажуваат дека Макрон го поканил Трамп на вечера во Париз пред да се врати во Вашингтон.
Од 1998 година, Русија е членка на групата западни индустриски земји, која во тоа време се нарекуваше Г8. По анексијата на Крим во 2014 година, Русија беше исклучена, а групата беше преименувана во Г7. Покрај САД, во групата се и Франција, Велика Британија, Италија, Канада, Јапонија и Германија.
Макрон ги нагласува заедничките цели во Сирија и во Иран
Од опкружувањето на Макрон беше објавено дека Франција е решена да го претвори овогодинешното претседателство со Г7 во корисен придонес кон дијалогот и соработката. Истакнати се конфликтите во кои Франција и САД дејствуваат единствено. Во Сирија, Франција работи заедно со Американците за зачувување на единството и територијалниот интегритет на земјата, како и за почитување на прекинот на огнот, и останува лојална на своите сојузници во борбата против терористичката организација Исламска држава. Во Иран, Франција бара иранските власти да ги почитуваат основните слободи и да застанат на страната на оние кои ги бранат.
Во приватните пораки до Трамп, Макрон наведе дека Франција и САД се „целосно усогласени“ во врска со натамошниот тек во Сирија. Тој, исто така, нагласи дека би можеле да постигнат „големи работи“ во Иран.
Макрон до Трамп: Не разбирам што планираш за Гренланд
Во исто време, во објавените пораки, Макрон го изразува своето неразбирање во врска со плановите на Трамп за Гренланд. Американскиот претседател сака да ја принуди Данска да ја продаде оваа арктичка островска територија на САД. Германија, Франција и други земји потоа, во знак на солидарност со Данска, испратија војници во извидувачка мисија на Гренланд. Републиканскиот претседател потоа во саботата објави дека почнувајќи од 1 февруари ќе воведе царини за стоки од Германија и од други европски земји членки на НАТО. Со ова, тој сака да го скрши отпорот против продажбата на Гренланд на САД.