1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лектирите на проветрување - што сакаат децата да читаат?

5 ноември 2025

„Зоки Поки“, „Грдото пајче“, „Касни - порасни“, „Волшебникот од Оз“, „Итар Пејо“, „Петар Пан“ се само дел од книгите коишто се најдоа на списокот на МОН коешто ќе прави „проветрување“ на лектирите.

https://p.dw.com/p/537hF
Ученик со книга
Лектирите на проветрување - што сакаат децата да читаат?Фотографија: Getty Images

„Зоки Поки“, „Грдото пајче“, „Касни - порасни“, „Волшебникот од Оз“, „Итар Пејо“, „Петар Пан“ се само дел од лектирите коишто се најдоа на предлог-списокот на Министерството за образование (МОН) коешто ќе прави „проветрување“ на книгите коишто треба да ги читаат учениците од второ до деветто одделение. 

На листата се најдоа десетици нови наслови на книги, но битката против заборавот сѐ уште ја водат и „Хајди“, „Белото циганче“, „Децата од Павловата улица“, „Силјан штркот“ и „Авантурите на Том Соер“ - лектири со кои растеле и се образувале многу генерации во Македонија.

МОН на својата веб-страница објави предлог-список на лектири посочувајќи дека потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува „од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст“.

Предлог-списокот на лектири е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија. 

Книги во книжарница
„Зоки Поки“, „Грдото пајче“, „Касни - порасни“, „Волшебникот од Оз“, „Итар Пејо“, „Петар Пан“ се само дел од книгите коишто се најдоа на списокот на МОН коешто ќе прави „проветрување“ на лектиритеФотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Јавна дискусија за лектирите

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието најавуваат јавна дискусија за нов предлог-лектирен список за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието активно да се вклучат во дефинирање современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.

Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Сепак, одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина.

Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно. Од МОН велат дека во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби. 

Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој.