1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски бара деблокада, Мицкоски- предвремени избори

ДТЗ
7 ноември 2022

Партиите на лидерската средба која што ја иницираше премиерот Ковачевски, ги ставија на маса барањања во замена за глас за уставните измени во парламентот. Дел од нив порачаа дека е време за поддршка, а не за условувања

https://p.dw.com/p/4J8kD
лидерска средба Северна Македонија
Партиите на денешната лидерска средба која што ја иницираше премиерот Димитар Ковачевски, ги ставија на маса своите услови и барања во замена за глас за уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски по неколкучасовната лидерска средба во Собранието околу уставните измени коишто претстојат, порача дека е потребен договор за национално единство за напредок кон ЕУ. На средбата не биле усвоени заеднички заклучоци, но тој ја оцени како позитивен чекор, со оглед на тоа дека на заедничка маса седнаа речиси сите лидери на политички партии во земјата. Тој и повика да бидат мудри и да го „искористиме позитивниот момент во Европската Унија во наша полза“.

„Живееме во турбулентен период и треба да искористиме што имаме отворена врата и подадена рака од нашите европски партнери“, рече Ковачевски, неколкупати потенцирајќи дека на прво место е државата и интересите на граѓаните, а дури потоа се интересите на партиите. 

Ковачевски побара поддршка за патот на земјата кон ЕУ, но и одблокирање на работата на Собранието, каде чекаат на усвојување битни закони, особено од сферата на судството, за што земјата доби прекорување и во последниот извештај на Европската комисија. 

„Никој нема право да ја кочи иднината на државата заради партиски интереси. Никој нема право да блокира процеси кои се приоритет и развој. Очекувам сите да сме на ниво на задачата, да дадеме се од себе и максимално да дадеме свој придонес. Ние треба да обезбедиме за граѓаните европска и побогата иднина“, рече Ковачевски. 

На средбата која што се одржа напладне во Собранието, а на која присуствуваше и собранискиот спикер, Талат Џафери, дојдоа лидерите на ДУИ, ДОМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Демократски сојуз, ДПА, Алијанса на Албанците, ВМРО-НП, Демократската партија на Србите во Македонија, НСДП, ГРОМ, Социјалистичката партија, ЛДП, Партијата на пензионерите… На средбата не присуствуваа лидерите на Левица, Димитар Апасиев и на Беса, Биљал Касами. 

Поддршка и условувања 

Партиите на денешната лидерска средба која што ја иницираше премиерот Димитар Ковачевски, ги ставија на маса своите размислувања и услови во замена за глас за уставните измени коишто треба да поминат во парламентот, како еден од најважните услови за продолжување на патот кон ЕУ. Дел од нив најавија целосна поддршка за евроинтегративниот процес. 

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов побара репроцитет за уставните измени, додека првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, најави дека нема да го условува гласањето со промени во делот од Уставот каде сметаат дека треба да биде избришана формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански јазик.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски иако првично рече дека нема да присуствува на средба на која ќе се разговара за уставни измени, сепак дојде во Собранието. Премиерот Ковачевски на средбата со новинарите не откри дали и какви барања изнела опозицијата, но затоа Мицкоски потврди дека остануваат на нивниот цврст став дека нема да поддржат интервенции во Уставот, туку бараат да започне постапка за предвремени избори. Според него, мнозинство за уставни измени во Собранието нема ниту по лидерската средба.

„Не стана збор за инфлацијата од 20 проценти, не станат за ниедна тема што им е важна на граѓаните“, рече Мицкоски, оценувајќи дека  Владата се обидува да направи дефокус од вистинските проблеми и дека се фокусирале само на некои теми како евроинтеграцијата. „Се делеше еден смешен документ, како заклучоци, што се рабира не го прифативме“, рече тој. 

„Немаат мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучот, излезот е Парламентот да се распушти, да имаме техничка Влада и да одиме на избори“, рече Мицкоски.  

БЕСА не сака да ја спасува ДУИ 

„Со нас не можат да се договараат. Ние сме тврд орев“, со ваква порака деновиве претседателот на Левица, Димитар Апасиев информираше дека нема да учествува на лидерската средба. Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, пак, на само еден час пред лидерската средба, информираше дека нема да учествува на неа бидејќи е „свикана за да се спаси ДУИ од одговорностите“. 

„Таа средба е формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализација за преземените обврски со договорот, во кој, како услов беше вклучување на албанскиот јазик во Уставот на земјата“, рече Касами. Тој потенцираше дека Движењето БЕСА секогаш останува отворена и подготвена на соочување преку дијалог да ги реши прашањата за правата на народите кои се од витално значење и меѓународно загарантирани. 

„Немаме дилеми во интегративните ориентации, но нема да дозволиме албанскиот народ да биде третиран со понижување во Уставот на државата. Ние сме државотворен народ и како такви ќе мора да бидеме третирани и почитувани од законите во државата“, рече Касами. Тој минатата недела ги покани претседателите на партиите од албанскиот политички блок на лидерска за усогласување на позицијата да се тргне од Уставот формулацијата „20 отсто“ и да се замени со албански јазик. Но, ниту еден од лидерите на партиите од албанскиот блок не се одзвал на поканата.  

Лидерска средба Северна Македонија
Лидерот на БЕСА не дојде на средбата и порача дека не сакаат да ја спасуваат ДУИ од одговорностаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Без условувања за формулацијата „20 проценти“  

„Многу е лошо кога книгата која вие ја пишувате ќе ја предава друг универзитет. Тоа е крадење на платформа. Време е да се разговара јавно за идентитетот на Албанците да станат дел од правните норми на нашата држава. Не е моментот за уцени и давање на оружје во рака на интеграцискиот процес. Јас разговарав со Ахмети за оваа тема и ќе продолжиме да разговараме“, вели лидерот на ДПА, Мендух Тачи. 

Тој најави дека нема да ја условуваат својата поддршка за евроинтеграциите. „Ние немаме никаков услов“, вели Тачи, кој посочи дека како партија нема да блокираат уставни измени, ако не се промени делот од Уставот каде бараат да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански јазик. 

И претседателот на Алтернатива, Африм Гаши вели дека ќе го поддржат евроинтеграцискиот процес. „Алтернатива стои зад овој процес и ќе направи сѐ да даде поддршка што побргу да ги отвориме поглавјата“, рече Гаши. Тој потенцира дека Алтернатива не е партија која условува. „Напротив сакаме да воведеме принцип и тој начин на условување веќе да заврши како начин на политичко комуницирање помеѓу нас. Ние треба да разговараме врз база на аргументи и тоа што е општо добро за граѓаните, а не со условување“, рече тој. 

Реципроцитет 

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, нема ништо против тоа Бугарите да се внесат во Уставот но тоа според него треба да биде на реципрочна основа, односно Бугарија да го признае македонското малцинство, тие таму да можат да отвораат здруженија и да формираат партии. Лидерот на ДС најави дека ќе побара и во скрининг процесот да биде вклучен целиот конструктивен и компетентен потенцијал во општеството, како и целосна реформа на изборното законодавство како што бара и Европската комисија од земјата. Партијата веќе подолго време бара Македонија да биде една изборна единица.  

Павле Трајанов
Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, нема ништо против тоа Бугарите да се внесат во Уставот, но бара реципроцитетФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Да се фокусираме на реформите“ 

Претседателката на ДОК; Маја Морачанин порача дека партиите треба да се фокусираа на реформите и на прашањето за Преамбулата на Уставот, а не на барања за предвремени избори. „Тие условувања никому не носат добро, бидејќи темата за средбата е европските интеграции на Македонија и да се обезбеди консензус по тоа прашање, вели таа. Заложба на ДОМ е реформите коишто се неопходни за државата, поефикасно и поинтензивно да се спроведуваат.

Во однос на барањата на албанските партии, нејзин став е дека сите треба да бидеме фокусирани само на прашањето што се однесува на внесување на овие народи во преамбулата во Уставот. „Доколку се отворат различни теми, без разлика дали е за 20 проценти, некој спомнуваше укинување на Бадентер, мислам дека тоа дефинитивно нема да не води кон консензус и кон успешно завршување на евроитнеграциискиот процес“, порача Морачанин. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема