1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Македонскиот јазик е дел од европските јазици

ДТЗ
20 јуни 2023

Некои сили внатре во државата, но и надвор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на земјата. Со лаги за македонскиот идентитет се нанесува огромна штета, вели премиерот Димитар Ковачевски.

https://p.dw.com/p/4SoQo
Димитар Ковачевски
Со лаги за македонскиот идентитет нанесуваат огромна штета, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Македонскиот јазик е научна, книжевна и политичка реалност во Македонија и светот. Тој е веќе дел и од европските јазици. Македонскиот јазик јасно стои испишан на преведувачките кабини во Брисел, целото ЕУ-законодавство се преведува на македонски и билатералниот скрининг се одвива на македонски јазик. Ова значи афирмирање и потврдување на македонскиот јазик како дел од ЕУ, истакна премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков.

Тој оцени дека тоа го потврдуваат и земји членки на ЕУ преку нивни резолуции, како што направи Бундестагот, кој јасно ја потврди својата поддршка и признавање на македонскиот јазик, култура и идентитет и даде поддршка за зачленување на Северна Македонија во Унијата, каде македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат дел од мозаикот на европскиот идентитет.

„Со тоа не постои поголема потврда и поголем доказ дека македонскиот јазик веќе, со одлуките што ги донесовме минатата година, е дел од европските јазици, односно јазиците на ЕУ“, рече Ковачевски.

Со лаги се нанесува огромна штета

Според премиерот, македонскиот јазик беше оспоруван во политичкиот свет, а тоа го знаел и Мисирков, кога книгата „За македонцките работи“ ја поставил на пет поглавја и во нив се осврнува на политичките и културните предуслови за формирањето на македонска нација.

„Минатата година, со почнувањето на преговорите со ЕУ, ставивме крај на внимателните политички формулации дека зборуваме јазик на Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски. Македонскиот јазик денес е официјален јазик во ЕУ. Првиот договор со ЕУ веќе е потпишан на чист македонски јазик“, рече Ковачевски.

Премиерот вели дека во земјата и надвор од неа има сили кои се обидуваат да го забават напредокот на државата кон европската иднина. „Некои сили внатре во државата, но и надвор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и европската иднина на нашите деца. Тоа го прават со лаги, злоупотреби за најчувствителната точка – македонскиот идентитет. Со тоа нанесуваат огромна штета, токму на нашите идентитетски определби“, вели Ковачевски.

#dw_BalkanBooster: Ме разбираш?