1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Конфликт Иран-Израел: Кој има влијание врз Техеран?

Шабнам фон Хајн | Катрин Шаер | Олга Тикомирова | Чанг Јун-Чин | Ѓулсен Солакер
20 април 2024

Со оглед на опасноста од војна, има голема раздвиженост во дипломатските активности околу Иран. Но, кој реално има влијание?

https://p.dw.com/p/4evek
Ирански балистички ракети пресретнати од Израел во воената база Јулис во Израел
Ирански балистички ракети пресретнати од Израел во воената база Јулис во Израел Фотографија: Tsafrir Abayov/AP/picture alliance

По големиот напад со дронови од страна на Иран, Израел сака одмазда. „Мора да бидат исто толку нервозни, колку што нѐ направија и нас", рече премиерот Нетанјаху во вторникот (16.04.24). Нападот ќе биде обмислен, додаде тој. Иран во ноќта кон неделата (14.04.24) за првпат го нападна Израел од сопствена територија, како одмазда за ракетен напад врз иранскиот конзулат во сирискиот град Дамаск, во кој загинаа седум членови на Иранската револуционерна гарда. Иран и неговите сојузници го обвинуваат Израел за нападот. Израел не се изјасни за обвинувањата.

Според податоци на израелските власти, биле пресретнати речиси сите од Иран лансирани дронови, ракети и крстосувачки ракети. Сега Иран предупредува дека „и најмала акција“ на Израел против „интересите на Иран" ќе има како последица „тешка, сеопфатна и болна реакција" од нивна страна.

САД и ЕУ се обидуваат да влијаат врз Израел за умереност. Но, кој има влијание врз Иран и би можел да спречи ескалација по можен одмазднички напад од Израел?

 

Катар

Според информации од Кабинетот на иранскиот претседател Ебрахим Раизи, тој во вторникот (16.04.24) разговарал телефонски со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани. Иран и Катар имаат блиски дипломатски релации, особено по кризата во Катар, кога од 2017 до 2021 година емиратот беше изолиран во арапскиот свет под влијание на Саудиска Арабија. Ријад на Катар му префрлаше, меѓу другото, дека поддржува терористички групи во регионот. Иран и Катар важат за поддржувачи на терористичката организација Хамас. Со одобрение на израелската влада, Катар е меѓу најважните финансиери на хуманитарната помош за Појасот Газа и важи за најважен посредник меѓу Израел и милитантниот Хамас. Со посредништво на Катар беше договорен и краткиот прекин на огнот во ноември 2023 година и размената на заробеници меѓу Израел и Хамас.

Оман

Оман дејствува под радарот на јавноста и одамна игра клучна улога како посредник меѓу Иран и САД. Без Оман не би биле можни договори во преговорите за иранската атомска програма во изминатите две децении. Оман на арапскиот полуостров освен тоа се залага и за ослободување на американски и европски затвореници во Иран. Весникот „Њујорк тајмс“ јавува дека американската влада од минатата недела преку Оман и Швајцарија се обидува да воспостави дијалог со иранските власти. САД и Иран немаат дипломатски релации. Контактот мора да оди преку трети држави.

иранскиот верски водач Али Хамнеи и султанот на Оман, Хаитам бин тарик Ал Саид
Средба во Рехеран на иранскиот верски водач Али Хамнеи (д.) и султанот на Оман, Хаитам бин Тарик Ал Саид (29.05.2023)Фотографија: Isna

Саудиска Арабија

Саудиска Арабија, историски погледнато контра-играч на Иран во регионот и близок сојузник на САД, исто така има интерес ситуацијата да не ескалира понатаму, затоа што земјата живее од извозот на нафта, кој би бил загрозен ако војната се прошири. Дури во 2023 година дојде до нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Иран со посредништво на Кина. Двете земји повторно испратија амбасадори, ја засилија меѓусебната трговија, па дури и разговараа за соработка во одбраната. Но, Саудиска Арабија и историски погледнато не може да има директно влијание врз Иран, и наместо тоа следи индиректна стратегија. Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан бин Абдула ја предлага Кина за посредник. Неговата земја има големи очекувања и надежи дека Кина ќе игра активна и важна улога во тоа загрозувачката состојба на Блискиот Исток да се врати во нормала, рекол министерот во разговор со неговиот кинески колега.

Кина

Пекинг, според сопствени наводи, сака да спречи натамошна ескалација на Блискиот Исток, пренесува државната новинска агенција Ксинхуа. Кина е најважниот трговски партнер на Иран. Двете земји имаат и соработка на воен план. Во телефонскиот разговор со иранскиот колега, првиот човек на кинеската дипломатија Ванг Ји побарал воздржаност од Иран. Кина како земја со право на вето во Советот за безбедност на ОН го осудила ракетниот напад врз дипломатското претставништво на Иран во Дамаск. Во самиот Совет за безбедност сепак не можеше да биде постигнато единство околу осуда на инцидентот.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји со неговиот колега Фајсал бин Фархан од Саудиска Арабија
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји со неговиот колега Фајсал бин Фархан ал Сауд од Саудиска Арабија (архивска фотографија)Фотографија: Andy Wong/AP/picture alliance

„Кина не сака ситуацијата на Блискиот Исток да излезе од контрола. Земјата веќе е конфронтирана со растечки трошоци за транспорт и драстичен пораст на ризиците за снабдување со енергенси“, вели Џејмс Дорси, политиколог на Техничкиот универзитет Нанјанг во Сингапур, за сингапурскиот весник „Заобао“. Но, Кина нема канали за комуникација со Тел Авив, смета Дорси и додава дека „единственото што Кина може да го стори е заеднички апел со меѓународната заедница до Израел, да се избегне ескалација и да се реагира воздржано.“

Русија

Русија традицонално има добри политички релации со сите вклучени страни – Израел, палестинските групи, Саудиска Арабија и Иран. Во Иран, Русија важи за близок сојузник. За време на американските санкции, Москва и Техеран ја продлабочија меѓусебната соработка. Иран испорачува дронови за руската армија, кои се користат против Украина.

Растечките тензии меѓу Иран и Израел го одвлекуваат вниманието од војната во Украина, па оттаму се поставува прашањето - дали Русија навистина е заинтересирана на деескалација на Блискиот Исток?

„Сѐ што доведува до пораст на цената на енергенсите, особено на нафтата, краткорочно, па дури и среднорочно, е предност за Русија“, вели израелскиот воен експерт Дејвид Шарп, во интервју за ДВ. „Но, ако Иран биде вовлечен во голема војна и се води војна против него, теоретски е можно ограничување на иранската испорака на оружје за Русија", посочува експертот.

Москва побара воздржаност, како од Израел, така и од Иран. Секретарот на Рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев, во понеделникот (15.04.), во разговор со шефот на израелскиот Национален совет за безбедност, Захи Ха-Негби, ја нагласи потребата од „воздржаност на сите страни вклучени во конфликтот на Блискиот Исток, за да се спречи ескалација". Патрушев нагласил дека Русија смета оти разликите во мислењата треба да се решат „исклучиво со политички и дипломатски средства“, пренесуваат руските новински агенции.

Турција

Турција уште од првите денови на конфликтот на Блискиот Исток ја поддржува позицијата на Палестинците. Минатата недела Анкара дури најави економски санкции против Израел. И турската влада стравува од натамошни тензии и насилство меѓу Иран и Израел и побара воздржаност од двете страни. „За разлика од другите земји во регионот, како Катар, Оман и Саудиска Арабија, Турција има долга копнена граница со Иран“, вели Гулру Гезер, дипломатка и директорка за надворешна политика на Турската истражувачка фондација за економска политика ТЕПАВ. „Можна дестабилизација во соседната земја би можела да има огромни последици за Турција, особено во поглед на миграција од Иран. Тоа Турција, за жал, веќе еднаш го доживеа со војните во Ирак и Сирија.“

Овој текст првично е објавен на