Кина воведе екстра царини за францускиот коњак
8 октомври 2024Кинеските љубители на алкохол ќе мора да плаќаат повеќе за Реми Мартен и други европски коњаци откако владата воведе дополнителни царини од над 30 проценти во вторникот, четири дена откако ЕУ одобри екстра давачки за увоз на кинески електрични автомобили.
Одмадзничкиот потег им дава на кинеските преговарачи потпора во преговорите со ЕУ за елиминирање на царините од 35% за електричните возила произведени во Кина.
Царините за коњакот се привремени и со нив се бара од увозниците да ги депонираат средствата во висина на царината пред да ги внесат пијалоците.
Анти-дампинг истраги
Кина започна серија анти-дампинг истраги за увозот на коњак, свинско месо и млечни производи од Европа, откако ЕУ најави дека планира да воведе царини на кинеските автомобили.
Истрагата воглавно се фокусираше на француските производители на коњак и армањак. Франција го поддржа воведувањето царини за кинеските електрични возила, додека Германија, чии автопроизводители се плашеа од одмазда на кинескиот пазар, беше против. Француското здружение на производители на коњак во вторникот апелираше „да се преземат сите мерки за да се отстранат новите давачки“.
Кинеските царини варираат според брендот, слично како и царините кои ги воведе ЕУ за кинеските возила. На пример, за увоз на Мартел ќе се плаќа царина од 30%, за Реми Мартен 38%, а за коњакот на Хенеси дури 39%. Меѓу погодените производители има и шпански фирми.