1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Келнската катедрала ноќе е во темница (лево до 23 часот, десно по 23 часот)
Келнската катедрала ноќе е во темница (лево до 23 часот, десно по 23 часот)Фотографија: Marius Becker/dpa/picture alliance

Како Германците штедат енергија

Оливер Пипер
17 август 2022

Граѓаните се во очајна потрага по советници за заштеда на енергија. Некои воопшто не знаат што сѐ во домаќинството голта премногу струја.

https://www.dw.com/mk/kako-germancite-stedat-energija/a-62820487

„Кога ќе се заврши со изградба на катедралата, светот ќе пропадне“, гласи една позната поговорка во Келн. Познатата црква е завршена уште во 1880 година, но сѐ до денес ја „красат“ голем број скелиња. Сега, веќе неколку дена, жителите на Келн можеби можат и да си помислат дека претстои крај на светот, зашто ако кон катедралата се фрли поглед по 23 часот, скелињата тешко може да се видат - заштитниот знак на градот, вообичаено силно осветлен цела ноќ, сега е во темница. Во време на војна во Украина, треба да се штеди струја.

„Сè уште нема причина за паника, но мора да се подготвиме за вистински итен случај. Од една страна, има тесни грла во снабдувањето со гас, но има и сценарија за прекин на електричната енергија за што треба да се подготвиме“, вели шефицата на управата на Град Келн, Андреа Бломе. „Нашата главна одговорност сега е да ја одржиме 'во погон' таканаречената критична инфраструктура, дури и ако има недостиг од електрична енергија.“

Ако за грижа за енергетската безбедност на милионскиот град некој е навистина соодветен, тогаш тоа е Андреа Бломе. Пред неколку дена, работната група за енергетска безбедност беше претворена во тим за управување со кризи; Бломе го доби водството. Оваа архитектка по професија моментално жонглира со три кризи во исто време: прашањето за енергетската безбедност, короната и Украина.

„Се разбира, прво и основно штедиме електрична енергија, бидејќи во текот на летото топлината не е толку ургентна. Ова се однесува пред сè на осветлувањето: стадионот во Мингерсдорф, катедралата, историското Градско собрание и мостовите на Рајна - на сите овие места струјата се исклучува во 23 часот навечер, а наесен тоа ќе се прави еден час порано, во 22 часот“, вели Бломе.

Затемнети улични светла затемнети, постудени базени, исклучени компјутери

Градот сега во текот на ноќта ги гаси светлата на повеќе од 130 репрезентативни објекти; уличните светла по 23 часот исто така светат со половина од нормалната јачина. Но, Келн не штеди само на осветлување за, како што бара ЕУ, да ја намали потрошувачката на енергија за 15 проценти.

Клима-уредите во градските канцеларии работат малку, а во зима канцелариите треба да се загреваат само до 19 степени. Водата во базените е значително поладна. Бломе сака по секоја цена да избегне затворање на базените поради курсевите за деца. Но, другите градови во Германија веќе го направија ова. А од вработените во Град Келн исто така се бара секојдневно да штедат енергија.

„На нашите 23.000 вработени во градската администрација ќе им поделиме и дополнителен материјал со цел повторно да го изостриме вниманието. На пример, навистина да ги исклучуваат компјутерите кога ќе излезат од канцеларијата.“

Андреа Бломе: Најголема грижа ни е како мерките да бидат социјални
Андреа Бломе: Најголема грижа ни е како мерките да бидат социјалниФотографија: Stadt Köln

Германците купуваат слушалки за туширање и чешми за мијалници

Пред два месеца, министерот Роберт Хабек упати апел за заштеда на енергија и го предупреди на населението декаесента и зимата може да бидат потешки. Апелот на министерот за економија гласи: мијте и загревајте помалку, не користете клима-уреди и туширајте се најмногу пет минути, по можност со слушалка за туширање што штеди вода.

Кој сака да купи такво нешто, оди во продавница за градежни материјали, продавница за санитарии или пак нарачува на интернет. Александер Цех, раководител на Грое Германија, компанија која е една од водечките на пазарот, за ДВ вели: „Побарувачката за производи за заштеда на вода се зголеми во последните недели. Во делот на тушевите кои штедат вода се забележува благ пораст на побарувачката, а побарувачката на мијалници е зголемена веќе за десет проценти“.

Анкетите покажуваат дека Германците ја разбрале пораката. За да се испрати сигнал против руската инвазија, но пред сè за да се заштити сопствениот паричник, тие се тушираат пократко или со поладна вода, сè почесто ги исклучуваат мобилните телефони или компјутерите од штекер, а вечерниот оброк со свежо сварени тестенини го заменуваат со намачкан леб.

„Благодариме за заштедата на енергија“ - плакат во Бон
„Благодариме за заштедата на енергија“ - плакат во БонФотографија: Peter Hille/DW

Очајна потрага по енергетски консултанти

Луѓето кои моментално се меѓу најбараните во Германија се енергетските консултанти. Во земјата ги има околу 13.000. Селија Шице е една од нив. Таа е коосновач на Агенцијата за енергија во Бон и сега е нејзин раководител.

Во првиот квартал од годинава, агенцијата имала 70 отсто барања повеќе од вообичаено; потоа веќе не можела да ги доброи. Поради големиот број заинтересирани, Агенцијата за енергија одамна премина од консултации „еден на еден“ на „групни состаноци“, на кои ги презентираат основите на фотоволтаичните системи, даваат совети за изолација на зградите и објаснуваат сѐ за топлинските пумпи. Во основа, секогаш важи: закажување термин два месеца однапред.

Шице вели: „Делумно владее чувство на беспомошност. Многу луѓе немаат поим каде се нивните најголеми проблеми. Тие не знаат од каде да почнат. Кај многумина постоело чувство дека ако загреваат со гас, тогаш имаат ефикасен и модерен систем за греење. Беа малку зачудени дека тоа не е точно, затоа што секој систем за греење на гас е исто така фосилен.“

Селија Шице раководи со Агенцијата за енергија во Бон
Селија Шице раководи со Агенцијата за енергија во БонФотографија: Boeschemeyer

Можности за заштеда на енергија во секое домаќинство

Шице со насмевка раскажува за карикатура што ја видела неодамна: толпа луѓе нервозно чекаат пред врата. Се чини како некоја позната личност да ќе го пречекори прагот. Наместо тоа, се појавува енергетски консултант кој сè уште има бесплатни термини. Шегата има сериозна позадина - во цела Германија има недостиг од експерти кои даваат стручни совети за заштеда на енергија.

„Нашиот основен пристап е прво да се користи помалку енергија, односно да се дознае - каде што користам? Сè уште има случаи, на пример, радијатори да има во гаражата или во подрум. Но, она што секој може да го направи, се разбира, е да го согледа своето однесување како корисник. Ако сите го намалат термостатот за еден степен, ќе се заштедат шест проценти од енергијата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Влада Северна Македонија

Пламенот на „Огнената група“ опасен и за владиниот кабинет

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница