1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: alphaspirit/Fotolia.com

Јакне прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција

Свето Тоевски
8 август 2015

Општини и други корисници од Македонија, од 2007 до 2013 добиле 25,4 милиони евра од ЕУ-фондовите за прекугранична соработка со општини и други партнери од Албанија, Косово, Бугарија и Грција, реализирани се 199 проекти

https://www.dw.com/mk/j%D0%B0%D0%BA%D0%BDe%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BA%D1%83%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%87%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BE%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%BA%D0%B0-%D0%BC%D0%B5%D1%93%D1%83-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B8-%D0%B3%D1%80%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-18635516

Според Секретаријатот за европски прашања при Владата на Македонија, оваа држава во изминатиот седумгодишен период остварила 85-процентна искористеност од вкупно префрлените 29,88 милиони евра од фондовите на Европската унија наменети за поддршка на прекуграничната соработка на Македонија со Албанија, Грција, Бугарија и Косово. Со нив во периодот 2007-2013 година заемно биле реализирани вкупно 199 проекти. Орхидеја Каљошевска, државен советник во владиниот Секретаријат за европски прашања, нагласува: „Програмите за прекугранична соработка навистина придонесуваат за подобрување на општата клима на односите меѓу земјите вклучени во таа соработка, а особено меѓу општините – кориснички на проектите. Очекуваме дека оние проекти што се реализираат и оние кои ќе уследат во наредниот период ќе бидат мост за градење цврсти односи на партнерство и соработка на сите нивоа. Во тек се преговори за развивање таква програма и со Србија, за која веруваме дека во краток период ќе го достигне квалитетот на соработка со останатите земји.“

Зоран Дамјановски, градоначалник на општина Куманово и потпретседател на Заедницата на општини на Македонија, изнесува поинакви констатации во врска со искористеноста и трошењето на парите од ИПА-фондовите: „Вкупниот буџет на ИПА-фондовите од 2007-2013 год, кои можеле да го користат државите-кандидати, изнесувал 11,5 милијарди евра, а само за Македонија приближно 650 милиони евра. Ориентационо, од нив се искористени само околу околу 28 проценти. Ние сме земја со најмал процент на искористеност на претпристапните фондови во регионот. Во изминатиот период се реализираа повеќе 'софт' ('меки') проекти, одошто инвестициони и конкретни проекти, кои ќе помогнат во намалувањето на разликите меѓу граничните региони.“

Mazedonien Albanien Zusammenarbeit von Kommunen
Соработка меѓу македонската општина Боговиње и албанската ЕлбасанФотографија: DW/S. Toevski

Најмногу пари се издвојуваат за прекуграничната соработка со Грција

Каква е прекуграничната соработка на Гевгелија со одредени општини од Грција? Гевгелиската локална самоуправа истакнува: „Имаме долгорочна соработка со соседните грчки општини и ние сме им првата станица кога се бараат проектни партнери од македонска страна. Првата соседна општина од грчка страна, Пеонија, е општината со која Гевгелија има најголема прекугранична соработка. Тука е за споменување проектот за основање Центар за вработување и бизнис и Трговски саем и пазар во прекуграничната област, кој што е спроведен заеднички со Пеонија и Ираклија. Целта беше да се отворат заеднички канцеларии за комуникација, преку кои бизнисмените и обичните граѓани од двете страни на границата ќе можат да комуницираат поедноставно. Го реализиравме и проектот за управување со речните сливови како мерки за претпазливост против засилените порои, каде што партнери ни беа ’Развојната агенција’ и префектурата во Пела. Беше изграден и одводен канал за атмосферски води во Негорци, Гевгелиско. Сега со Пеонија го почнуваме и проектот 'Заеднички активности за ефикасно управување со водите во прекуграничниот регион', вреден 340 илјади евра. Реализираме прекугранични проекти и со Разлог и Банско од Бугарија.“

Го запрашавме и градоначалникот Дамјановски: каква е соработката и на Куманово со општини од Бугарија? Тој вели: „Сакам да укажам како не треба да се одлучува при реализацијата на ИПА-фондовите. Општина Куманово изготви значаен проект за реализација на бизнис центар, седиште на зедничка македонско-бугарска банка и мултифункционална сала за организирање инфо-саеми на бизнисите од двете страни. Предвидена е можност за проширување со проекти и од Косово и Србија, со што би се организирал голем регионален бизнис-инфоцентар за Бугарија, Србија, Косово и Македонија, стациониран на крстосницата на коридорите 10 и 8. Партнер на овој проект ни беше општина Дупница од Бугарија. Оценувачите од Бугарија го вреднувале проектот со максимален број бодови како приоритетен, но македонските оценувачи му дале најнизок број бодови, како неприоритетен. Одлучено е да се стави на резервна листа на чекање, за да не се вклучат ЕУ-експерти и за да не го преиспитаат бодирањето.“

Во експертската јавност повремено можат да се чујат мислења дека е „потребно да се засилат административните капацитети на општините за изготвување поквалитетни проекти заради конкурирање пред европските ИПА-фондови, кои се уште недоволно се користат“. Затоа, побаравме став на Секретаријатот за европски прашања во врска со ваквите мислења. Државниот советник Каљошевска одговара: „Секогаш постои потреба и можност за унапредување на искористеноста преку нови и подобри проекти. Во таа смисла, правилата и приоритетите на ИПА се менуваат, па оттаму и дополнително се оправдани мерките за градење нови капацитети и надградба на постојните капацитети. Генерално, локалните самоуправи реално се соочуваат со недостиг на капацитет особено по прашањата за мобилизирање средства од странски извори. Квалитетен, образовен кадар се одлева кон поголемите градови и надвор од државата. Наша цел, и како институција и како Влада, е правилно да ги согледаме овие предизвици и ризици и да понудиме соодветен одговор. Еден од нив е и функционирањето на ЕУ Центарот за обуки.“

irim Shabani
Министерот за локална самоуправа на Македонија, Лирим ШабаниФотографија: DW/S. Toevski

Колку се (не)стручни кадрите во државните институции за искористување на ИПА-фондовите?

Според Дамјановски, „со своите партизирани, нестручни и некомпетентни кадри во институциите Македонија е убедливо на последно место во искористувањето и реализацијата на европските ИПА фондови, иако има децентрализиран начин на одлучување во користење на претпристапната помош“, Тој дополнува: „Клучно е државните институции, почнувајќи од Евро-секретаријатот до надлежните министерства, да се ослободат од партиските догми и команди со исклучување на селективноста и подобноста. Потребна е изработка на итна стратегија за искористување на преостанатите средства, кои не се малку, а со давање нагласка на економската компонента и со форсирање инвестициски проекти, кои натаму ќе придонесат кон зголемувањето на соработката меѓу регионите.“

Градоначалникот на Гевгелија Франгов се надоврзува: „При проектите од прекуграничната соработка навистина се градат партнерства, но треба да се биде внимателен со кого се соработува. Соработката и партнерствата треба да бидат базирани на доверба. Очекуваме дека и за нас ќе се применуваат правилата и критериумите, кои важеа за останатите земји на патот кон ЕУ. Неопходно е многу повеќе да се вложи во обуката на персоналот, кој ги спроведуваше проектите. Тоа треба да биде направено навремено: пред или на почетокот на реализирањето на програмите.“

Дефинирана е и програмата за прекугранична соработка на Македонија со Албанија, Грција, Бугарија и Косово во периодот 2014-2020 година: тие заедно ќе имаат на располагање 85,1 милиони евра од фондовите на ЕУ. Повторно најмногу пари ќе се насочат за заеднички проекти на Македонија со Грција - 44,39 милиони евра. Државниот советник за евроинтеграции во Министерството за локална самоуправа Мјелма Мехмети-Петерсен укажува на важноста на следниот момент од програмата со Грција: „Таа ќе се остварува со споделено управување, при што примената на финансиските обврски ќе се делегира на земјите - учеснички. За Македонија ова значи унапредување на соработката со Грција, со оглед дека во изминатите седум години период двете земји спроведуваа заедничка програма со посредништво на Делегацијата на ЕУ во Скопје.“ Значи, сега таа соработка за првпат ќе се одвива директно меѓу двете земји.

Обопштено, главна цел на прекуграничната соработка на Македонија со четирите соседни држави и во периодот до 2020 година ќе биде постигнувањето одржлив развој на граничните региони заради поддршка на пошироките напори за соработка и влез во ЕУ. Во таа смисла и министерот за локална самоуправа Лирим Шабани имаше изнесено во годинашниов априлски билтен на неговото министерство дека „прекуграничната соработка ја гради заедничката европска иднина на регионот“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Во македонскиот парламент нема потребно мнозинство за уставни измени

Прво избори, па уставни измени?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница