1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израелската армија го подели Појасот Газа на два дела

ЖА /АРД
6 ноември 2023

Појасот Газа, според израелски армиски извори, е комплетно поделен на два дела, а градот Газа е опколен. Проширени се израелските воздушни напади, а не престанува ни ракетирањето врз Израел.

https://p.dw.com/p/4YRDN
Газа, Израелска армија
Израелската армија ја проширува копнената опреација во Појасот ГазаФотографија: Israel Defense Forces/Handout via REUTERS

При својата копнена операција, израелската армија извршила поделба на Појасот Газа на два дела – сега постојат северна Газа и јужна Газа, како што изјави армискиот портпарол Даниел Хагари во неделата вечерта. Израелските единици стигнале до брегот јужно од градот Газа и го контролираат, а  градот е целосно опколен,  што е решавачки чекор, тврди Хагари. Според него, на цивилите и натаму им е овозможено да побегнат во јужниот дел од Појасот Газа. 

Армискиот портпарол изјави дека станува збор за  решавачка фаза во војната  против милитантно-исламистичката организација Хамас. Израелските медиуми пренесуваат дека се очекува во следните 48 часа израелските војници да влезат во градот Газа. Објавената поделба на Појасот Газа, како што оценува дописникот на германскиот јавен сервис АРД Оливер Мајер Рут, претставува безбедносна предност за израелската војска,  со оглед што Хамас своите напади главно ги врши од густо населениот северен дел, кој е негово упориште. Но, згрижувањето на два милиони луѓе во јужниот дел од Појасот Газа останува и натаму хуманитарен предизвик.

Израел ги проширува воздушните напади

Според портпаролот на армијата Хагари, Израел во вечерните часови ги проширил воздушните напади врз густо населениот крајбрежен појас. Израелската армија претходно објави дека продолжува да ги „елиминира терористите во блиска борба“ во Појасот Газа и да ги напаѓа позициите на милитантниот исламистички Хамас од воздух. Вкупно, повеќе од 2.500 „терористички цели“ се бомбардирани откако почнаа да се распоредуваат копнени трупи на палестинската територија.

Борбите се` повеќе се фокусирани на градот Газа, каде според сомнежите на Израел се концентрирани важни командни структури на Хамас. Болниците, каде што десетици илјади луѓе сè уште бараат заштита, најверојатно ќе бидат под поголема контрола во наредните денови. Портпаролот на израелската армија изјави дека болниците се дел од „воената машинерија“ на Хамас. Ноќеска повторно биле прекинати телекомуникациите и интернет услугите во Појасот Газа.

Во неделата Израел повторно го повика цивилното население да се пресели на југот на Појасот Газа во рок од четири часа. Стотици илјади луѓе се` уште се во северниот дел, зашто, тврди Израел, терористичката организација Хамас ги спречува да избегаат и тие не можат да бидат сигурни дека живи ќе пристигнат на југ. И таму продолжуваат да паѓаат бомби и има повеќе од 2.000 мртви.

Појасот Газа бегалци
Израел повторно упати пивик до цивилното население да го напушти северниот дел од Појасот ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/AA/picture alliance

Ракетирање и од Либан

Исто така, во вечерните часови повторно имало ракетни аларми во делови на Израел. Во пошироката област на Тел Авив, многу луѓе биле принудени да заминат во засолништа поради опасноста од ракетите испалени од Појасот Газа.

Ракетен оган врз северен Израел имало и од Либан - неколку ракети биле истрелани врз градот Кирјат Шмона. Либанската милиција Хезболах, која го контролира јужниот дел на Либан, соопшти дека тоа е одмазда за израелскиот воздушен напад во кој загинаа три деца и една жена.

Според војската, израелско возило било погодено и со противтенковска ракета на границата со Либан, по што војската возвратила и го нападнала местото на нападот.

Милицијата Хезболах соопшти дека нападнала група израелски војници во близина на границата, предизвикувајќи жртви. Според армијата, израелската ракетна одбрана претходно пресретнала беспилотно летало од Либан. Покрај тоа, неколку проектили биле истрелани од Либан кон северен Израел. Во двата случаи, артилеријата нападнала цели во соседната земја.

Војната започна пред четири недели кога терористите од Хамас, кој го контролира Појасот Газа, и други екстремистички групи извршија голем напад врз Израел. Според израелските информации, повеќе од 1.400 луѓе биле убиени, а околу 240 заложници биле однесени во Појасот Газа. Израел одговори со воздушни напади во кои досега загинале 9.700 Палестинци во Појасот Газа, како што тврди Министерството за здравство, кое е под контрола на Хамас. Израелските копнени трупи сега напреднаа и до предградијата на градот Газа и другите области на крајбрежниот појас.