1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборните комбинации во полн ек!

4 јануари 2024

Ако Алијанса за Албанците и Европскиот сојуз за промени настапат на заедничка листа, тој блок би ја победил ДУИ на изборите, покажува анкета на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“.

https://p.dw.com/p/4aqjL
Северна Македонија избори
Кој ќе ги придобие избирачите?Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, ја потврди средбата со косовскиот премиер Албин Курти одржана во Приштина пред Нова година, на која, покрај лидерите на опозициските партии на Албанците здружени во Европскиот сојуз за промени, присуствувал и лидерот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Во интервју за весникот „Лајм“, тој вели дека на средбата се разговарало како да се донесат промени кај Албанците од Македонија, исто како што се случило на Косово, и кои сѐ политички субјекти, поединци и здруженија би можеле да се приклучат кон опозицискиот фронт.

Прашањато дали Алијанса за Албанците ќе се приклучи кон здружената опозиција и по средбата со Курти остана отворено, а конечната одлуката наскоро треба да ја донесат партиските органи. Според извори од албанскиот блок, во АА има две крила, од кои едното не е против соработка со ДУИ, а другото е за приклучување кон здружената опозиција. Со цел да се спречат партиски поделби, не е исклучено компромисот да се најде во решение за самостоен настап на изборите.

Но, според соговорниците, прашањето е како таа, евентуална позиција „помеѓу“ би била прифатена од гласачите на Алијанса, кои од партијата што негува анти-ДУИ и антикорупциски наративи, би очекувале многу јасна определба, и тоа партијата сигурно ќе го има предвид кога ќе носи одлука.

Дали по средбата со Албин Курти, кој како политичар ужива голема популарност меѓу Албанците во Македонија, се зголемиле или се намалиле шансите за соработка на опозицискиот блок со АА? Касами смета дека шансите за соработка се реални.

„Верувам дека шансите се реални затоа што дури и раководството на Алијанса знае дека гласачите на АА се опозициски гласачи и овој гласач не може да го спои нивниот глас со ДУИ. Затоа веруваме дека телата на АА кои треба да се состанат деновиве ќе одлучат да бидат таму каде што се нивните гласачи“, изјави Касами за „Лајм“.

Северна Македонија Кастриот Реџепи Билал Касами Беса
Билал Касами (д.) вели дека на средбата со косовскиот премиер Курти се разговарало како да се донесат промени кај Албанците од МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Покана од сите страни

Ни ДУИ не седеше со скрстени раце. Партискиот претседател Али Ахмети уште во средината на декември лани беше во Гостивар на средба со Таравари, каде тема на разговор била можната коалиција на двете партии на претстојните парламентарни избори. АА одамна има и отворена покана да се приклучи кон здружениот блок на опозициските партии на Албанците, а последната беше упатена пред крајот на годината, при отворање на нивната зедничката канцеларија на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Тогаш, „Самоопределување“ беше највена како четврти партнер во опозицискиот блок, а советникот на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, Бесим Ќоку, упати јавна покана до владејачката Алијанса за Албанците.

„Ние бевме принудени да станеме дел од оваа промена и се надеваме дека таа промена ќе дојде. Ги поканувам и другите политички партии, невладиниот сектор, а отворена покана испраќам и до Алијанса за Албанците - да им се придружи на овие промени, бидејќи јас, како поранешен член на Алијанса, го чувствувам и познавам менталитетот и опозицискиот дух на Алијанса и знам дека местото ѝ е тука“, порача Ќоку.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во средината на декември лани беше во Гостивар на разговор со Таравари околу можната коалиција на двете партии на претстојните парламентарни избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Одлучувачки фактор

Одлуката на Алијанса нема да биде едноставна, а според истражување на јавното мислење, може да биде одлучувачка. Анкетата на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, спроведена телефонски во периодот од 9-ти до 14 -ти декември минатата година на 1.015 испитаници, покажува дека приклучувањето на Алијанса за Албанците кон здружениот опозициски блок Европски сојуз за промени, може да и донесе убедлива победа на опозицијата.

„Во случај кога трите главни блока, а тоа се Демократската унија за интеграција (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА) и Европскиот сојуз за промени (ЕСП) би се натпреварувале одделно, ДУИ ќе излезе како апсолутен победник на изборите со 29% поддршка, потоа ЕСП со 16,6% и АА со 12,2%. Но, во случај АА и ЕСП да ги здружат силите и да се натпреваруваат на заедничка листа, овој блок би ја победил ДУИ на изборите. Тогаш коалицијата Алијанса за Албанците - Европски сојуз за промени би била прва со 34,8 отсто, а ДУИ би освоила 26,8 отсто од гласовите“, покажале резултатите од анкетата.