Ирански медиуми: Напад врз атомската централа Натанс
21 март 2026
Атомската централа Натанс изутринава (21.03) била цел на американско‑израелски воздушни напади, соопшти Иранската агенција за атомска енергија, а пренесува новинската агенција Тасним. Според Тасним, по нападите во Натанс „немало пријавено истекување на радиоактивен материјал“. Израелската армија соопшти дека не е запознаена со таков напад.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) најави дека ќе ги провери иранските извештаи за нападите во Натанс. Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, според објава на платформата X, повторно повика на „воена воздржаност“ за „да се избегне каков било ризик од нуклеарна несреќа“.
Строго обезбедената атомска централа во Натанс е најпознатата иранска нуклеарна постројка. Таа се состои од надземни и подземни објекти за облагородување на ураниум. Американскиот претседател Доналд Трамп го наведе уништувањето на иранската нуклеарна програма како една од целите на војната која трае веќе три недели.
САД и Израел со спротивставени информации во врска со понатамошните дејствија во Иран
Израелскиот министер за одбрана Кац денеска најави дека САД и Израел значително ќе ги засилат нападите врз Иран во наредните денови. Од недела, интензитетот на нападите врз „иранскиот терористички режим“ и неговата инфраструктура „значително ќе се зголеми“, изјавил на брифинг Кац, се наведува од неговото министерство. „Нема да запреме додека не бидат постигнати сите воени цели“, нагласи тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека размислува за „намалување“ на нападите врз Иран. „Блиску сме до постигнување на нашите цели“, напиша тој на својата платформа Трут Соушал. Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, изјави дека „претседателот и Пентагон предвидоа дека завршувањето на оваа мисија ќе трае приближно четири до шест недели“. Таа додаде дека американската војска врши „одлична работа“ и дека раководството во Техеран ослабува од ден на ден.
САД и Израел ја започнаа војната против Иран со воздушни напади на 28 февруари. Техеран оттогаш одговори со ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Израел, неколку земји од Персискиот Залив и американски објекти во регионот на Персискиот Залив.