1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и Левица ќе го блокираат Изборниот законик

29 јуни 2026

Левица најавува блокада на Изборниот законик доколку не се укине, како што велат, политичката дискриминација во финансирањето. СДСМ, пак, смета дека отвора врата за изборна кражба

https://p.dw.com/p/5GFGf
Избори во Македонија 24.04.2024
СДСМ и Левица ќе го блокираат Изборниот законикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Измените на Изборниот законик, дел од реформската агенда, влегуваат во собраниска процедура без СДСМ и Левица. Додека дел од партиите тврдат дека се постигнати договори, од Левица најавија блокада поради, како што велат, политичка дискриминација. Измените ќе бидат поднесени и без поддршка на опозициската СДСМ, која одлучи да не учествува во работата на работната група. 

Во измените треба да бидат вградени забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, но и предлози усогласени меѓу партиите. Работната група минатата недела ги одржа последните состаноци, а дел од консултациите беа завршени електронски.

Милошоски: Левица не го потпишува предлогот

Потпретседателот на Собранието и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вели дека и Левица, и покрај учеството во работната група, не сака да го потпише предлог-законот. Во објава на социјалните мрежи тој нагласува дека предлог-измените ќе бидат поднесени со усогласените решенија според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без измените во членот 76-д. За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман.

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 22.06.2024
Предлог-измените ќе бидат поднесени со усогласените решенија според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без измените во членот 76-дФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, пратениците Борислав Крмов и Реџеп Исмаил известиле дека „нема да бидат потписници на предлог измените на Изборниот законик, иако на тоа се согласиле и на лидерската средба и за време на состаноците на Работната група во Министерството за правда“.

Апасиев: Ќе го блокираме изборниот законик

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на прес-конференција најави дека партијата ќе го блокира законикот доколку, како што рече, остане политичката дискриминација.

 „Во ниту еден момент не се постигна консензус за ваков изборен законик. Тоа што учествувавме во работниот процес не нè обврзува да ги потпишеме решенијата...“, вели тој.

Димитар Апасиев од Левица, 09.12.2025
Левица ќе го блокира Изборниот законикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Апасиев побара Министерството за правда да биде предлагач на измените. Тој истакна дека Левица бара еднакво финансирање за сите политички субјекти: „Или да има за сите или да нема за никој државно финансирање... Тоа е класична политичка дискриминација!“.

Апасиев најави дека Левица ќе ги искористи сите парламентарни механизми за блокада доколку спорните одредби останат. Дополнително, тој повтори дека Левица се залага за една изборна единица и поголема еднаквост во изборниот систем. 

Спорот за членот 76-д и распределбата на средствата

Најмногу внимание од измените предизвикува членот 76-д кој се однесува на буџетските средства за изборно рекламирање.  Според Милошоски, ВМРО-ДПМНЕдале предлог соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97% од овие средства, а 3% да бидат на располагање на партиите кои немаат пратеници во Собранието.

„Две партии не се согласија со овој предлог и за истиот не се постигна консензус. Го прифативме тоа како реалност и продолживме прагматично да разговараме со цел да се дојде до консензус“, вели Милошоски. 

Потоа бил прифатен компромисен предлог од ДУИ и Левица:

  • 42 % за двете најголеми партии од власта
  • 42 % за двете најголеми партии од опозицијата
  • 8 % за партии со пратенички групи
  • 5 % за партии без пратенички групи
  • 3 % за вонпарламентарни партии и групи избирачи

„Никаков заговор, никакви интриги. Напротив, Левица како ко-предлагач на ова решение даде сериозен придонес во буџетската распределба на средствата. Прифаќањето на овој предлог беше нотирано во записникот на Министерството за правда“, наведува Милошоски. 

Филипче: „Неевропски и недемократски решенија во законот“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изрази сериозни забелешки за предложените измени на Изборниот законик, посочувајќи дека дел од решенијата не се во согласност со европските и демократските стандарди.

Тој истакна дека нема забелешки околу тоа помалите партии да добијат поголемо државно финансирање, но предупреди на ризиците од воведување електронско гласање за дијаспората.

„Постојат сериозни точки кои не се ниту европски ниту демократски. Немаме ништо против помалите партии да добијат повеќе средства, но електронското гласање на дијаспората без никаква проверка отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање. Тоа е систем кој е многу опасен и отвора врата за изборна манипулација“, рече Филипче.

Темата за изборниот законик беше отворена на лидерската средба во јануари, кога партиите порачаа дека измените треба да се донесат до крајот на јуни. СДСМ не учествуваше во завршните фази на работната група, иако претходно биле дел од процесот.  Одлуката следуваше откако премиерот и партиите на власт најавија укинување на пржинската влада,која предвидува опозицијата да ја преземе контролата врз клучните ресори 100 дена пред парламентарните избори.

Независни иницијативи со барања за еднаков изборен процес

Девет независни граѓански иницијативи со заедничка иницијатива за измени на изборниот законик, бараат изедначување на условите со политичките партии.

Тие бараат помал број потписи за кандидатури, можност за собирање потписи на терен, продолжување на роковите, еднаков пристап до медиуми и финансирање и поедноставена регистрација. Тие потенцираат дека не бараат привилегии, туку фер услови, политички плурализам и реална можност за учество во изборниот процес.