1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земањето храна од отпад во иднина неказниво?

14 јануари 2023

„Ловењето“ употребливи прехранбени производи од контејнерите за отпад во иднина може да биде толерирано. Но, основниот проблем на фрлање храна останува.

https://p.dw.com/p/4M9UX
Употреблива храна често завршува во отпад
Употреблива храна често завршува во отпадФотографија: Christiane Raatz/dpa/picture alliance

Една главица овената салата и неколку презреани банани - можеби овој скуден плен, што полицијата во Грајсвалдер го пронајде во ранецот на Саломе К., некогаш ќе биде препариран како изложбен експонат во Куќата на германската историја. Со објаснување: „Поради овие прехранбени производи во 2022 година едно од последните лица во Германија се најде пред суд поради ‘контејнерување'".

Германскиот министер за правда Марко Бушман (ФДП) и министерот за земјоделство Џем Ездемир (Зелени) предлагаат земањето употреблива храна од контејнерите за отпад на супермаркетите да стане неказниво дело, доколку не постои кршење на јавниот мир или оштетување на туѓа сопственост.

„Оној кој спасува прехранбени продукти од контејнер, не треба да биде кривично гонет“, вели Ездемир.

Двајцата сојузни министри со ова го поддржуваат предлогот на Хамбург и апелираат до покраинските колеги за истиот, со оглед што ова е во надлежност на покраините. Слична иницијатива во Хамбург пропадна на конференцијата на министрите за правда во 2019 година.

Портпаролот на Сојузното здружение на германската трговија со храна, Кристијан Бечер
Портпаролот на Сојузното здружение на германската трговија со храна, Кристијан БечерФотографија: BVLH/Andre Wagenzik

Трговците со храна го одбиваат предлогот на министрите

Додека многу студенти во Германија, кои треба да водат сметка за секој цент и мора често со „контејнерување“ да го полнат својот фрижидер, ја поздравуваат иницијативата, портпаролот на Сојузното здружение на германската трговија со храна, Кристијан Бечер не е одушевен. За Дојче веле изјави:

„Од наш аспект, правно гледано нема потреба од интервенирање. И сега обвинителствата можат да ги запрат постапките поради безначајност, кога е во прашање земањето од контејнери кои се слободно пристапни, односно не се обезбедени со катанци или не се наоѓаат во оградени површини. Предлогот на двајцата министри е целосно непотребен.“

Бечер е загрижен за нешто друго, а притоа парадоксално е на иста линија со мнозинството млади луѓе коиземаат храна од контејнери: неверојатно големото расипништво на храна во земјата – единаесет тони отпад годишно. Но, браншата на трговија со храна се чувствува непотребно ставена на срамен столб, зашто е одговорна само за седум проценти од загубите. Со оглед на тоа, смета дека иницијативата не носи ништо во поглед на редуцирањето на фрлањето прехранбени производи.

Германија планира да го преполови фрлањето храна

Според индексот на ОН за фрлање храна во 2021 година, Германија се наоѓа на прво место во расипништвото на прехранбени производи од страна на приватните домаќинства, а во светот повеќе храна фрлаат само уште Кина, Индија, САД и Јапонија. 931 милиони тони, според ОН, завршуваат во контејнери, додека истовремено преку 800 милиони луѓе во светот гладуваат и страдаат од неухранетост. Во Чад, Мадагаскар или Јемен со големо чудење би ја примиле дискусијата околу храната од отпад во Германија.

Како да се спречи фрлањето на храна?

Сепак, германската влада си постави за цел да го преполови вкупното количество на фрлени прехранбени производи до 2030 година. Меѓу другото и со тоа што повеќе храна ќе завршува кај 960 народни тезги, т.н. Тафел. Пред точно 30 години во земјата беше формирана првата ваква невладина организација за помош, а денес тоа е најголемото социјалекономско движење за истовремено да се спасуваат прехранбени производи и да им се помогне на луѓето погодени од сиромаштија. Сите Тафел соработуваат со трговијата со храна, кај која вчерашниот леб, јаболката со мали набиеници или конзервите со мали свитканици по правило веќе не можат да се продаваат во супермаркетите.

„Нашите членки годишно донираат околу 75 до 80.000 тони прехранбени производи на народните тезги. Но, ние ги доставуваме производите таму само ако сме сигурни дека не постои опасност за здравјето“, вели Кристијан Бечер. Превентивната заштита на потрошувачите е исто така причина што многу производи од супермаркетите не стигнуваат до народните тезги, туку завршуваат во ѓубре. „Ние ги заклучуваме нашите контејнери за отпад и ги оградуваме за да го минимизираме ризикот некого да го изложиме на здравствен ризик преку храната од контејнери“, вели портпаролот.

Ролф Зомер
Ролф Зомер, раководител на одделот за земјоделство во Организацијата на заштита на природата и видовите Фотографија: Gesa Labahn/WWF

Најголем проблем одговорноста

Класичен пример: повлекувањето производи. Ако некој производител констатира дека во текот на производниот процес еден прехранбен производ бил загаден, на пример со честички пластика, веднаш го информира трговецот. Но, бидејќи би било прескапо производите да се испраќаат назад, тие од складиштето завршуваат директно во отпад. Затоа Бечер е против легализирање на „контејнерувањето“, зашто надворешно не може да се види дали производите се повлечени или не. 

Значи, германските трговци стравуваат од тоа да бидат повикани на одговорност за производи земени од контерјнери. Ролф Зомер има идеја како тоа би се избегнало. Раководителот на одделот за земјоделство во Организацијата на заштита на природата и видовите вели:

„Оној кој не може да приложи сметка за прехранбен производ, не може да бара одговорност од претпријатието, зашто можеби самиот си наштетил. Оној кој зема исфрлени производи, сноси самиот одговорност.“

Италија како пример против фрлањето храна

За Германија се исплаќа да фрли поглед кон југ, во Италија. Таму постојат не само финансиски поттици како даночни олеснувања ако фирмите не фрлаат храна, т.н. „Закон за добрите Самарити“. Претпријатијата и иницијативите според законот се ослободени од одговорност ако не станува збор за груба небрежност или намера.

Но, расчистувањето на правните прашања и легализирањето на земањето храна од контејнери за Зомер е само почеток во Германија. Секако, секој спасен производ е нешто позитивно, но со тоа проблемот не се решава во корен. Неговиот апел гласи: „Сите фирми во синџирот на производство и трговија треба да се обврзани да го намалат фрлањето храна. Владата треба сите да ги обврзе, почнувајќи од земјоделството. Земањето храна од контејнери за отпад долгорочно треба да се направи излишно.“