1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Забрането „буричкање во контејнери“

22 август 2020

Кој спасува прехранбени производи од контејнери за ѓубре на маркетите, прави кривично дело, вели дури и Уставниот суд во Германија. Пресуда тотално несоодветна на денешното време, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/3hIoX
Münster Mülltauchen
Фотографија: DW

Сега дури и Уставниот суд даде благослов на општествен скандал од прва класа. Највисоката правосудна инстанца во Германија неделава ја објави негативната пресуда во случајот наречен „Контејнерување”. Така се нарекува спасувањето на прехранбени производи од контејнерите за отпад на супермаркетите. Тешко да се поверува, но вистинито: кој од бесмислено уништување ќе спаси овошје, зеленчук, кашкавал или каков и да е производ што може да се јаде, во Германија прави казниво дело.

Две млади жени, Каролине и Франциска, затоа во 2019 од судот во Фирстенфелдбрук (Баварија) биле осудени заради кражба: осум часа социјална работа и 225 евра парична казна, условно. Двете студентки не сакале туку така да ја прифатат пресудата и поднесле претставка пред Уставниот суд. Таа сега им беше одбиена, меѓу другото и со појаснувањето дека законодавецот „принципиелно смее да го штити правото на сопственост дури и на економски безвредни работи”.

Спасувачите на прехранбени производи се третираат како криминалци

Логиката што се крие зад тоа човек треба да ја свари: сопствениците на супермаркети ги декларираат прехранбените производи како „економски безвредни работи” бидејќи бананите имаат кафеави дамки, или јаболката имаат траги поради тоа што биле притиснати, или пак датумот за употреба на млеко и кашкавал се истечени. Тоа што сепак може да се користат без какви било последици за здравјето, не игра никаква улога. Доволно лоша ситуација. Но, најлошо од сѐ е што оној кој од наводната неволја на маркетите прави доблест и таквите производи си ги сервира на сопствената маса или им ги дава на луѓе на кои се потребни, мора да се чувствува како злосторник.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Во одбрана на Уставниот суд мора да се каже дека одлучува само по формални критериуми. Не можел да констатира прекршување на важечките закони бидејќи т.н. „контејнерување” за жал и натаму е казниво дело. Но, тоа би можело да се промени. Поглед во соседна Франција е доволен за да се види како. Таму супермаркетите уште од 2016 мораат прехранбените производи кои сметаат дека не може да се продадат, да ги дадат на социјални установи какви што има и во Германија.

Политиката мора зборовите да ги преточи во дела

Германија и натаму има проблеми да дорасне на одговорноста што ја има. И тоа и покрај проценките на Светскиот фонд за природа дека годишно се фрлаат и до 18 милиони тони храна. Притоа и во оваа земја има милиони лица кои немаат доволно, или воопшто немаат пари за секој ден да си купат леб.

Да не ги споменуваме околу 800 милиони гладни во најсиромашните региони од светот. Германската политика мора своите зборови да ги преточи во дела. Како водич е погодна „Националната стратегија за намалување на расфрлањето со прехранбени производи” која ја објави Министерството за прехрана и земјоделство во 2019.

Во неа се содржани многу важни и точни податоци, на пример: „Производството на прехранбени производи користи драгоцени ресурси како почва, вода, енергија и горива и поврзано е со емисии на штетни гасови. Затоа прехранбените производи не треба беспотребно да се трошат.”

Кривична одговорност за „буричкање во контејнерите” припаѓа во корпа за отпадоци!

Проблемот е препознаен, но за жал ни од далеку не е решен. И тоа веќе со години. Уште од 2012 година под мотото „Премногу добро за да заврши во канта!", Владата информира за причините за отпад од храна и како да се намали. Одговорноста е кај секој од нас, но политиката мора да постави рамки. Лесно е да се декриминализира користењето на таквата храна. Има мали знаци на надеж. Сенаторот за правда на градот-покраина Хамбург на Јавното обвинителство му препорачува да не ги спроведува пријавените случаи.

Но, само препораки не се доволни за да се ослободите од скандалот. „Контејнерувањето”, односно заштедата на храна, е етичко, еколошко и економски корисно. Тоа заслужува широко општествено препознавање и поддршка.

Но, сè додека политички одговорните луѓе се кријат зад сомнителните закони за заштита на имотот, тие мора да се соочат со обвиненија за неделување.

Неуспешната жалба има и свои добри страни

 „Контејнерувањето” мора да биде неказниво! Осудените студенти, кои за жал не успеаја пред Уставниот суд, со оваа жалба му дадоа нов поглед на долгогодишниот скандал, со поддршка на Друштвото за права на слободи (ГФФ). Ова здружение дава поддршка во одбрана при постапки поврзани со кршење на човекови права од страна на државата. Забраната за „контејнерување” е исто така една таква повреда.

Како да се спречи фрлањето на храна?