1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите на ЕУ гласаат за Европскиот парламент

Бернд Ригерт
6 јуни 2024

370 милиони граѓани на ЕУ од четврток од недела ќе можат директно да гласаат за својот парламент. Скептиците и националистите би можеле да станат посилни, но нема да добијат мнозинство.

https://p.dw.com/p/4geXO
Европски Парламент
За распределба се овие 720 места во Стразбур - претседателката на ЕП, Роберта Мецола, ги повика гласачите „да го искористат својот глас“Фотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Демохристијанската претседателка на Европскиот парламент од Малта, Роберта Мецола, со слоганот „Употреби го својот глас“ во последните месеци ги обиколи сите 27 земји-членки на Европската унија. Во многубројните дискусии во градските сали, универзитетите и училиштата, таа се обиде да ги заинтересира пред сѐ младите гласачи за европските избори, кои се одржуваат на секои пет години. „Сликата која што ја гледате за Европскиот парламент во вашиот ум се овие над 700 сини места. Овие места ќе бидат доделени без разлика дали ќе гласате или не. Но, сега имате избор, можете да направите разлика, можете да влијаете кој ќе седи или нема да седи во пратеничките клупи“, им рече Роберта Мецола на младите во Данска.

Не е така лесно да се натераат 370 милиони граѓани со право на глас во ЕУ да гласаат на вторите по големина демократски избори во светот по Индија. Излезноста на гласачите на последните избори во 2019 година беше само околу 50 отсто. Во пролетното истражување на јавното мислење, ЕУ откри дека овојпат интересот за изборите бил 60 отсто. Значи, одзивот на гласачите може да се зголеми. Тоа е особено важно во ова гласање, кое многу политички табори го прогласија за „судбински избор“ или „избор на правец“, бидејќи, од статистичка гледна точка, од висок одзив профитира најмногу центарот на политичкиот спектар.

Во многу земји на ЕУ, вклучително и Германија, предизборната кампања беше обликувана од дискусијата за безбедноста и одбраната со оглед на руската војна против Украина. Сепак, според анкетите, економската и социјалната политика е во просек најважното прашање во одлуките за гласање во 27-те земји-членки. Миграциската политика не играше одлучувачка улога во повеќето земји на ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола
Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во Стразбур, 9.05.2023Фотографија: Bernd Riegert/DW

Истражувањата предвидуваат пораст на десничарските скептици во ЕУ

Во многу земји, активистите во предизборните кампањи беа загрижени поради очекуваното зголемување на бројот на ЕУ-скептичните десничарски конзервативци сѐ до десничарските радикали. Причина за канцеларот Олаф Шолц (СПД) да изговори мрачни предупредувања. „Некои популисти бараат Германија да ја напушти Европската унија. Други ја гледаат Русија на Путин или Кина на Ши Џинпинг како пример за Европа. А трети сакаат да ја анулираат ЕУ - какво самоуништувачко лудило! Европа и европското обединување го обезбедуваат нашиот просперитет и нашата иднина“, рече Олаф Шолц во видео-предизборниот повик.

Во Франција, Италија, Холандија, Белгија, Австрија и Унгарија десничарските партии им се на прво место на гласачите. Во Полска, Германија и Шведска, десничарските партии би можеле да станат барем втора или трета најсилна политичка сила. Германската АфД, која е делумно десноекстремна, со околу 15% има приближно еднаков рејтинг со две од владините партии во Германија, СПД и Зелените. Опозициските демохристијани водат во Германија со 30 проценти. Се очекува значително зголемување на бројот на сини столчиња во Европскиот парламент за екстремно десничарските партии - на 21 до 25 отсто. Но, тоа не е доволно за одлучувачко мнозинство.

Мелони сака да создаде десничарски сојуз

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е и шеф на десничарското европско партиско семејство ЕКР, затоа најави дека сака во Европскиот парламент да создаде коалиција во италијански стил. Мелони управува со Италија веќе 18 месеци со сојуз на десничарски популисти, десничарски екстремисти и демохристијани. Таа сака да ја растури претходната неофицијална голема коалиција на центарот во Европскиот парламент составена од социјалдемократи, либерали и демохристијани. „Ние сме во пресрет на клучни избори, бидејќи европските избори за првпат може да стават крај на неприродните и контрапродуктивните мнозинства. Мораме да останеме фокусирани и приземјени, да го насочиме погледот кон хоризонтот“, рече Џорџа Мелони за време на предизборен настап во Шпанија. Таа, заедно со француската десничарска популистка Марин Ле Пен, унгарскиот националист Виктор Орбан, полската ПиС и други партии, сака да основа нова голема десничарско националистичка пратеничка група. Досега во десниот спектар на ЕП имаше две групи.

Демохристијаните кокетираат со десничарската маргина

Водечката кандидатка на европските демохристијани, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не ја исклучува идната соработка со Мелони и компанија. Урсула фон дер Лајен во неколку ТВ-дебати рече дека е важно дали пратениците се залагаат за Украина и внимаваат на европските вредности, а не на членството во партијата. Фон дер Лејен за Мелони рече: „И таа е јасно проевропска. Таа е против Путин, тоа го кажа многу јасно. И е за владеење на правото. Ако остане така, ќе понудиме соработка“.

Социјалдемократите, Либералите, Зелените и Левицата силно го критикуваа овој нов курс на демохристијанката Фон дер Лајен. Според последните истражувања на јавното мислење, демохристијаните и социјалдемократите остануваат приближно еднакво силни. Ќе загубат Либералите, Зелените и Левицата. Во новиот легислативен период ќе бидат пополнети 720 пратенички места, односно 15 повеќе од досега.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (л.) со италијанската премиерка Џорџа Мелони
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (л.) со италијанската премиерка Џорџа Мелони на средба околу мигрантската криза, 17.09.2023Фотографија: Valeria Ferraro/AA/picture alliance

Ограничена моќ на Парламентот

Каква коалиција и да се направи по формирањето на пратеничките групи, мора да се земе предвид дека Европскиот парламент е само еден од двата рамноправни законодавни домови. Тој не може сам да одлучува и не избира влада, туку зависи од соработката со „Советот на Европската унија“. Во Советот се претставени 27-те влади на земјите-членки. Владите исто така се упатени на согласност од единствениот наднационален, директно избран парламент во светот. Ниту еден друг регион во светот нема споредлива институција која може да донесува закони преку националните граници.

Традиционално, за ЕП се гласа во текот на четири дена. Изборите во Холандија почнуваат на 6-ти јуни. Повеќето држави гласаат во недела, на 9-ти јуни. Веродостојни изјави за распределбата на местата во десеттиот Европски парламент ќе бидат достапни во 23 часот.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија