Германската министерка за надворешни работи Бербок во Израел
14 февруари 2024Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во Ерусалим треба да разговара со министерот за надворешни работи Израел Кац и премиерот Бенјамин Нетанјаху. Предвидена е и средба со лидерот на опозицијата Јаир Лапид. Тема на разговорите најверојатно ќе бидат најавената копнена офанзива на израелската армија против Хамас во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа и хуманитарната состојба на населението во палестинското крајбрежје.
Бербок вчера (13.02) од Израел побара заштитни коридори за цивилите во Рафах. Пред заминувањето за Израел, германската министерка за надворешни аботи од милитантно исламистичкиот Хамас побара да не се барикадира зад цивилното население. „Хуманитарната ситуација во Газа секој час станува сѐ подраматична. Ако терористите на Хамас имаа трошка сочувство за палестинските жени, мажи и деца кои страдаат од борбите во Газа, веднаш би го оставиле оружјето. Наместо тоа, терористите продолжуваат да се вкопуваат зад цивилното население“.
Бербок истовремено предупреди дека Газа е пред колапс. Во Рафах, опоменува таа, на мал простор, во ужасни услови има 1,3 милиони луѓе и офанзива на израелската армија во вакви услови би довела до хуманитарна катастрофа. „Луѓето во Рафах не можат едноставно да исчезнат во воздух. Ним им се потребни безбедни места и безбедни коридори за да не влегуваат и натаму во вкрстен оган. Потребна им е хуманитарна помош. И, потребен им е прекин на огнот“, изјави Бербок.
Според нејзините најави, таа во Израел таа ќе разговара за тоа како може да се ублажат хуманитарните страдања во Газа и како истовремено да се ослободат заложниците. Во крајбрежната област итно треба да пристигне значително повеќе хуманитарна помош, за што се потребни и заштитни гаранции за организациите на ОН. Во исто време, станува збор за тоа како може да се зголеми меѓународниот притисок врз Хамас за тој конечно да го остави оружјето, соопшти Бербок. Судбината на Израелците и Палестинците се тесно испреплетени, бидејќи безбедноста на едниот значи безбедност на другиот, уверена е таа: „Ова може да функционира само со решение со две држави.“