1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Владината коалиција оствари „пробив“ во споровите

СН/агенции
29 март 2023

По тридневни преговори исполнети со контроверзни дискусии, партиите од германската владина коалиција се договорија за многу спорни точки. Заштитата на климата, железничката мрежа и автопатите се само неколку од нив.

https://p.dw.com/p/4PQZa
Лидерите на владејачките партии во Германија: Кристијан Линднер (ФДП), Рикарда Ланг (Зелени) и Ларс Клингбејл (СПД)
Лидерите на владејачките партии во Германија: Кристијан Линднер (ФДП), Рикарда Ланг (Зелени) и Ларс Клингбејл (СПД)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Постигнавме вистински пробив, вистинска промена на парадигмата и затоа резултатот зборува сам за себе“, рече лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, по маратонските преговори на таканаречениот коалициски комитет во Берлин.

„Макотрпната работа и преговарачкиот процес што сега ја презедоа коалициските партии и мојата влада е репрезент на општеството како целина на патот кон економски успешно модерно доба“, нагласи сојузниот канцелар Олаф Шолц. Шефот на владата од редовите на Социјалдемократската партија (СПД) сакаше да каже дека несогласувањето што во последно време го претстави коалицијата го одразува расположението во општеството кога станува збор за заштитата на климата и за нејзините трошоци. Шолц  за компромисниот документ од 16 страници, за кој макотрпно се преговараше, рече дека е „голема работа“.

„Многу нешта ќе се одвиваат побрзо“

Презадоволни беа и партиските лидери на СПД, Зелените и Либералите (ФДП). Одлуките гарантираа „дека многу работи во земјата ќе се одвиваат побрзо“, вети лидерот на СПД, Ларс Клингбајл. Германија треба да се модернизира, инфраструктурните проекти да напредуваат побрзо, обновливите енергии да се прошират побрзо.

Така, коалицијата ја напушта својата агенда од изминатата година за справување со последиците од руската војна во Украина и врти погледот кон иднината.

Железничката мрежа во Германија треба да биде во фокусот на владејачката коалиција
Железничката мрежа во Германија треба да биде во фокусот на владејачката коалицијаФотографија: Stefan Ziese/blickwinkel/picture alliance

Лидерката на Зелените Рикарда Ланг вети дека владината „семафор“- коалиција сега ќе се справува со структурните реформи „за да се придвижи земјата напред“. Подетално, беа договорени следниве заклучоци:

Зајакнување на железничкиот сообраќај

Семафор-коалицијата сака да вложи „значителни средства“ во модернизација и проширување на железничката мрежа. Во германската железница (Дојче Бан) има потреба од инвестиции од околу 45 милијарди евра до 2027 година. Ова треба да биде покриено, меѓу другото, со приходи од патарините за камиони на автопатиштата и на сојузните патишта. Сега ќе се воведе доплата за ЦО2 од 200 евра по тон на корисничката такса од 1 јануари 2024 година.

Побрзо проширување и на автопатиштата

По оваа прашање, партиите ФДП и Зелените имаа големи несоласувања. ФДП, сакаше побрзо да ги прошири автопатиштата за да спречи сообраќајни метежи кога има поголем товарен сообраќај. Сега треба на тесно ограничен број особено важни проекти за автопати да им се даде посебна позиција. Со тоа треба да се забрзат на овие проекти, меѓу другото и преку помалку сложени тестови за заштита на животната средина.

Субвенции за замена на системите за греење

Владината коалиција сака да се зафати со инсталирање на поповолни климатски системи за греење - со што би имало социјална рамнотежа. „Може да се каже: Никој не е оставен на цедило“, нагласи Ланг. Коалициските партнери првично не соопштија детали. Според Линднер, парите треба да дојдат од фондот за клима и трансформација, односно финансиски средства надвор од редовниот сојузен буџет. Системите за парно греење, кои во моментов користат фосилни горива треба да можат да продолжат да работат доколку користат гасови кои се прифатливи за климата, смета Линдер.

Клучни проекти за проширување на автопатиштата ќе добијат специјален третман
Клучни проекти за проширување на автопатиштата ќе добијат специјален третманФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stein

Преориентација за зачувување на природата

Во иднина треба да може да се исплаќаат пари како компензација за интервенции во природата, на пример преку изградба на турбини за ветер или патишта. „Ова ќе им овозможи на развивачите на проекти полесно и побрзо да ги планираат инфраструктурните проекти“, објаснуваат од коалицијата. Средствата потоа ќе се искористат за купување на поголеми и поповрзани површини со цел да се зајакне ренатурацијата и зачувувањето на природата - аспект што многу еколошки организации, исто така, го сметаат за корисен.

Коалицијата сака и да го забрза инсталирањето на станиците за електрично полнење на автомобили. Според документот на коалицискиот комитет, операторите на бензинските пумпи треба законски да бидат обврзани „да изградат најмалку една станица за брзо полнење по бензинска пумпа во рок од пет години“. Сепак, ќе има посебна регулатива за операторите на малите бензински пумпи.

Пофалби од индустријата, критики од еколошките здруженија

Вечерта, заклучоците наидоа на различни реакции: градежната индустрија ја поздрави резолуцијата. „Улиците и автопатиштата ќе останат број еден начин на транспорт во Германија“, рече Тим-Оливер Милер, генерален директор на Главната асоцијација на германската градежна индустрија.

За разлика од нив, здружението Германска еколошка помош (ДУХ) зборуваше за поразителна одлука. „Ги повикуваме пратениците во Бундестагот да го спречат тоа и категорично да го отфрлат планираното влошување на веќе неамбициозниот закон од ерата на Меркел“, изјави Јирген Реш, директор на ДУХ.

Хајнц Хилгерс, претседател на Здружението за заштита на децата, го критикуваше фактот што коалицијата не се договорила за финансирање на основната детска безбедност.