1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен: ЕУ треба да брои над 30 членки

БГ /АП
13 септември 2023

Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во нејзиното годишно обраќање во Стразбур најави серија политички реформи со кои ќе се обезбеди нормално функционирање на ЕУ со нови членки.

https://p.dw.com/p/4WIZq
Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер ЛајенФотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

ЕУ мора да биде подготвена да порасне на над 30 членки, порача претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.

„Сакам народите на Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија да знаат: Вие сте дел од нашето семејство, вашата иднина е во Унијата, и Унијата не е целосна без вас!“, рече Фон дер Лајен.

Дури и со 27 членки, ЕУ веќе подолго време се соочува со функционални проблеми, особено при донесувањето едногласни одлуки во надворешната политика но и во други сфери. Притоа, земји како Унгарија и Полска се под постојани критики од Брисел поради демократското назадување и нивните блокади на демократските и миграциските правила и одлуки. 

Стратешки интерес 

Но, притисокот врз ЕУ да продолжува да се шири- расте.
„Историјата не повикува да работиме на комплетирање на нашата заедница. Во свет во кој големината и тежината се важни, тоа е во стратешки интерес на Европа“. Но, истовремено, дополни таа, „мораме да ги разгледаме сите политики и да видиме какво ќе биде влијанието врз нив“. Таа рече дека Комисијата ќе анализира какви адаптации ќе бидат потребни во секторите како економија, енергетика, земјоделство и миграции, во случај на проширување.  

Урсула фон дер Лајен
„Ќе треба да размислиме како ќе функционираат нашите институции, како ќе изгледаат парламентот на ЕУ и Комисијата“, вели Урсула фон дер Лајен. Фотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

„Ќе треба да размислиме како ќе функционираат нашите институции, како ќе изгледаат парламентот на ЕУ и Комисијата. Треба да разговараме за иднината на нашиот буџет, во смисла на тоа што се финансира и како се финансира“. 

Претседателот на Европскиот совет Чарл Мишел веќе изјави дека очекува ново проширување на ЕУ до 2030 година.

Фон дер Лајен инсистира дека влезот во ЕУ треба да биде врз основа на заслуги, односно клучен критериум за членство ќе биде напредокот на земјите-кандидати во однос на правилата и стандардите на ЕУ, а не временските рокови.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема