1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Судење: Експретседателката на ДКСК негира вина

ДТЗ /МИА
14 април 2026

Татјана Димитровска, поранешна претседателка на ДКСК, пред судот изјави дека не се чувствува виновна за обвиненијата во предметот „Адитив“.

https://p.dw.com/p/5C9GF
Експретседателката на ДКСК, Татјана Димитровска
Експретседателката на ДКСК, Татјана Димитровска пред судот изјави дека не се чувствува виновна Фотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска пред судот изјави дека не се чувствува виновна за кривичните дела за кои се товари – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

„Сметам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета“, изјави Димитровска при произнесувањето пред судот.

Таа информираше дека во моментов е вработена во Државниот завод за ревизија како помошник на државниот главен ревизор.

Обвиненијата против Димитровска

Димитровска е обвинета за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат. Според обвинението, ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Покрај Димитровска, на обвинителната клупа седнаа и Столевски, како и Билјана Петровска-Мантева, која исто така се товари за оддавање службена тајна. И другите обвинети пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Над  250.000 електронски записи

Бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, побара обвинението да биде повлечено. Според него, ДКСК доставила известување дека сите седници на кои се разгледувале предметите биле јавни, пренесувани во живо и сè уште се јавно достапни.

„Ниеден документ што бил предмет на расправа на јавна седница немал класификација ‘службена тајна’“, изјави Туфегџиќ.

Тој додаде дека Димитровска не оспорува дека имало комуникација со Столевски, но истакна дека таа била исклучиво во насока на пополнување на апликацијата и дека, според одбраната, нема елементи на кривично дело.

Обвинителството, пак, посочи дека располага со цврсти материјални и вербални докази, како и анализа на податоци екстрахирани од мобилниот телефон на Димитровска, кои опфаќаат околу 250.000 електронски записи.

Татјана Димитровска во јули минатата година поднесе оставка од функцијата претседателка на ДКСК, неколку месеци по обелоденувањето на случајот поврзан со предметот „Адитив“.