Ученици од Македонија се повредени во земјотресот во Турција
6 февруари 2023Двајца ученици од Македонија, кои се дел од група од земјата која престојува во Турција, се повредени во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди земјата. Едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање, додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност“, информираат од МНР.
Станува збор за група од деветмина македонски државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион.Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција.
Досега нема информација за други македонски државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, но македонските претставништва се во постојана комуникација како со надлежните институции на Турција, и со македонски граѓани кои се информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.
„Министерството за надворешни работи преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул внимателно ја следи ситуацијата во југоисточна Турција по силниот земјотрес рано изутринава, и во континуитет известува за состојбата во загрозените подрачја“, се наведува во соопштението.
Катастрофален земјотрес
Информациите од теренот упатуваат за исклучително силен земјотрес со големи последици по животите на луѓето затекнати во погодениот регион; голем број жртви кои надминуваат неколку стотици граѓани, голем број повредени лица како и сериозна материјална штета која ја отежнува состојбата на терен.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски најави дека земјата ќе испрати помош за Турција, а активности веќе се преземаат и од страна на МНР и Црвениот крст кои започнаа со собирање донации и помош. Тој на заедничката прес-конференцијата со претседателката на Унгарија, Каталин Новак, изрази сочувство по повод силните земјотреси кои ја погодија Република Туркије.
„Сега добивме информација дека има втор земјотрес, многу жртви и ужасна деструкција. Би сакал уште еднаш да упатам сочувство до сите погодени, и да објавам дека македонската Влада и ние како држава нема да останеме само на зборови, туку ќе пружиме конкретна помош. Оваа година треба да одбележиме шест децении од катастрофалниот скопски земјотрес и многу добро знаеме кога некои други народи и држави се наоѓаат во слична ситуација. Нашите мисли се со турскиот народ и турските граѓани, пред сè со оние кои ги изгубија своите најблиски“, изјави Пендаровски.