1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемата на Ахмети: Дали преку Груби доаѓаат по мене?

21 јануари 2023

Ахмети веројатно ќе се обиде да ја задржи партијата на купче, само прашање е каква цена треба да се плати за тоа. Во еден момент, кога ќе треба да носи одлуки, тоа може да биде многу поскапо. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4MWTM
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети (десно во преден план),  вицепремиерот Артан Груби (лево во преден план) и министерот Бујар Османи (десно во заден план)
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети (десно во преден план), вицепремиерот Артан Груби (лево во преден план) и министерот Бујар Османи (десно во заден план) Фотографија: DW/P. Stojanovski

Некому можеби му изгледа дека работите во ДУИ излегуваат од контрола. Или подобро кажано, дека Али Ахмети ја губи контролата врз партијата. Барем врз нејзината скопска структура. Веројатно е пресилно да се каже дека Али Ахмети не командува целосно со партијата, но со начинот на којшто се вжештуваат работите се зацврстува перцепцијата дека некои јажиња почнале да се кинат.

Кога есеноска наизглед неочекувано се појави „огнената група“ и нивните остри напади врз Артан Груби и Бујар Османи некои помислија дека тоа може да биде еден од оние политички маневри со кои структурата на интегративците сака да се реинвентира, како многу пати досега. Кога двајца од нејзините членови потоа добија високи партиски функции изгледаше дека тие именувања ја смириле разбрануваната вода. Но излезе дека тоа било привидно. „Одметниците“ во последниов месец ја засилија својата реторика, почнаа со дополнително прегрупирање на партиските редови и го присилија Ахмети да оди често на партиски трибини и да ги убедува членовите и поддржувачите дека неговиот избор за членови на Владата на Груби и Османи е вистинскиот чекор што го направила ДУИ и дека за нивната работа може да има само најдобри оценки.

Иако „одметниците“ тоа сѐ уште јасно не го споменуваат, на хоризонтот веќе е појавена другата вистинска цел – детронизирање во догледно време на неприкосновениот Али Ахмети. Тој е прилично искусен политичар и веројатно веќе гледа одговор на дилемата што можеби го мачи – дали групата што ја бара главата на Артан Груби, всушност доаѓа да му го земе лидерскиот стол.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Кога се појави првото писмо на „огнените“ опозицијата подготвуваше втор обид за референдум за почетокот на преговорите со ЕУ, нуклеарните закани на Владимир Путин околу војната во Украина имаа глобална драматика, државата беше пред почетокот на скрининг процесот со ЕУ, а владејачката коалиција и тогаш и сега трага по формулата како да стигне до двотретинско мнозинство за промена на уставот, опозициската Алијанса за Албанците остана без својот лидер, кој и ја основа партијата. Тогаш се зборуваше дека  Ахмети, наводно, бил подготвен да го жртвува Бујар Османи, но „огнените“ не биле задоволни, туку барале да се промени целата министерска групација од ДУИ. Сега, кога Османи како прв човек со преседавањето со ОБСЕ оди во Киев да се среќава со Володимир Зеленски и други украински функционери, кога руската амбасада во Скопје го обвинува дека ја прифатил „пропагандата на Киев“, изгледаше неумесно да се бара шефот на дипломатијата да биде жртва. Па, во реториката на „огнените“ почна да изостанува споменувањето на Османи, но се појави друго име – Талат Џафери.

Повеќе од авторот: Огнени кочии

Во оваа група има и поранешни и сегашни функционери на ДУИ, градоначалници, а меѓу нив, иако не во преден план, како клучен се појавува Муса Џафери, порано долги години втор човек на партијата. Џафери беше еден од најпиторескните ликови во прислушуваните разговори (сентенцата за „каменот доаѓа одблиску“ влезе во политичката антологија). Невзат Бејта порано беше министер, па градоначалник на Гостивар, но два пати по ред загуби на локалните избори од Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.

Пред некој ден Бејта, зборувајќи во емисијата „Програма 200“ на Алсат го обвини Талат Џафери (кој е од Гостивар) дека бил во тајна коалиција со Таравари за директно да му наштети нему. „Соработката со Арбен Таравари била уште во 2017. Тоа била тајна соработка и координатор беше Талат Џафери. Тие се мобилизираа и креираа нивни структури за да ме елиминираат мене од Гостивар и му помогнаа на Арбен Таравари со кого беа во коалиција“, рече Бејта. Тој на два пати ги изгуби изборите за градоначалник на Гостивар – во 2017 и 2021 година.

Ова е покомплицирана ситуација за Ахмети од онаа кога си замина неговиот тогашен доверлив човек Гзим Острени и формираше нов политички субјект Унитети. Тој помина неславно. Кога Острени ја напушти партијата во 2015 година изјави дека „ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ“. Тогаш Муса Џафери беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Невзат Бејта градоначалник на Гостивар, а Изет Меџити градоначалник на Чаир. Блерим Беџети до претходната година, 2014, беше министер за правда. Никој од нив сега не е во извршната власт, освен што Беџети и уште еден од групата, Висар Ганиу, се градоначалници на Сарај и Чаир.

Членовите на „Огнената група“ во ДУИ
Членовите на „Огнената група“ во ДУИФотографија: Petr Stojanovski

Можеби „огнените ветерани“ не можат да се помират со фактот дека Груби, Османи и Крешник Бектеши се новата генерација политичари што ги постави Ахмети во поствмровските влади. Тие мислат дека електоратот на ДУИ не ги препознава како автентични членови и поради нив се подјадува поддршката за партијата, иако на последните парламентарни избори интегративците имаа голем успех. За подјадувањето на поддршката се смета дека клучен сигнал беа локалните избори во Тетово, и во 2021 и повторените лани летото. Ахмети направи голема грешка кандидирајќи ја Tеута Арифи за нов мандат по двата неуспешни во Тетово, веројатно мислејќи на непогрешливоста на неговиот политички инстинкт и изборните маневри. Но се испостави дека тоа е погрешна проценка чии последици дојдоа.

Работите не се забораваат, порано многу несогласувања во ДУИ се решаваа дури и со пиштоли, иако сега ова се претставува како висок степен на партиска демократија. Но ако нема пиштоли тогаш е слободно да се искажуваат навреди. Како што тоа го направи Бејта на Алсат нарекувајќи го Груби „тенеќе“, затоа што тој немал никаков карат што би го определил како благороден метал. Дали со тоа што почнаа да емитираат навреди покажуваат дека ситуацијата на теренот не оди баш во нивна полза е навистина непознато.

Повеќе од авторот: Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

На таквите навреди Ахмети враќа со глорификација на Груби и Османи. На еден од митинзите, на кои ја објаснува неговата поддршка на кадрите што ги избрал, рече: „Јас се радувам и сум горд кога слушам и ми велат странците од Брисел и Вашингтон дека тие се огледало на државата, Владата и тоа ме облагородува, ме прави среќен и неуморен да продолжиме да чекориме напред. Во овие моменти кога зборуваме, Бујар Османи се враќа од Украина. Тој е министер за надворешни работи на речиси половина земјина топка, што значи дека сме успеале и тие инвестиции што ги направивме не се залудни“. И токму Артан Груби го носеше со себе на онаа вечера со албанскиот премиер Еди Рама.

Има една забележлива разлика во реториката меѓу двете групи. Додека Ахмети бил горд за она што му го зборувале во Вашингтон и Брисел за кадрите што ги избрал и за планетарната улога на Османи, Изет Меџити, јавниот предводник на одметнатата група, за Радио Слободна Европа со неколку реченици откри дека работите треба да останат во 2001 година. Според него, за ДУИ уставот на државата е Рамковниот договор и според него треба да се води политиката на партијата. И има чувство дека Груби го „трампал Рамковниот договор за мултикултурализам или пак за граѓанско општество“.

Изгледа како Меџити не разбрал дека работите не само што се промениле, туку и дека се менуваат секој ден. Па така, кога пред некој ден партиските бунтовници имаа средба со скопската партиска младина во МНТ, тој проектот, кој се одвива што јавно што под површина – влез на Алијансата за Албанците во Владата – го објасни со зборовите дека бил само Артан Груби да се спаси од интерпелација. И затоа тие се против. Политички, ова е прилично рудиментирано толкување на можните прегрупирања. Одамна е јасно дека разговорите за влегувањето на Алијансата во Владата е за да се амортизира притисокот на „огнените“ во мнозинството, иако Меџити вели дека „има стабилно мнозинство“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski

Уште еден политички играч е против влегувањето на Алијансата за Албанците во владините структури – ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму сега зборуваат дека Таравари водел политика „со лажење“ и дека решил да биде „спаринг партнер на Димитар Ковачевски и Али Ахмети". И постојано го повикуваат да каже кој бил тој меѓународен фактор кој барал од него да влезе во Владата.

Повеќе од авторот: Во гнездото

Во Алијансата на груб начин разбраа дека лошото кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ додека и двете партии седат во опозициски клупи, им донесе само загуба. И покрај некои успеси (како во Гостивар) локалните избори за Алијансата беа катастрофа. Катастрофа поплочена со погрешни политички премиси и лоши проценки. Новиот лидер Таравари веројатно смета дека со учество во Владата ќе може да го денфува оној негативен политички одиум за да се остане во орото со ВМРО-ДПМНЕ, кое секој ден зборува дека е против уставни измени, кои се услов без кој не се може за да се продолжи патот кон ЕУ. И дека ќе биде подобро да го остави сам Билал Касами и неговата Беса да играат по музиката на вмровските зурли. Во прегрупирањата што веројатно ќе следат нема да биде изнадување ако застанат во ред да се фатат во ова вмровско оро и „одметниците“ меѓу интегративците. И така тие две структури добро се познаваат од заедничкото време.

Но може и ништо од ова да не се случи. Предвидувањата во македонската политика можат да бидат многу промашена работа. Без оглед на тоа, дилемите што стојат надвиснати над главата на Али Ахмети нема да си заминат. Тој веројатно ќе се обиде да ја задржи партијата на купче, само прашање е каква цена треба да се плати за тоа. Во еден момент тоа може да биде многу поскапо. А тогаш? Тогаш ќе треба да донесе одлуки. Само прашање е дали ќе помине времето за тие одлуки.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар