Дали германските залихи на гас се доволни?
6 февруари 2026
Во Германија владее невообичаено студена зима, што ја отвори дилемата: дали гасните резерви ќе бидат доволни? Дел од јавноста се вознемири откако медиумите објавија дека домашните складишта се исполнети само околу 30 проценти.
На 1 февруари магазинот „Фокус“ предупреди: „Студениот бран ги голта нашите гасни резерви“. Два дена претходно НТВ објави уште подиректна проценка: „Германските гасни залихи теоретски се доволни за околу шест недели“, со напомена дека „маневарски простор за дополнителни оптоварувања речиси и да нема“.
Контекст: зависноста од рускиот гас и новите увозни рути
Актуелната загриженост има корени во 2022 година, кога Германија по руската инвазија на Украина реши да прекине со увозот на руски гас и нафта. Тогашната дилема беше дали земјата ќе може да ја задоволи побарувачката без руските испораки. Година подоцна стана јасно дека одговорот е потврден.
Клучна улога одигра диверзификацијата на извори на увоз: рускиот гас беше заменет со испораки од Норвешка, САД и други земји. Паралелно, беа изградени и пуштени во употреба ЛНГ-терминали во рекордно краток рок, што значително ја зголеми флексибилноста на системот.
„Снабдувањето е обезбедено“ – уверуваат надлежните
И покрај студениот бран, германското Министерство за економија и енергетика не гледа ризик. Портпаролката Сузане Унград изјави за ДВ:
„Снабдувањето со гас е обезбедено“. Причина за тоа се „добро развиената ЛНГ-инфраструктура во Германија и Европа“ и „основното снабдување преку норвешкиот гасоводен систем“.
Слична проценка има и Сојузната мрежна агенција. Нејзиниот портпарол Фите Вулф вели:
„Во моментов не гледаме никаква закана за снабдувањето со гас.“
Тој дополнува дека нивото на складиштата е важен, но не и единствен индикатор, бидејќи голем дел од потребната количина доаѓа преку гасоводи и транспорти на течен гас од соседните земји.
Според Вулф, снабдувањето би било загрозено само во случај на „деструктивни настани, како терористички напади или прекин на големи увозни линии“.
Оптимист е и Олаф Гаер од консултантската куќа „Артур Д. Литл“, задолжен за енергетскиот сектор во Германија и Швајцарија. Тој за ДВ оценува: „Да, резервите се доволни – под нормални услови. Доколку екстремно студените периоди не траат подолго од една до две недели, снабдувањето останува стабилно.“
Смирувачка проценка доаѓа и од Оскар Бурман, претставник на секторската асоцијација за гас и водород: „Законските обврски за исполнетост на складиштата се исполнети. Благодарение на ЛНГ-инфраструктурата и новите гасоводни врски, системот може брзо да реагира на зголемена побарувачка.“
Како функционираат гасните складишта?
Себастијан Хајнерман од „Иницијативата за енергетско складирање“ објаснува дека увозот на гас не е сезонски: „Увозот не е сезонски зависен – и во лето и зима е практично исто."
Флексибилен е само потрошувачкиот дел. Во лето е низок, па ако вообичаено се увезуваат околу 3,1 TWh дневно, а се трошат само 1,3 TWh, останокот се извезува или се складира.
За разлика од увозот, складиштата подлежат на сезонски циклус: во лето се полнат, во зима се празнат.
Цените го комплицираат полнењето
Хајнерман укажува на уште еден проблем: високите летни цени. Минатото лето гасот беше толку скап што чинеше повеќе да се складира отколку да се продаде во зима.
Државна интервенција само ограничено би помогнала. Министерството за економија за ДВ изјави дека „полнењето на складиштата мора да биде пазарно“, а државата треба да интервенира само ако тоа ја зголемува сигурноста.
Поглед кон следната зима
Според Олаф Гаер, германскиот енергетски систем денес е „значително постабилен отколку пред три или четири години“. Но тој предупредува дека земјата веројатно ќе излезе од зимата со пониско ниво на складиштата, па прашањето е како тие ќе се наполнат повторно. За тоа ќе бидат потребни атрактивни големопродажни цени и поволен сооднос меѓу летната и зимската цена.
Гаер бара и „повеќе флексибилност во системот“: подобро искористливи складишта, активно управување со оптоварувањата и поголем удел на алтернативни енергенси. Електрификацијата на греењето, според него, „би помогнала на целиот енергетски систем“.