1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски историчари ликуваат: Ова е прва победа!

16 август 2022

Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, триумфалистички се огласи бугарскиот Национален круг „За Македонија“, по усогласените препораки на Комисијата за историски прашања.

https://p.dw.com/p/4Fa1Y
Архивска фотографија од седница на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања
Архивска фотографија од седница на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашањаФотографија: Government of North Macedonia

Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во историските спорови со Северна Македонија стигна до прва победа, соопшти бугарскиот Национален круг „За Македонија“, платформа во која членуваат бугарски професори - историчари и лингвисти. Оценката уследи откако министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија вчера ги објавија усогласените препораки на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Како што е познато, станува збор за две групи препораки - за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.

Овие препораки триумфалистички се поздравени од Националниот круг „За Македонија“, со изјава која ја пренесоа бугарски медиуми.

„Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ“, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.

Споменикот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во Охрид
Споменикот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

На ред - одбрана на јазикот, на Миладиновци, Делчев...

Неколку членови на оваа платформа - бугарски историчари и лингвисти, во јуни годинава го посетија Европскиот Парламент за таму да ја претстават и заштитат бугарската позиција во тековните преговори со РСМ. Замислени како група за „брза реакција“, како што наведоа, целта им била и на европратениците да им објаснат дека „почеток на преговори на РСМ со ЕУ е можен само откако таа земја ќе ги исполни условите што ги бара Бугарија, односно да се разјасни вистината за историските прашања што ги оспорувала РСМ, бидејќи историските документи говореле целосно во полза на бугарската кауза".

Врз основа на таа реализирана активност, денес сметаат дека имаат удел во „првата победа".

„Сметаме дека за тоа придонесе и посетата на Европскиот парламент во Стразбур на говорниците од Националниот круг „За Македонија“ - професорите Николај Овчаров, Ана Кочева, Пламен Павлов и Спас Ташев, како претставници на Бугарската академија на науките и на Универзитетот Велико Трново „Св. Кирил и Методиј“. Ќе потсетиме дека токму во тоа време се слушаа гласови од владата на четирипартитната коалиција – ‘доста е со оваа историја', ‘да им свртиме грб на историските проблеми' итн. Но, нашите гласови беа слушнати и вградени во т.н. француски предлог, прифатен во двете земји. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме да ги браниме бугарските интереси во споровите за јазикот и за личности како браќата Миладиновци и Гоце Делчев“, порачаа од Националниот круг „За Македонија".

Ставовите што ги презентираа овие професори беа идентични со оние на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој по посета на Берлин од 16-ти мај, порача: „Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот и на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната да си најдат место во ЕУ". Тие го повторуваа и ставот дека „во РСМ нема бугарско малцинство, туку бугарско мнозинство".

Бугарските историчари од Национален круг „За Македонија“ на иста линија со шефот на државата Румен Радев
Бугарските историчари од Национален круг „За Македонија“ на иста линија со шефот на државата Румен РадевФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Охрабрување до Комисијата

По објавувањето на усогласените препораки, бугарското Министерство за надворешни работи преку соопштение ја охрабри заедничката Комисија за историски и образовни прашања поинтензивно да продолжи со напорите, со цел да ги заврши нејзините работи за сите периоди од заедничката историја.

„Објавувањето на предлозите за 2019 година одобрени од владите е важен чекор кон запознавањето на јавноста во двете земји со резултатите од работата на Комисијата. Така се создава потребната основа за да се пристапи кон практично реализирање на другото договорено од Протоколот со чл. 12 од јули 2022 година - усогласување на календар за заеднички чествувања за периодот 2022-2023 година за петте заеднички историски личности. МНР се заблагодарува за досегашната активност на заедничката Комисија за историски и образовни прашања и ја охрабрува поинтензивно да продолжи со своите напори, со цел завршување на работата за сите периоди од заедничката историја, согласно со чл. 8 ст. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка", се вели во соопштението на бугарското МНР.

ДС: Ќе ја продлабочат недовербата

Содржината на усогласените препораки на Комисијата, вчера предизвика бројни реакции во македонската јавност. Реагираа граѓани, историчари, лингвисти, а остри критики стигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Денеска со реакција се огласи и владејачкиот Демократскиот сојуз, кој предупредува на „грешки со историски димензии“ 

„Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил, и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија. Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет", се вели во партиската реакција.

Од ДС сметаат дека државата треба да ги процени сите ризици од прифаќање на решенијата на Комисијата за историски и образовни прашања, како и од продолжување на нејзината работа, особено што тие обврски се дел од Протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји и составен дел на Преговарачката рамка, кои Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските прооцеси на Македонија.

„Дополнително, ваквите решенија не водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес. Напротив, тие ќе ја продлабочат недовербата во целиот процес и ќе отворат многу други болни прашања на внатрешен план“, оцени ДС.