1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Бугарија: Можна ли е влада без Бојко Борисов?

1 октомври 2022

Во недела Бугарија гласа по четврти пат во последните 18 месеци. Земјата преживува долга внатрешнополитичка криза, а поради војната во Украина сѐ поголем е и расцепот меѓу прорускиот и проевропскиот табор.

https://p.dw.com/p/4HZYh
Бугарија Бојко Борисов
Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, според анкетите, ќе победи на изборите во БугаријаФотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

Во посткомунистичките децении во Бугарија политичката стабилност е реткост. Во меѓувреме, земјата се надмина и себеси со еден неславен рекорд: во недела на 2 октомври се одржуваат четвртите парламентарни избори во последните 18 месеци. По редовните избори во април 2021, тоа ќе бидат третите предвремени. Но, нејасно е дали тие ќе доведат до крај на политичката криза. 
Предвремените избори станаа неопходни по уривањето на либералната реформска влада на чело со премиерот Кирил Петков во јуни 2022 година. Владата беше формирана дури на крајот на 2021 година од хетерогена коалиција која ја сочинуваа две либерални партии- Промената продолжува и Демократска Бугарија, Социјалистичката партија на поранешните комунисти и популистичката Има таков народ. На почетокот на летото, популистите се повлекоа од коалицијата, а на 8 јуни на владата на Петков и беше изгласана недоверба. 

Корупција и недостаток на реформи

Бугарија сега е повторно пред голем предизвик: дали по изборите ќе добие владејачко мнозинство за да се протурка тешката зима, во време одбележано со војната во Украина, инфлација и високи цени на енергенсите? Тоа, по сѐ изгледа, не е на повидок, бидејќи речиси сите анкети, како и со претходните избори, покажуваат дека во парламентот ќе има од 6 до 8 партии, што ќе го отежне формирањето на стабилна коалиција. 
Победник во актуелната политичка криза е партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов- ГЕРБ. Борисов и неговата партија, во најголем дел, се виновни за актуелната криза, бидејќи во пролетта 2021 година, по повеќе од една деценија на власт, зад себе оставија ера полна со политички превирања, афери со корупција и нереализирани реформи. 

Коалиција без Борисов 

Но сега, партијата на Борисов повторно води на анкетите. ГЕРБ има поддршка од околу 24 отсто од испитаниците, што е за осум проценти повеќе од Продолжува промената на Кирил Петков. Борисов се надева на убедлива победа, но ГЕРБ сепак нема да има апсолутно мнозинство и ќе му биде потребен коалициски партнер.

Бугарија Промената продолжува Кирил Петков
Предизборен плакат на Промената продолжува на Кирил Петков во СофијаФотографија: BGNES

Од надворешно-политички аспект, ГЕРБ има јасна евроатлантска ориентација. Но другите две партии со таква определба, ПП на Петков и Демократска Бугарија не сакаат заедничка влада со ГЕРБ поради обвинувањата за корупција кон Борисов. Затоа, веќе на глас се размислува за коалициска влада на ГЕРБ, но без Борисов. 
Политологот Даниел Смилов е скептичен.
„Единствена грижа на ГЕРБ е да го заштити бизнисот на својот претседател. И сѐ додека Борисов е водечка фигура, ГЕРБ нема да може да подвлече црта под сопственото минато“, напиша Смилов во колумна за ДВ. 

Опасен национализам 

Гледано низ бројки, „евроатлантската коалиција“ би била можна, но само без Борисов. Неговата партија нема многу други опции, бидејќи по 12 години владеење, останатите мали партии повеќе не го гледаат ГЕРБ како можен партнер. На другиот крај на политичкиот спектар е опасен национализам со силни проруски акценти- чудна мешавина која многу Бугари би можела да ги одведе во рацете на крајно десната Преродба или да ги одврати од гласање. Таа партија ја води авторитарниот поддржувач на Путин, Костадин Костадинов, кој се бори против ЕУ и НАТО. Преродба би можела да оствари и двоцифрен резултат на изборите и со тоа да стане трета најсилна партија во парламентот. 

Гас и руско влијание 

Со тоа би се зголемил прорускиот притисок врз другите партии, како и врз општеството. Бидејќи, меѓу земјите-членки на ЕУ, Бугарија е најпријателски настроена кон Русија. Иако мнозинството Бугари се и натаму наклонети кон ЕУ и ја осудуваат војната во Украина, поделбите во општеството се видливи. 
„Во Бугарија традиционално секогаш постоеле силни проруски чувства. Многумина во Бугарија на Русија денес гледаат како на алтернатива на она што не им се допаѓа во западниот свет“, вели политологот Иван Крстев. 
Растечките цени на енергенсите и неизвесноста околу снабдувањето на земјата со гас од страна на Гаспром, исто така играат улога пред изборите. Гаспром во април годинава ги сопре испораките кон Бугарија, но лобито на Кремљ во земјата, партијата Преродба како и многу Бугари, бараат Софија да се смири со Москва и да побара нови испораки на гас.

Иван Крстев Бугарија
„Во Бугарија традиционално секогаш постоеле силни проруски чувства“, вели Иван КрстевФотографија: Nadezhda Chipeva

Колку се уморни гласачите? 

За составот на новиот бугарски парламент решавачка ќе биде излезноста на изборите. Колку е поголем одзивот, толку се поголеми шанси за создавање на владејачка коалиција на која нема да и бидат потребни помалите партии или националистите. Но, познавачите стравуваат дека гласачите, кои во последните 18 месеци четири пари излегуваа на избори, се веќе уморни и фрустрирани. 

Бугарија во непрекинат гласачки модус - од избори во избори 
Истражувачот на јавното мислење Андреј Рајчев сепак се надева на добра излезност.
„Воглавно се тврди дека овие избори ќе бидат исти како претходните. Но, тоа не е точно“, вели Рајчев за ДВ. Според него, Бугарите на претходните избори биле фокусирани само на сопствените, внатрешни проблеми. Но сега, во игра се проблеми кои ги надминуваат домашните граници: висока инфлација во Европа, галопирачки раст на цените на енегијата и војна пред вратите на Бугарија. 

Единство поради војната? 

„Поради тоа нашите, домашни проблеми завршија во втор план“, вели Рајчев. „Бугарија е мала, сиромашна, слаба и зависна, и во оваа ситуација Бугарите интуитивно чувствуваат дека треба да бидат обединети“. Политологот смета дека бугарските гласачи би можеле да им испратат јасна порака на политичарите: „Заборавете ги домашните бесмислици и кавги и обединете се, барем додека не заврши војната“. Дали оваа прогноза ќе се оствари ќе покажат изборните резултати кои ќе бидат познати веќе во ноќта од 2 кон 3 октомври. 

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.